Османи за МИА: Преку енергетската соработка со Грција значително се зголемува и општата соработка меѓу двете земји

t

 Се гледа една значителна трансформација на позитива во односите помеѓу Македонија и Грција што е особено важно во овој геополитички контекст кога е потребно да се направи диверзификација на изворите на енергија, истакна министерот за надворешни работи на Македонија Бујар Османи во разговор со дописничката на МИА од Атина и додаде дека преку енергетската соработка со Грција значително се зголемува и општата соработка меѓу двете земји, за која вели дека е одлична.

За време на еднодневната работна посета на Атина, Османи, освен со неговиот грчки колега  Никос Дендиас, се сретна и со министерот за животна средина и енергетика на Грција Костас Скрекас, а потенцира дека во изминатиот период „енергетската состојба е влезена сериозно во разговорите на министрите за надворешни работи и станува сè поважна тема во надворешната политика“.

-Се сретнав со министерот за енергетика прво да се заблагодарам за поддршката што ја добивме и ја добиваме од Република Грција, за соработката што ја интензивираме, но и да ги охрабрам дека преку енергетската соработка всушност значително се зголемува општата соработка помеѓу двете земји која што морам да кажам дека е одлична, вели Османи.

Со Скрекас разговарале  за повеќе теми кои што всушност се заеднички проекти, а се осврнале и на договорот меѓу премиерите на двете земји Грција да ја снабдува Македонија со лигнит, јаглен и мазут.

-Прво, во однос на ова што го прашавте за разговорот меѓу двајцата премиери за поддршката со лигнити, ме информираше министерот дека веќе првите камиони влегуваат во Македонија да го донесат потребниот лигнит за создавање на електрична енергија. Јас го информирав дека вчера на седница на Влада беше одобрен договорот за резервирање на капацитети за гас во рамките на договорот во однос на изградбата на интерконекторот, го информирав дека веќе процедурите се забрзуваат, дека очекуваме, во прашање се недели, НЕР да ги почне процедурите за избор на компанија која што ќе го гради интерконекторот што е од особено значење, а се разбира и за нашата инвестиција во ЛНГ терминалот во Александруполи, рече Османи за МИА.

Дополнително, станало збор и за грчките планирани инвестиции и учества во нашите хидро потенцијали и гасни централи, како и за регионалните проекти на Грција со Израел Египет и останатите држави од блискиот Исток за да се поврзе и да се снабди цела Европа, за кои министерот вели дека имаме и ние интерес во овие регионални проекти.

-Така да, сè на сè, се гледа една значителна трансформација на позитива во односите помеѓу Македонија и Грција што е особено важно во овој геополитички контекст кога е потребно да се направи диверзификација на изворите на енергија да се гарантира постојано снабдување, се разбира да се влијае на цените кое потоа ќе влијае на стандардот на граѓаните, истакна министерот.

На средбата во Министерството за надворешни работи на Грција, една од темите за кои разговараа шефовите на двете дипломатии беше и претседавањето со ОБСЕ, за кое Дендиас му упати честитки на Османи, посака успех, но исто така изрази убеденост дека ќе биде успешно и „Македонија ќе направи најдобро што може“, паралелно повторувајќи ја и грчката поддршка.

Османи за МИА вели дека го информирал грчкиот министер за нашите приоритети но и за да ги чуе размислувања и очекувањата на другата страна и „како ќе соработуваме за да ги постигнеме целите на организацијата“.

-ОБСЕ е навистина важно прашање за нас, затоа што го преземаме претседавањето во еден најкритичен момент за организацијата, од нејзиното основање во 1975 година до денеска и ќе биде навистина голем предизвик за државата. Една мала држава која што ќе ја раководи најголемата регионална безбедносна организација во услови на војна во Европа е предизвик, но се разбира и голема можност, истакна министерот.

Додаде дека ќе имаме шанса да покажеме кои сме, кои вредности ги претставуваме и што може да придонесеме на меѓународната сцена.

-Нашата приказна е уникатна. Ние сме функционална мултиетничка демократија од редок пример, не само од регионот туку и пошироко. Ние имаме добрососедски односи, култура на дијалог, култура на компромис што исто така не става како единствени во регионот и целото тоа знаење, целиот тој наш белег може да го пренесеме и преку организацијата и преку механизмите кои ги има организацијата. Ние работиме подолго време на овој проект на водење на организацијата, меѓутоа сепак ова е организација од 57 земји која што носи одлуки со консензус и одговорноста ќе биде наша во делот на фасилитирање и менаџирање на организацијата, но одговорност ќе има и секоја земја учесничка и затоа ми беше важно и грчкиот министер да го информирам за нашите приоритети, да видам кои се нивните размислувања и очекувања и како ќе соработуваме за да ги постигнеме целите на организацијата, објасни Османи за МИА.

Посочи дека целите на организацијата се да се промовира дијалогот, да постои сеопфатен пристап кон мирот и кон безбедноста „и се разбира да видиме како можеме да придонесеме за војната во Украина да прекине и да ги задржиме т.н. конфликти во регионот на ОБСЕ да не избувнат повторно“.

(МИА)

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Силен земјотрес во Грција

Земјотрес со јачина од 4,1 степени според…

Ова се најзадолжените држави во ЕУ!

Долгот во еврозоната е во пораст, покажуваат…

Грција потпиша договор за набавка на 20…

Грчката влада официјално ја финализираше својата намера…

(Видео) Страшна несреќа во Грција – 3агинаа…

Тешка несреќа околу пладне се случила во…

Силен земјотрес ја стресе Грција

Земјотрес со јачина од 4,5 степени според…