Павел Шатев за Македонската кауза – со мисли и дело
Овој есеј ќе го започнам со парафразирање на мислата изречена од академик Ѓорги Ефремов во врска со судбината на Павел Шатев, во смисла дека должност на македонскиот народ, би рекол и на македонската држава(историографија, новинарство, публицистика, правосудство, политика) е да фрли светлина врз прикриените причини поради кои без објаснување Шатев е отстранет од јавниот живот на Македонија. Македонија за која се борел, бил затворан, страдал и на крајот починал. Наша света должност е да исправиме неправдата што му била нанесена на Шатев. Мораме да расветлиме и појасниме зошто тој бил доведен во ситуација својот живот да го заврши на недостоен начин – онеправдан, изолиран, осамен, напуштен од сите. Должни сме научно, аргументирано и со факти да го дообјасниме неговиот бурен и интересен живот, а неговото богато и големо револуционерно дело да го доближиме до секој Македонец кој сака да ја знае вистината за своите намачени и онеправдани синови кои се вградиле во темелите на револуционерното дело и државноста на Македонија.
Уште во 1925г. Шатев јасно, недвосмислено соопштува дека “…Македонското дело е национално, се развива самостојно, оди кон својата национално-политичка и економска независност, кон своето издвојување во одделна национално-поличка единица, кон своето државно единство…“ (Македонско дело, Виена, 25 октомври 1925). А веќе следната година(1926г.) уште поодлучно ќе ја дообјасни својата позиција и својот став “…Идеалот на Македонците е создавање на една татковина, одделна македонска држава, со македонска нација, со своја историја и со свој самостоен политички и културен живот…“(1926г.). Македонскиот Олимп го достигнува изјавувајќи “Јас сум Македонец и се занимавам со македонските работи, не сум комунист“ (Изјава на судење во Софија, јуни 1942). Со оваа мисла Шатев дефинитивно потврдува дека тој својот живот го посветил на Македонија, на македонските работи, т.е. македонското дело.
А дека цел живот се борел за слободна, независна Македонија, потврдува и две години подоцна велејќи “По заседанието на АВНОЈ и решението на АСНОМ, Македонија е веќе слободна како рамноправен член на братската заедница на југословенските народи. Тоа е историски пресврт во животот на македонскиот народ. Македонија со векови била под туѓо ропство – римско, византиско, турско, а во последните сто години под владеење на турската, српската, грчката и бугарската власт, изложена на навидена експлоатација и асимилација. Денес имаме македонска држава и македонски книжевен јазик. Никогаш националното сознание на македонскиот народ не било толку издигнато, патриотизмот толку голем. Македонскиот патриотизам ги обединува сите националности, Албанци, Турци, Власи, Евреи и др.“ (Напис “Македонската држава, нација, култура“, Нова Македонија, декември 1944). Повеќе од јасно е неговото национално(македонско) чувство. Очебиен е неговиот патриотизам. Приврзаноста кон македонската нација и македонизмот е видлива и недвосмислена.
Инаку тој бил и голем противник на мрачните идеологии, на шовинизмот, национализмот и фашизмот и нивни жесток критичар. Потврда за тоа се и неговите зборови “Еден од најважните корени на сите национални несреќи и катастрофи што му се случуваа на бугарскиот народ во последните десетлетија лежи во великобугарскиот шовинизам, бугарската идеологија и политика на Балканот и владеењето над соседните народи“ (Говор одржан на 08 декември 1944г. во кино-салата “Славјанска беседа“, Софија)
Конечно, родољубието, не само со зборови, туку и на дело го покажа кога ја напушта Бугарија и доаѓа во слободна Македонија, при што изјавува “Јас како партиски неопределен, уште со ослободувањето од затвор разбрав оти треба и сум должен да останам во Македонија, каде што сум роден и за што работев и толку пати го ризикував животот, и не само со зборови туку и со дела. Треба да го покажам моето гледиште за правилно и единствено решавање на македонското прашање. За македонското прашање друг правилен пат немаше и не можеше да има освен историското решение на АВНОЈ во Јајце. Јас по македонското прашање претендирам да давам ум, совети, зашто македонското прашање го знам подобро од секој“. (Ноември 1944г. при враќање во Македонија, заедно со македонските револуционери а.Мартуклов, Крсто Гермов – Шакир Војвода, А.Митрев, А.Динев, П.Шанданов, Пехчево)
Со манир на искусен ретор ги искажува и своите благородни мисли и ставови за македонската историја и култура, за македонскиот јазик и македонската писменост “Ние сме мал народ… но со гордост се кажуваме Македонци и сме веќе нација со своја територија, свој јазик, наше економско единство, наша македонска култура. Во минатото, во далечното минато и ние сме дале нешто крупно во историјата. Македонците се први од сите Јужни Словени што ја примиле цивилизацијата и создале своја писменост, која е лулка на писменоста, како на Бугарите, така и на Србите, на Русите, на Украинците и на други“.(На седница на Уставотворно собрание, ноември 1946)
Што уште да се каже за овој голем син на Македонија?
Во книгата “Македонија под ропство“, Шатев во стил на македонски социолог, искажува најслободарски и најхумани мисли. Во стилот на револуционерен филозоф покажа дека животот е борба и единствено има смисла кога непрекинато се исполнува со битна и есенцијална содржина. За него целта на животот не беше само голиот успех и посакуваната слава. Напротив, тој е пример за активизам, прагматизам и создавање на нови вредности, за остварување на замислените идеали и реализирање на поставените цели.
Со своето национално дело потврди дека секој национален деец, каков и да е, при какви услови и да е поставен, ако општиот интерес секаде и секогаш го поставува над личниот и се воодушевува од идеалот, секаде и секогаш со сè во животот може да е полезен на својот народ – во случајот македонскиот народ. Тој е реалност, мит и легенда дека секој револуционер конспиратор, и покрај сите незгоди, случајности, непријатности, пречки, може да успее само при еден-единствен услов, ако секогаш и насекаде, по каков и да било повод, случај или собитие, е подготвен да стави крај на својот живот, да умре без да се плаши од смртта, којашто не се знае кога и како ќе дојде.
Шатев се покажа и како идеолог, теоретичар, но и деец-докажан практичар, изјавувајќи “Не се револверите, пушките, бомбите или огнените машини, тие кои даваат сила во борбата, туку напротив – само идејните побуди, личниот пример, решителноста, смелоста и бестрашноста на револуционерот се оние што на крајот секоја замисла и, секоја борба ја венчава со успех – било по планини и полиња, било по села и градови. Тоа може да се постигне само кога се има полна свест дека општото добро треба да биде пред сè и над сè наш раководител при нашето беспоштедно служење на татковината“. (Извадоk од мемоарсkиот труд на Павел Шатев, “Вo Makeдoниja под ропство”, трето издание, издава Отеч. фронт, Софија, 1983 г.)
Се е кажано и се е јасно – кој бил Павел Шатев и за што се залагал и борел цел живот.
Потпис на Павел Шатев

Пишува: Сотир Костов
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Видео) Аеродромот во Тел Авив во пламен,…
Израелските одбранбени сили (ИДФ) денес објавија дека…
ДУИ: Злоупотреби на средства од буџетот на…
УИ изразува длабока загриженост за најновиот скандал…
(Видео) Крмов: Имаме скржава власт која одвои…
Пратеникот Борислав Крмов од Левица на седницата…
Сите на одмор: На „Табановце“ и „Богородица“…
На граничните премини „Табановце” и „Богородица”, времето…
Иран со ново предупредување: Следуваат уште поостри…
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан испрати силна порака…