Пендаровски: Демократијата мора да надвладее над автократијата, неопходно е да се стави крај на војната

t

Не сум загрижен дека трансатлантското и паневропското единство и солидарност ќе го имаме и годинава, но се прашувам дали ќе се задржи и кога војната во Украина ќе заврши, а тоа е клучно за да надвладее демократијата над автократијата, истакна претседателот Стево Пендаровски на денешната панел сесија „Во одбрана на Европа“, што се одржува во рамките на Светскиот економски форум во Давос.

– Сакаме војната да заврши уште денеска, но логиката на државите и на националните интереси како што е веќе со векови, е првенствено да се грижите за сопствениот двор. Ако повторно им даваме приоритет на националните интереси на државите, тогаш ова единство и солидарност ќе го снема, рече Пендаровски.

Затоа, според него, неопходно и клучно е кога ќе заврши војната во Украина да се задржи трансатлантската солидарност, бидејќи како што се гледа низ светот дури и кај некои од најголемите држави, во пораст се авторитарните тенденции.

– Ако демократиите не се држат и останат заедно, почитувајќи исти вредности и борејќи се за нив понекогаш и буквално, тогаш автократиите ќе превладеат. Видовме минатата година кога почна војната во Украина и претходно во Белорусија дека основната дилема и битка е меѓу демократијата или автократијата, односно диктатура како што е денес во Русија. Затоа мора да имаме целосно единство и солидарност и по војната во Украина. Тоа е неопходно за да имаме подобар свет, порача Пендаровски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ