Отворено писмо на Сотир Костов до Димитар Апасиев

t

Отворено писмо

За професорот, лидер и пратеник Димитар Апасиев

/Политика, култура, образование, морал и социјализација/

Почитуван професоре Димитар Апасиев, почитуван лидер на Левица и почитуван пратеник во Собранието на Република Македонија, ви пишувам отворено писмо, за кое вие ми дадовте повод. Бидејќи е евидентно и неспорно дека сте голем љубител на еристиката (реторичка вештина за препирање, расправање, кавга), а богами и личност која во последно време посегнува кон непримерено однесување и насилие (кршење на материјални добра во Собранието, и обид за физичка пресметка со колеги пратеници), и притоа секогаш со желба да сте во право, вие и единствено вие, без оглед на фактите, аргументите, контекстот и вистината. Одлучив да ви укажам дека како професор и едукатор на студенти, како лидер и предводник на политичка партија и како пратеник, кого го бирале граѓани-избирачи, треба да сте повнимателни, попретпазливи и поодговорни, што зборувате и како се однесувате во јавноста.

Зошто го нагласувам ова на личност која е три во едно- професор на факултет, лидер на партија и пратеник во Собрание? Најпрвин, за да ве потсетам дека политиката како дејност на јавно одлучување за сите работи кои се однесуваат на опстанокот, функционирањето и развојот на општествената заедница, има три конститутивни области: владеење, интерес и јавност. И сега, ќе владееме преку кавги, навреди и насилие, а сме професор едукатор? Тоа ли е примарниот интерес на Левица? Дали е педагошки и сообразно со демократијата, еден пратеник на јавноста да и испраќа слики на политичар, кој навредува, пцуе и сака физички да се пресметува? Не, секако не!

Понатаму, треба да знаеме дека бавењето со политика е имање на визија, дефинирање на цели, но и трагање по најсоодветните начини за остварување на тие цели. Ваков аналитички, но истовремено и историски приод кон поимот и суштината на политиката имале повеќе познати автори кои ја проучувале природата на политиката. Секако прв меѓу нив е Аристотел со својата „Политика”, но тука се и Макијавели со „Владетелот”, Хобс со „Левијатан”, Спиноза со „Политички трактат” и „Теолошко – политички трактат”, Русо со „Општествениот договор” и други. Сите тие зборуваат за вештината на воспоставување на стабилно општество, човековата слобода, правдата и остварувањето на демократскиот идеал. Тоа значи дека мислителите низ вековите што поминале се обидувале да ја дефинираат политиката и да ја определат политичката сфера, сакајќи да докажат дека политиката има специфични карактеристики и своја автономија. Но, денес, оваа констатација за политиката, од реалноста е доведена во прашање – како фактички, така и правно. Во овој контекст граѓаните се повеќе мислат дека денешната политика е повеќе авторитарна, напати и тоталитарна, а помалку демократска. Се повеќе се појавува потребата за повикување на моралот и/или правото во одбрана од политиката. Ваквите критики на политиката се основани и бараат повторно воспоставување на врската помеѓу политиката и човекот, како и помеѓу политиката, моралот и општеството.

Продолжуваме понатаму, со нагласката дека трите напреднаведени области на современата политика(владеење, интерес, јавност) имаат свои структурни специфики и секоја од нив изразува по еден карактеристичен и препознатлив политички феномен. Така, владеењето се препознава во политичката моќ, интересот се остварува преку политичката партиципација, а јавноста е карактеристична за политичката комуникација. Исто така, владеењето се потпира на систем на институции и установи на извршната, управната и судската власт (држава во потесна смисла на зборот), интересот се реализира преку претставничките тела, а јавноста функционира врз основа на непосредната и посредната комуникација на граѓаните. Сите институции и дејности во овие три области подеднакво се нарекуваат политички.

Политиката на современиот актуелен момент претпоставува меѓусебна рамнотежа на наведените три области, а секоја област посебно има јаки причини за постоење: владеењето во поредокот, интересот во потребите и јавноста во слободата. Така, кога причините на поредокот, надвладеат над причините на потребите и слободата, политиката добива авторитарна арома. Исто така, кога целокупната политика се претвори во посебни интересни застапувања, во опасност се доведува одржувањето на целината на општествената заедница. Сепак, во современите општествени заедници, безмалку секогаш постои надмоќ на едната област на политиката над другите две останати. Најчесто се случува владеењето да ги потисне и притисне областите на јавноста и интересите. Затоа и современата политика ја карактеризираат политички борби, движења, процеси и судири за подобро претставување и поголема политичка слобода. Но, не и насилие, физички пресметки и анархија. Професоре, зарем на вас, кој сте универзитетски професор-едукатор, тоа да ви го објаснувам? Не, нема потреба, вие тоа многу добро го знаете.

И можеби за пред крај, не е лошо да се потсетиме дека политиката има средства на политичко дејствување. Тие се економски, правни, морални, пропагандни, воспитни, образовни и други. Во нив нема насилие и физички пресметки. Сепак, најспецифично средство на политиката е државата. Посебно социолошко обележје на политиката е идеологијата. Идеологијата е збир на идеи за политиката и општеството, поточно идеи за правецот и насочувањето на општеството. Овде користам прилика, како лидер на Левица, да ве прашам која и каква е идеологијата на Левица? Имате ли Доктрина(политичка) за дејствување?

По својата природа, како формулација на одредени цели, политиката делумно е неостварлива – ветување без покритие. Токму затоа водењето на политиката е вештина со многубројни психолошки моменти. Оваа вештина, многу често, вклучува и неморални и брутални средства. Какви средства ќе бидат употребени во остварувањето на политиката зависи од политичката култура и политичката социјализација.

Политичката култура е култивирана, општествено и индивидуално прифатлива употреба на политичките средства од страна на политичките субјекти во остварувањето на политичките цели. Политичката култура често се доведува во врска со политичката борба, со цел, во мерка во која е возможна, политичката борба да се стави во границите на културното, што значи прифатливо и достојно политичко однесување, како за човекот така и за општеството во целина. Тука некаде се доближуваме до односот на политиката и образованието, како двонасочен однос – политиката како домен на образованието, и образованието како домен на политиката. Но, за тоа во вториот дел од ова мое писмо, кое следува за некој ден.

Ете, почитуван Апасиев токму ова се бара од вас, како професор, лидер и пратеник. Сега-за-сега, не одговарате на овие обврски на ниво на кое се очекува од еден професор, лидер и пратеник. Чинам, да не речам, сигурен сум дека со ништо не ве навредив со ова мое писмено обраќање до вас. Морам да признаам дека на еден начин морално беше. Да не заборавиме дека јас како политички аналитичар во изминатиот период коректно ја поддржував Левица како помлад политички субјект на политичката сцена во Македонија, и не ми е сеедно каква е вредносната и морална вертикала не нејзиниот лидер – Димитар Апасиев.

Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Отворено писмо на Сотир Костов до Димитар…

Отворено писмо За професорот, лидер и пратеник…

Мицкоски, Милошоски, замената во судскиот систем со…

Претседателката на Судскиот Совет Весна Дамева во…

Бајден: Русија изврши ужасен воздушен напад врз…

Русија изврши ужасен воздушен напад врз Украина…

(Видео) Сè потензично во Грузија, протестите жестоки!…

Грузиската полиција рано утринава уапси истакнат опозициски…

ЕК ја суспендира исплатата на втората транша…

Европската комисија реши да ја стопира исплатата…