ОЈО ГОКК постапува по кривична пријава против Бојан Христовски за саботажа во Агенцијата за национална безбедност
Кривична пријава за саботажа, злоупотреба на службена положба и овластување, оддавање на службена тајна, лажно пријавување на кривично дело и помагање е поднесена против директорот на АНБ, Бојан Христовски, како и десетина други Н.Н лица вработени во Агенцијата за национална безбедност, дознава Инфомакс.
Во кривичната пријава која е анонимна се наведува дека „првопријавениот Бојан Христовски во својство на одговорно лице на правното лице Агенција за национална безбедност на РСМ како самостоен орган на државната управа … свесно занемарувајќи ги и пречекорувајќи ги своите службени овластувања и обврски од член 12, став 1, алинеја 2,5 и 8) од законот за АНБ на РСМ, со кои бил должен да организира и обезбедува законито и ефикасно вршење на работите од надлежност на Агенцијата и да се грижи за заштита на податоците, средствата, методите и изворите на податоци на АНБ од неовластен пристап, организирал и овозможил подготвување на извршување на кривично дело „лажно пријавување на кривично дело“ кое знаел дека не е сторено и се гони по службена должност; преку овозможување на оддавање на службени тајни на неповикани лица и на јавноста во негови јавни изјави за кои знаел дека се невистинити и без демантирање на невистинити информации пренесени во медиумите, предизвикал и нанел непоправлива трајна штета на оперативното работење на Агенцијата за национална безбедност, на безбедносниот систем и свесно ги загрозил стратешките линии на работа од надлежност на Агенцијата, ја загрозил безбедноста и идентитетот на работниците, тајните извори и методи на податоци на трети лица во интерес на обезбедување на корист за други, со рушење на кредибилитетот и целите за постоење на Агенцијата за национална безбедност“ – стои во кривичната пријава.
Понатаму, се наведува дека Христовски „како резултат на кривичните дела што ги сторил поттикнал, помогнал, извршил наведување на претставници на извршната власт (Владата и членови) да го помогнат и продолжат извршувањето на кривичното дело саботажа на АНБ како самостоен орган“.
За останатите лица во кривичната пријава се наведува дека свесно прифатиле извршување на незаконити наредби од првопријавениот Христовски, во временски период од октомври 2024 година до јули 2025 година.
Според кривичната пријава Бојан Христовски „свесно и со умисла ги злоупотребил своите службени овластувања од законските и подзаконските акти и од второпријавените формирал група кој со извршување на незаконити наредби во внатрешната контрола на АНБ, им овозможил и дозволил за целите на лажно пријавување на кривично дело неовластено да дознаваат, да се запознаваат со податоци и информации од делокругот на работа на други оддели на Агенцијата во кои немале и немаат право да имаат увид и со помош на добиени сознанија за истите продолжиле да се извршуваат незаконити дејствија за цели кои не се во согласност со Законот за АНБ и други закони“.
Според текстот на пријавата пријавените оддале службени тајни, неовластено имале пристап до податоци и свесно извршувале кривични дела, а откриени биле и идентитети на вработени во АНБ.
Во образложението на кривичната пријава се наведува дека директорот Христовски не го извршил своето законско овластување и обврска за доставување на Извештај за работата за 2024 година и тековната 2025 година до Комисијата за надзор над работата на АНБ и АР во Собранието, ниту пак пријавил незаконско работење или пропусти и неправилности во работата на АНБ.
Исто така се наведува дека Христовски го отстранил од работа единствениот вработен во организациската единица за внатрешна контрола, со што оневозможил усполнување на минимум законско постапување. Дополснително, во образложението се наведува дека податоци им биле давани на неовластени лица , а во нив имало имиња на тајни соработници, работници на АНБ и трети лица кои согласно закон ниту можеле, ниту имале право да ги знаат.
Зачудувачки е што информации за работата на АНБ добивало и лице кое се наоѓа на Црната листа на САД.
Според информациите со кои расолага редакцијата на Инфомакс, лицето кое се наоѓа на Црната листа на САД, а добивал информации за работата на АНБ, е и познат македонски бизнисмен.
Дополнително, во кривичата пријава за делото „помагање“, според информациите во коишто имаше увид редакцијата на Инфомакс, кривичната пријава го терети директорот на АНБ, Бојан Христовски дека на бизнисменот кој се наоѓал на Црната листа на САД, му ветил отстранување од листата на закани по националната безбедност на државата за одредена награда.
Лицето е отстрането од листата на Следење на АНБ, а во друга издвоена кривична пријава Христовски заедно со уште едно лице вработено како советник на претседателот на Владата, се обвинети дека примиле награда за ова дејствие во вредност од неколку стотици илјади евра, како и недвижнини.
„Со поднесување на оваа кривична пријава, бараме ЈО на РСМ да постапи согласно своите надлежности во Законот за јавното обвинителство, Кривичниот законик и Законот за кривична постапка, односно предметното постапување на оваа кривична пријава да го довери на постапување на ЈО од ЈО на РСМ и итно и навремено, согласно член 28, став 2 од Законот за јавното обвинителство да спречи незаконско постапување на подредено ЈО (ОЈО ГОКК – Одделение за гонење на полициски службеници и припадници на затворска полиција) за прашања од надлежност на ЈО на РСМ и Врховниот суд на РСМ по Законот за АНБ; свесно и законито да ги цени одредбите од оваа кривична пријава да ги испита и попречи незаконитите дејствија на првопријавениот, имајќи го во предвид битието на кривичното дело саботажа од член 315 од КЗ, како сериозно дело против државата и вредностите кои се штитат, а се во функција на целите на основање на АНБ.“ – стои во кривичната пријава.
Инфомакс се обиде да го контактира директорот на АНБ, Бојан Христовски, но истиот не одговори на нашите пораки и повици. Доколку добиеме одговор од негова страна, истиот ќе биде соодветно објавен како дополнување на овој текст.
Од ОЈО ГОКК за Инфомакс потврдуваат дека на почетокот на октомври до Обвинителството е пристигната наведената кривична пријава, предметот е распределен кај јавен обвинител и по истиот се постапува.
Согласно Кривичниот законик, за кривичното дело „саботажа“ предвидена е затворска казна од најмалку три години.

За „злоупотреба на службената положба и овластување“ член 353 став 1 предвидена е затворска казна од шест месеци до три години.

За „оддавање на службена тајна“ предвидена е затворска казна од три месеци до пет години.

Од три месеци до три години затворска казна е предвидено за „лажно пријавување на кривично дело“.

За „помагање“ КЗ предвидува дека тој што на друг со умисла ќе му помогне во извршување на кривично дело ќе се казни како да го сторил самиот, а може да се казни и поблаго.
Ова не е прва кривична пријава за директорот на АНБ. Христовски претходно имаше кривична пријава во врска со лажниот ТОЕФЛ сертификат од Бугарија, која обвинителството ја отфрли.
Покрај лажниот ТОЕФЛ сертификат, Инфомакс претходно објави и за спорни елементи од образованието на Христовски.
А.Митовски
А.Петровска
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
ОЈО ГОКК постапува по кривична пријава против…
Кривична пријава за саботажа, злоупотреба на службена…
Петровска повика директорите на АНБ и сите…
Пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, на гостувањето…
Петровска: АНБ не е своина на политичка…
Ставот на СДСМ е сакаме да има…
Седницата на комисијата за надзор над работата…
Ве известуваме дека Комисијата за надзор над…
ОЈО ГОКК и АНБ договориле „динамика за…
Заради зголемениот интерес на јавноста во врска…