Пет причини зошто не е добро намерно да се заразите со омикрон
Д-р Роберт Марфи од Медицинскиот факултет на Универзитетот Нортвестерн вели дека ваквото размислување „почнува да се шири како шумски пожар“.
„Многу луѓе почнуваат да размислуваат на овој начин. Различни типови на луѓе – вакцинирани, невакцинирани, антиваксери“, рече Марфи.
„Но, тоа е луда идеја, како да одлучите да играте со динамит“, додаде тој.
Затоа CNN наведува пет причини зошто не е паметно да се обидете намерно да се заразите со омикрон.
1. Не е само „потешка настинка“
По инфекцијата со омикрон, дури и во благи случаи, може да се појави треска, болки во телото, отечени лимфни јазли и болки во грлото; поради што телото може да биде ослабено со денови.
„Луѓето зборуваат за омикрон како да е малку потешка настинка. Тоа не е тешка настинка, тоа е болест опасна по живот“, рече Марфи.
Според една неодамнешна студија на американскиот Центар за контрола и превенција на болести (CDC) спроведена на повеќе од милион луѓе, сè уште постои ризик од сериозни симптоми кај вакцинираните лица над 65 години, оние со ослабен имунолошки систем или оние со хронични болести како што се како дијабетес, белодробни или срцеви заболувања, заболување на црниот дроб или бубрезите.
Но, во болница може да завршат и оние кои немаат сериозни здравствени проблеми.
Вистина е дека по инфекција со омикрон, за разлика од делта, помала е веројатноста да бидете хоспитализирани, да завршите на оддел за интензивна нега или на респиратор; што важи за сите возрасни групи. Но, тоа не значи дека работите не можат да се комплицираат.
„Сето тоа не значи дека не можете да имате тешки симптоми. Сè уште нема 100% гаранција дека нема да умрете“, вели д-р Пол Офит од Детската болница во Филаделфија.
2. Може да добиете долгорочен ковид
Истражувањата покажуваат дека губењето на сетилото за мирис станало почест симптом кај благите случаи на инфекција со ковид. Истражувањата покажуваат дека околу 80% од луѓето повторно почнуваат да мирисаат во рок од еден месец. Но, некои остануваат без тоа чувство шест месеци или подолго. Неколку од нив можеби никогаш нема да го вратат чувството за мирис и вкус.
Колку и да звучи непријатно, тоа е само еден од многуте здравствени проблеми што може да нѐ снајдат по инфекцијата со COVID-19. Во светот има сè поголем број случаи на долготраен ковид – со исцрпувачки симптоми како отежнато дишење, тежок замор, треска, вртоглавица, дијареа, палпитации, болки во мускулите и стомакот, промени во расположението и тешкотии со спиењето.
Тешките форми на долгорочниот ковид може да доведат до оштетување на белите дробови, срцето или бубрезите и да влијаат на менталното здравје.
3. Ја ширите болеста кај децата
Нешто повеќе од половина (54%) од децата на возраст од 12 до 17 години во САД биле целосно вакцинирани, а само 23% од децата на возраст од 5 до 11 години ја примиле првата доза.
Ова значи дека секое ваше ризично однесување во случај на инфекција со омикрон – како што е неносење маска, непочитување на упатствата за социјално дистанцирање или собирање со повеќе луѓе во затворен простор – потенцијално може да ги изложи другите на вирусот кои подоцна би можеле да ја пренесат инфекцијата на нивните деца.
Иако децата во претходните бранови на пандемијата обично имаа благи симптоми, поради многу заразната варијанта на омикрон и големиот број инфекции во болниците, има се повеќе малолетници заразени со COVID-19.
4. Се создава притисок врз здравствениот систем
„Ако намерно се заразите со ковид, ќе ја одржите циркулацијата на вирусот и ќе придонесете за притисок врз здравствениот систем“, вели Марфи.
Во текот на викендот, речиси четвртина од повеќе од 5.000 државни болници пријавија дека имаат проблеми со „критичниот недостиг на персонал“. Оваа состојба со недостиг на медицински персонал, кој се повеќе се во изолација поради инфекција или контакт со заразено лице, не можеше да дојде во полош момент. Во моментов, во американските болници има рекорден број хоспитализирани лица со ковид (повеќе од 138.000 пациенти).
Одделенијата за интензивна нега се полни повеќе од 80 проценти на национално ниво, а скоро 30 проценти од креветите се окупирани од пациенти со COVID-19.
„Здравствениот систем не е дизајниран да се грижи само за оние кои се заразени со ковид. Тој е дизајниран да биде таму за деца кои доаѓаат со воспаление на дебелото црево, за оние кои имаат срцев удар или умираат во сообраќајна несреќа“, рече докторот Ашиш Џа од Универзитетот Браун.
„И тоа сега ќе биде многу тешко бидејќи сè уште имаме голем дел од населението кое не е вакцинирано и ризични групи кои не примиле бустер доза“, додаде тој.
5. Не си играјте со Мајката Природа
Дали некогаш воопшто било добра идеја намерно да се заразите со некоја болест? Пред некое време се организираа „варичела журки“, на кои родители намерно ги носеа децата за да се заразат со болеста. Бидејќи возрасните имаат потешки симптоми на оваа болест, идејата беше дека е подобро детето да добие варичела што е можно поскоро за подоцна да нема посериозни проблеми.
„Но, тоа беше и лоша идеја“, рече Офит. Тој ја раскажа приказната за едукативен филм за вакцините во кој снимателот открил дека сестра му го однела своето дете на една таква забава и дека детето подоцна починало од инфекцијата.
„Не си играјте со Мајката Природа. Таа се обидува да нѐ убие откако исплозивме на брегот од океанот“, рече Офит.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Расте бројот на заболени од Ковид во…
Од 29 јули до 4 август во…
Коронавирус на Олимписките игри, 40 спортисти се…
Светската здравствена организација објави дека повеќе од…
Вучевиќ е позитивен на Корона, пред неколку…
Премиерот на Србија, Милош Вучевиќ е позитивен…
Бајден позитивен на Ковид
Претседателот на САД, Џо Бајден, се тестираше…
Грчките здравствени власти предупредуваат на наглото зголемување…
Властите во Грција предупредуваат на зголемено ширење…