ОЈО ги потврди информациите на Инфомакс: Синот на Боро Стојчев ги носел парите кај врховниот судија Георгиев
Основното јавно обвинителство ги потврди информациите на Инфомакс.
Во денешното соопштение за јавноста на ОЈО во врска со апсењето на вровниот судија Наке Георгиев и членот на Советот на обвинители, Иџет Мемети, од Обвинителството велат дека судијата Георгиев е фатен при вршење на кривичното дело, односно при земањето на пари од пријавителот (кој е син на Боро Стојчев и кој барал поволности за неговиот татко) по што бил спроведен во полициска станица.
– Според сознанијата добиени од пријавителот, првоосомничениот користејќи ја својата службена положба и претпоставено влијание лажно ветувал погодности за обвинет (татко на пријавителот) во друга постапка што се води пред Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, и лажно прикажале дека ќе извршат влијание заедно со второосомничениот. – велат од ОЈО.
Синот на поранешниот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев, во јавноста познат како „Боро Марлборо“ му ги носел парите на денеска приведениот судија во Врховниот Суд, Наке Георгиев, објави вчера Инфомакс.
Инаку, Боро Стојчев претходно беше осуден на 18 месеци затворска казна поради шверц на цигари, но од затвор излезе по половина година поради намалување на казната, за кратко потоа да биде поврзан со дилери на дрога.
“Се поставува прашањето, дали на Боро Марлборо му беше намалена казната за шверц на цигари за да излезе на слобода и да може да тргува со дрога? Дали Боро Марлборо работел под директива или заштита на некој од власта“ – прашуваа од ВМРО-ДПМНЕ на партиски прес-конференции во март минатата година.
Според информациите на Инфомакс, Боро Стојчев и претходно се обидел да стапи во контакт со врховниот судија Георгиев со цел да добие негова помош за случај, по што неофицијално бил одбиен од Георгиев.