Пендаровски: Дијаспората да лобира за евроинтергациите за земјата
Независноста на државата, демократијата и мултиетничката коегзистенција, се трите најголеми македонски достигнувања, а дијаспората има значаен удел во секое од нив. Најголемата инвестиција што ја носат иселениците тука, се евроатлантските демократски вредности и принципи на работа, културата на почитување на законите и претприемачкиот дух. Неспорен е фактот дека голем дел од придобивките и добрите практики што ги имаме, се донесени токму благодарение на успешните сонародници, желни да ја видат својата прва татковина успешна и развиена, рече денеска претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на првиот Македонски симпозиум што го организира Обединетата македонска дијаспора (ОМД) во Скопје.
Како што истакна Пендаровски, борбата на илинденците и на учесниците во НОБ беше за слобода и за човечки правдини, а нашата борба во 21-от век е за развиена и просперитетна македонска држава во која граѓаните ќе имаат шанса да ги остварат своите животни идеали.
-Само со помош на дијаспората и со заеднички напори на сите Македонци во светот ќе можеме да ја постигнеме целта и да изградиме држава што со гордост ќе можеме да ја наречеме наш заеднички дом, потенцира претседателот.
Македонските иселеници, оцени шефот на државата, никогаш не биле пасивни набљудувачи на процесите, туку активни чинители, а особено е важно што нивниот интерес не се сведува на некаква пасивна носталгија, туку е пример за активен ангажман и волја за вклучување во современите процеси во татковината.
-Дијаспората лобираше за признавање на независноста на македонската држава, за воспоставување дипломатски односи со многу земји во светот и за интензивирање на билатералните односи меѓу нивната прва и втора татковина. И денеска вие, припадниците на дијаспората, продолжувате да ги застапувате нашите интереси, да отворате врати за билатерална соработка и да придонесувате за меѓународна афирмација на државата, подвлече Пендаровски.
Според него, за трите најголеми постигнувања на македонската држава да продолжат да опстојуваат и да бидат платформа за натамошен развој и просперитет на сегашните и идните генерации, неопходни се три услови: геополитичка безбедност, владеење на правото и динамичен економски раст и развој.
-Првиот услов е геополитичка безбедност што ни ја гарантира членството во НАТО. Војната во Украина покажа колку е важно што сме на вистинската страна на историјата. Но, за да го заокружиме интегрирањето во тој геополитички и геоекономски простор неопходно ни е и членство во ЕУ. Вториот услов е владеењето на правото. Од правната сигурност зависи и довербата на граѓаните во државните институции и одржливиот економски и општествен развој. Законите кои не важат за сите еднакво, генерираат не само правна, туку и социоекономска и политичка нееднаквост. За да ја постигнеме таа цел, мора да вложиме далеку повеќе енергија во борбата против непотизмот, корупцијата и организираниот криминал, партизацијата и етнизацијата на политиката и на институциите. Третиот услов е динамичен економски раст и развој. Мора да изградиме економија заснована врз новите технологии и да вложуваме во развојот на иновативните екосистеми. Круцијално е да го затвориме јазот на дигитални вештини и дигитално образование со развиениот дел на свет, за младите да можат да најдат добро платена работа и овде, во својата татковина, рече Пендаровски.
Тој порача дека дијаспората треба да продолжи да лобира за заокружување на нашите европски интеграции, да внесува добри бизнис практики, да кофинансира развојни и проекти за општествена одговорност.
-Токму оваа тријада на геополитичка безбедност, правна сигурност и економска одржливост е најголемата гаранција дека ќе достигнеме многу поголем економски развој, повисока доверба во институциите и што е особено важно, драстично помало иселување на младите, истакна претседателот.
Во врска со мултиетничката коегзистенција и вековната традиција на почитување на различноста, нагласи дека се наша најголема вредност и предуслов за внатрешната стабилност и просперитет.
-Актуелните превирања на континентот и пошироко се доказ дека мултиетничката демократија е сериозен предизвик и за многу поголеми и помоќни држави од нашата. Ние со децении го одржуваме моделот на функционална мултиетничка демократија, какви што нема многу во Европа, посочи Пендаровски.
Во обраќањето, тој се осврна и на програмата „Родум од Македонија“, а го цитираше и Горан Стефановски.
-Познатиот американски историчар на емиграцијата, Маркус Хансен стана познат по тезата дека во секоја дијаспора, третата генерација се обидува да го открие она што втората генерација се трудела да го заборави. Меѓутоа, македонската дијаспора го побива овој принцип бидејќи, не само што немало обид да го заборави своето македонско потекло, туку, тоа, како најголема вредност го пренесува од колено на колено. Потврда за тоа се и младите иселеници кои се дел од програмата „Родум од Македонија“ и кои изминативе две недели беа практиканти во повеќе македонски институции и компании. Горан Стефановски велеше, минувањето време во татковината е трансформативно искуство, бидејќи тука е изворот на македонскиот идентитет, на нашата приказна, рече шефот на државата кој ја најави и својата претстојна посета на Пустец.
Пред обраќањето на Пендаровски, кусо се обрати и претседателот на ОМД Методија Колоски кој потсети дека оваа организација не е партиска, туку соработува со сите институции и има познати ставови. Над 4 милиони долари, рече, инвестирала ОМД досега од своето постоење во различни програми во земјава.
-Отсекогаш сме биле партнер на македонското општество и ќе останеме негов партнер. Секако, нема да се согласиме со се со татковината и таа со нас исто така, но вратите мора да останат отворени без разлика на билатералните односи меѓу Македонија и различните држави. Се надеваме дека нашите соседи ќе бидат многу повеќе како нас, во смисла да ги даваат правата што ги заслужуваат сите малцинства како што Македонија е пример во светот за правата на малцинствата. Тоа е клучна порака која мора да ја кажуваме постојано, истакна Колоски кој претходно одржа и прес-конференција.
Симпозиумот на ОМД е организиран за информирање, отворена комуникација и поврзување на земјава со македонската дијаспора, како и за промоција на потенцијалите за студирање, инвестирање и пензионирање во Македонија. Освен претседателот Пендаровски, говорници се и поранешниот претседател Ѓорге Иванов, италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри, професори, како и претставници од политичкиот и јавниот живот. На симпозиумот присуствуваат иселеници од земјава кои живеат во Австралија, Канада, САД, Шведска,…
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Активни се пожарите во Чашка, Велес, на…
РЦУК Велес, известува дека шумски пожар на…
Изгубено 3-годишно девојче во Неа Флогита, се…
Во познатото туристичко место Неа Флогита, Грција…
(Видео) Претседателката ќе чека новата влада да…
Сиљановска ќе почека да се формира новата…
ДУИ му помогна на Мицкоски за двотретинско…
Со 88 гласа “за” пред 3 часот…
Американската амбасада ќе ги подобрува односите помеѓу…
Аташето за култура и образовани на САД…