Останува да се врати уште споменикот на Сарафов: Груевски го поздрави враќањето на Ќосето

t

Поранешниот премиер Никола Груевски, под чие владеење беше поставен споменикот на Ќосето, го поздрави поставувањето на неговиот споменик, откако претходната влада го извади. Сега вели, треба да се врати уште споменикот на Борис Сарафов.

„Денес конечно, иако со поголеми задоцнување, повторно во Скопје се постави споменикот на Андон Лазов Јанев, познат како Ќосето или Касапот (1855 – 10 септември 1953) — македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење кон крајот на XIX и почетокот на XX век и активен учесник во Илинденското востание кога заедно со Ѓорче Петров, Пере Тошев и Лука Иванов предводи чета во Прилепско.

Ќосето најпрвин бил многу доверлив терорист на Организацијата и бил одговорен за еден многу тежок, многу ризичен и многу чувствителен дел на судските пресуди на ВМРО, поточно тој ги извршувал голем дел на одлуките на ЦК на ВМРО, односно смртните пресуди.

Ќосето бил многу близок и многу доверлив соработник на Гоце Делчев, Даме Груев, д-р Христо Татарчев, Јане Сандански, Ѓорче Петров, Пере Тошев, Борис Сарафов и други првенци на Органзиацијата, а подоцна и самиот војвода на чета на ВМРО.

Сега преостанува уште враќањето на споменикот на еден од трите водачи на Илинденското востание храбриот и харизматичен Борис Сарафов кој беше поставен помеѓу зградите на Министерството за надворешни работи на Македонија и новата зграда во изградба на народната банка.

Споменикот беше поставен токму таму исто така со значајна симболика.

Борис Сарафов е веројатно меѓународно најактивниот од високите редови на Органзиацијата патувајќи често низ европските држави заради лобирање (симболика е зградата на МНР), и веројатно во времето во кое живеел, тој најмногу обезбедил пари за Органзиацијата (симболика е народната банка).

Борис Сарафов за жал сеуште дел од македонската јавност го доживува како контроверзен, пробугарски или како врховист, пред се заради две причини.

Првата е што комунистичката историографија сите припадници на десницата на ВМРО најчесто неоправдано ги портретира така. Да тој не само што бил врховист, туку бил на чело на Врховниот македонски комитет (ВМК), но во тоа време кога тој е на чело на ВМК тој работи во полза на ВМРО и ја снабдуваа со пари и оружје, па ВМРО И ВМК биле како едно исто.

Втората причина е што за жал многу мал дел од Македонците читаат книги со научна историска содржина и се лесно поводливи на лажни пропаганди, и идеолошки обременети историчари.

Овој споменик на Борис Сарафов изработен од скулпторката Валентина Каранфилова Стефановска, висок е пет метри и со постамент висок три и половина метри. Споменикот беше поставен, а неколку години подоцна привремено со троен писмен договор помеѓу градот Скопје, народната банка и фирмата Бетон АД Скопје беше привремено дислоциран во магацин на АД Бетон во Скопје, каде се наоѓа и сега. Времената дислокација беше неизбежна заради потреба на поширок празен простор при копањето на градежна јама, и потребата да поминуваат и маневрираат на тоа место голем број градежни камиони и друга тешка градежна механизација намената за градбата на новиот објект на народната банка на Македонија.

Со обзир дека карабината на народната банка веќе е изградена и нема потреба од тешка градежна механизација и толку голем број градежни камиони, веќе се создадени услови за враќање на споменикот на местото каде припаѓа.

Иако не е вратен на истата локација пред комплексот судови, каде што споменикот на Ќосето беше поставен заради симболиката, затоа што не само што лично извршил огромен број смртни судски пресуди на ВМРО, преку 100, туку подоцна и самиот учествувал во некои судења на престапници на Организацијата, сепак враќањето на споменикот макар и на друга фреквентна локација, е потег за поздравување на градот Скопје и советот на градот Скопје.

Читајќи ги различните коментари на разни личности од Македонија кои Ќосето го нарекуваат убиец, останува истите тие луѓе да одговорат две прашања:

1. Дали сите комити, војводи, а потоа и македонските партизани, кои секако во револуционерната борба за слобода вршеле физички елиминации на легитимни воено, безбедносни и политички непријателски цели на оние кои ги сметале за окупатори, треба да се наречат убијци, и така да ги впишиме во историските книги и учебниците, и доколку одговорот е негативен, да одговорат што е разликата помеѓу “убиствата” на сите наведени од една страна кои пукале и убивале во револуционерната борба за слобода и независност и Ќосето од друга страна, кој го правел истото.

2. Дали оние кои ги носеле смртните судски пресуди и одлуки на Организацијата, како Гоце Делчев, Дамјан Груев, Христо Татарчев и другите, по истиот терк треба да ги наречеме “инспиратори и нарачатели на убиства” во нашите учебници и историски книги, бидејќи Ќосето ризикувајќи го сопствениот живот без исклучок исполнувал нивни одлуки, преточени во одлуки на Органзиацијата, вршејки физички ликвидации на легитимни цели по веќе донесена судска одлука на Органзиацијата, односно на најголемите првенци на македонската револуционерна борба за слобода.

По таа аналогија, дали и водачите на НОБ како генерал Михајло Апостолски, Петре Пирузе Мајски и повеќе други се “инспиратори и нарачатели на убиствата” извршени од илјадници партизани во втората светска војна?

За крај ќе потсетам на телеграмата на Андон Лазов Јанев – Ќосето испратена на 9 јуни 1948 година до Лазар Колишевски со следната содржина:

„Јас како воен другар на Гоце Делчев и Јане Сандански го поздравувам Вашиот историски говор на Вториот конгрес на Народниот фронт, во којшто ние гледаме надеж дека наскоро ќе се исполнат идеалите на нашиот македонски народ, да живее – еднаш засекогаш, под еден покрив.

Андон Ќосето“

Националистите кај нашиот источен сосед и нивните перјаници во Македонија немајќи аргументи за оваа телеграма на Ќосето, кого како и сите македонски револуционери го квалификуваат како личност што се борел за интересот на Бугарија, го квалификуваат овој негов чин како дека тоа го направил во состојба на непресметливост, бидејќи кога ја испратил телеграмата тој веќе бил во поодминати години, па демек не знаел што зборува.

Во неа тој многу јасно и децидно потенцира “македонски народ” и ги дефинира “идеалите на македонскиот народ” велејќи: “…да живее – еднаш засекогаш, под еден покрив”, мислејќи на негово обединување, на трите дела на Македонија.

Тој се обраќа на политичкиот водач на слободна Македонија во тоа време, и го изразува својот восхит.

Се разбира тоа тврдење за тоа дека затоа што бил многу стар не разбирал што говори не е точно.

Вистината е дека токму во тоа време кога Бугарија предводена од Ѓеорги Димитров го признава македонското малцинство во Бугарија и македонската нација и народ во целина, му ги дава сите права на македонското малцинство во Бугарија и доаѓа до една културна и образовна автономија на македонците во Бугарија, и културно образовно обединување, Ќосето кој од повлекувањето од активна борба и тогаш живеел во градот Горна Џумаја, Бугарија (од 1950 година преименуван во Благоевград), конечно се чувствувал слободен и без ризик по својот живот слободно и јавно да каже за што се борел и го ризикувал својот живот тој лично и неговите соборци од Внатрешната Македонска Револуционерна Организација!“, напиша тој.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Останува да се врати уште споменикот на…

Поранешниот премиер Никола Груевски, под чие владеење…

Поништена јавната набавка на 120 автобуси!

Министерството за транспорт ја поништи јавната набавка…

ЕУ: Temu продава небезбедни производи и го…

Кинеската онлајн платформа Temu е обвинета од…

Трамп тврди: Моето претседателство спречи 6 големи…

Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека неговото…

Здружението на инженери на Македонија со итно…

Денеска до Владата на Република Северна Македонија…