Откупната цена пониска од трошоците! Протестираат оризопроизводителите од Кочанско

t

Со трактори и друга механизација земјоделците од кочанскиот регион денеска повторно ја блокираа едната коловозна лента од магистралниот пат Кочани – Штип за да го искажат незадоволството од ниските цени по кои се откупува оризот.

На протестот во селото Облешево нагласија дека наместо за празнично одбележување, принудени се токму на овој ден да излезат на улица и да бараат праведно вреднување на нивното производство. Со актуелните откупни цени имаат загуба од најмалку 50 евра по единица површина, поради што оризопроизводството нема економска оправданост.

-Ние сме единствените производители што не бараме помош од државата, ниту субвенции, ниту друга поддршка. Нека ја добијат други, а нашето единствено барање е откупувачите да дадат по 40 денари за килограм арпа и нека си ја земат маржата од пет денари. Бараме достоинствена цена, за да живееме и да ги сервисираме основните потреби, истакна Здравко Арсов, член на Иницијативниот оброз за спас на оризопроизводството.

-Зачудува фактот што нема никакви резултати од разговорите со откупувачите, со надлежните институции и со ресорното министерство, иако пред три недели беше утврдена производната цена, што изнесува 27 денари за килограм арпа. Откупот се одвива по цени од 22 до 25 денари, што е недозволиво, поради што стагнира и жетвата на оризот. Во изминатите години во овој период имаше прибрано веќе половина од реколтата, а до денеска имаме ожнеано околу 10 отсто од површините. Со оглед на цените на берзите, кои скокнаа за 20 отсто, а во Италија, на пример, во овој период арпата се откупува до 2.800 евра по тон, што е историски највисока вредност, несфатливи се рекордно ниските откупни цени кај нас. Некоординираноста меѓу откупувачите, Министерството и земјоделците, како и непочитувањето на Законот за земјоделство и рурален развој, кој на извесен начин го дефинира откупот на сите земјоделски производи, доведува до ваква хаотична ситуација, во која непосредните производители се доведени во услови да не можат да опстанат, истакна Ставре Јанев, претседател на Самостојниот синдикат на индивидуални земјоделски производители од Кочани.

Иако жетвата на оризот е во тек, земјоделците рекоа дека се разочарани и незаинтересирани да го приберат родот, а ако не се најде решение што ќе ги задоволи и нивните потреби, тогаш оризот на ова подрачје во наредните години ќе престане да се сее и сосема ќе исчезне.

-Имаме сознанија дека трошоците за новата производна сезона ќе бидат уште поголеми, се најавува дека вреќа ѓубриво од 25 килограми ќе се продава по 2.500 денари, поради што ќе мораме да ги напуштиме нивите и да бараме спас во друга дејност. Ако еден земјоделец престане да ја обработува нивата, тој веќе никогаш не се враќа на неа, за што имаме многубројни примери во овдешните села. На плодните површини расте трева и трска, а таквата слика ја гледаме сè повеќе во изминатите две-три децении, истакна Стојче Ташовски, оризопроизводител од Облешево.

Оризопроизводителите најавија дека протестите ќе продолжат и во наредниот период, а дополнително ќе се координираат дали тоа ќе биде преку еден ден или најмалку еднаш неделно.

Извор: Слободен печат

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Видео) Крмов на протест со пензионерите –…

Денес пред Собранието на Република Македонија повторно…

(Видео) Здружението „Лесја Украинка“ изразува протест за…

Здружение на Украинци во Република Македонија „Лесја…

Вработените од Еуроникел го блокираа патот Кавадарци…

Веќе 6 месеци  трае преписката на синдикатот…

(Фото) Протест на судската и јавнообвинителска служба,…

Вработените од судската и јавнообвинителската служба, Фондот…

Жители на Финска протестираат поради затворањето на…

Граѓаните на Лапеенранта во Финска рекоа дека…