Планиравме дури жичара од Тетово до скијачките терени на Шапка: Груевски се потсети на времето кога беше премиер, ги кажа плановите и за скијањето на Водно
Екс премиерот Никола Груевски одвреме навреме мна фејсбук објавува текстови посветени на времето кога тој беше премиер и објавува планови на кои работела тогашната влада.
Сега мотив за неговиот осврт е отворањето на скијачкиот центар Михајлово, за што тој не поштеди зборови, па го испофали Митко Јанчев, градоначалникот на Кавадарци за неговите заложби да го направи овој скијачки центар.
Сепак, во текстот се потсети на амбициите Попова Шапка да стане скијачки центар на Македонија, ги кажа маните на Крушево, а и плановите за Водно.
Еве што напиша Груевски.
СКИЈАЧКИ ЦЕНТРИ ВО МАКЕДОНИЈА И МИХАЈЛОВО
Деновиве во близината на Кавадарци, на оддалеченост од 35 км од градот, на планината Кожуф, се отвори малa скијачка патека која според најавите е претходница на еден мал ски центар “Михајлово”.
Оваа кратка прва скијачка патека очигледно наменета за почетници, наречена “Македонија” долга речиси 400 метри и ски лифт, според градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев, кој ја носи најголемата заслуга за овој проект, е претходница на уште две скијачки патеки планирани за следната година, и двете по 2000 метри, кои ќе почнуваат од надморска висина од 1.700 метри, со жичара. Со тоа општината Кавадарци дефинитивно ќе добие мини скијачки спортско-рекреативен центар.
Неспорно е дека Митко Јанчев со неверојатен ентузијазам и професионалност веќе 7 години прави значајни проекти за општина Кавадарци, и како градоначалник ги надмина сите очекувања одкако во 2017 година прв пат ја доби довербата на кавадарчани како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ.
Она што е посебно за поздравување е што успеа овој проект вреден речиси 900 илјади евра да го реализира без воопшто да инвестира пари од буџетот на општината, туку околу 470-480 илјади евра со негови залагања ги обезбедил од донации од приватни компании, при што токму неговата приватна компанија Кожувчанка, заедно со Комерцијална банка од Скопје се најголемите донатори.
Втората работа што позитивно ме изненади е што самиот истражил каде и како завршија владините инвестиции во неколку скијачки центри од периодот 2013-2014 година кога владата која ја предводев имаше проект за развој на неколку скијачки центри и така дознал дека инвестицијата на владата во Крушево во набавка на т.н. “топови” за вештачко правење снег, купена од владата, општината Крушево ја примила и никогаш не ја употребила, па оваа комплетно нова и не употребена опрема во вредност која доколку денес би се набавила би чинела над 400 илјади евра, успеал да издејствува да ја добие на користење од општината Крушево и по десетина години воопшто не користена, комплетно нова, да ја стави во функција на новата кратка скијачка патека која е на територијата на општината Кавадарци.
Вчера, на 4. јануари 2025 година на оваа патека од едвај 400 метри, и со ски лифт со капацитет од 600 лица на час, имало дури 3.000 посетители во еден ден.
Тоа е огромна бројка на посетители во еден ден за Макеоднија, која не лесно и не често ја постигнуваат и Попова Шапка и Маврово, а сепак станува збор за нешто неспоредливо помало од патеките на овие два скијачки центри. Тоа укажува дека граѓаните во тој регион имале потреба од ваква макар и мини скијачка патека, односно скијачка патека за почетници.
Градоначалникот многу мудро осмислил во следниот период кога ќе заврши зимскиот распуст сите ученици од училиштата од општината да добијат часови по скијање во овој нов скијачки центар, одкако претходно со парите од донации набавил користени но сеуште употребливи скијачки реквизити за изнајмување по симболични цени за оние кои ги немаат.
Сето ова заслужува да биде добар пример за иницијативност и силна лична заложба за постигнување многу повисоки цели, во смисла цели кои понекогаш ги надминуваат можностите и капацитетите на општината, на многу други градоначалници.
Ова снаоѓање со одамна купена, а со години не употребената опрема во Крушево, ме потсети на фактот што пред 6-7 месеци дознав од македонските медиуми дека сеуште во здравствениот сектор, во некои болници и клиники во Македонија, по подрумите стои неотпакувана опрема, набавена нова од владата која ја предводев, но пристигната во времето кога трансферот на власта во 2017 година беше завршен, а тогаш новата власт со голема не грижа не ги стави во употреба само за да не се промовира нешто набавено од времето кога ја предводев власта.
Таа деструктивност, како и многу други големи грешки и слабости ги доведе до големиот пораз на изборите во мај минатата година.
Но, како и да е, таа опрема која е неотпакувана, може сега да се искористи и да се стави во употреба.
Истото е со дел од книгите од проектот “1100 книги и учебници од кои се учи на највисоко рангираните универзитети во светот”. Дел од факултетите ги примија овие книги за кои се инвестираа многу пари, и со цел да продолжат да се продаваат учебниците напишани од некои локални професори, ги оставија во подрумите на факултететоте без да ги стават во наставна функција.
Враќајки се на ски центрите во Македонија, се потсетив дека некаде во 2012 година на наша заедничка средба, го замолив Бојан Крижај од Словенија, како една од најголемите легенди на регионалната и светска скијачка елита во своето време, да ни помогне со стручна анализа и проценка, каде и што можеме да инвестираме како влада во развој на нови и рехабилитација и надградба на постоечките државни или општински скијачки центри во Македонија.
Идејата која ја промовирав беше дека скијањето пред се како спорт и рекреација да го доближиме до граѓаните на повеќе градови низ Македонија преку изградба на нови и до инвестирање во постоечки ски центри кои се во државна сопственост или под општините.
Тргнав од тоа дека не секој македонски граѓанин може да си дозволи себе и на своето семејство и деца, да патува на поголеми дистанци во познатите скијачки центри, и да плаќа скапи хотели и други трошоци, за да научат или да уживаат во скијањето. Или некои од нив кои се талентирани да станат и спортисти во тој тој спорт во кој ќе се натпреваруваат.
Затоа сакавме да создадеме услови и да ги доближиме тие можности до многу граѓани во Македонија, повеќе одколку дотогаш.
Бојан Крижај го прифати предизвикот, ја обиколи Македонија и ми даде исцрпен професионален извештај.
Тој кажа дека Македонија иако мала земја има еден огромен потенцијал за светски скијачки центар и дека тоа е Попова Шапка.
Исто така ми кажа и дека со било кој професионалец во областа може да ја одбрани тезата дека Попова Шапка според природните карактеристики на теренот може да се вброи во топ пет најдобри во Европа, но дека недостасуваат многу инвестиции и професионална грижа.
Сите други места, потенцираше тој, може да се добри за рекреативно скијање, некој повеќе, некој помалку, но се далеку под Попова Шапка за врвен скијачки спорт. Некои од нив можат да бидат добри и за спортско натпреварување, но од понизок ранг. Тој недвосмислено потенцираше дека тоа е убедливо најдобриот потенцијал кој го има Македонија за скијачкиот спорт.
Затоа, тој препорача дека главните инвестиции треба да се насочат на Шапка и да се создаде голем и светски реномиран скијачки центар со потенцијал да биде светско сврталиште на најголемите скијачи на планетарно ниво.
За Крушево се сеќавам кажа дека има голем проблем со патеката што некој, подоцна дознавме функционер во комунизмот, си изградил викендица речиси на сред патека, но кажа дека бидејќи чувствува дека на владата и е важно да помогне да се врати туризмот во тој мал град кој многу жители го напуштиле, дека таму може да се направи центар за сноубординг и за рекреативно скијање. Кажа дека таму треба да се инвестира во опрема за вештачки снег, па така таму подоцна се набави тоа.
На мое прашање за Кожуф, во смисла на споредба со Попова Шапка, тој повтори дека потенцијалот на Попова Шапка е убедливо над сите други.
Ние му ја објаснивме нашата замисла дека сакаме да направиме можности за рекреативно скијање во неколку региони кои не само што ќе им дадат можност и евтин пристап на граѓаните од тие региони за скијање, туку ќе станат и регрутни центри за талентирани спортисти, потенцијали за евентуални нови врвни скијачи во иднина, кои одкако ќе добијат услови и ќе се детектира нивниот талент, потоа државата може да им помогне за понатамошниот развој.
Тој ја поздрави таа идеја и повтори дека за врвен спорт на светско ниво постојат услови само на Шар планина, а за сите други поединечно ни даде свое мислење и предлози во што да се инвестира.
Од таа иницијатива, освен опремата за правење вештачки снег во Крушево, која за жал од за мене непознати причини локалната власт на која и ја предадовме никогаш не ја ставила во употреба, произлезе и инвестиција во единствениот скијачки центар во источна Макеоднија “Пониква”, кој има и сместувачки капацитети за околу 400 луѓе и кој се наоѓа во близина на Кочани и Пробиштип.
Оваа инвестиција повеќе години функционираше, но по промените во власта на централно и на локално ниво во 2017 година нивото е значително опаднато.
Информации најдов во еден текст од 17 мај 2022 година на еден портал наречен магазин туризам од каде цитирам еден дел: “…Заборавена од времето, локацијата добива повеќе на значење во 2012 година. Со финансиска помош во опрема во висина од 20 милиони евра од МЕПСО, Владата и донација од Швајцарската влада, релативно непознатата скијачка дестинација станува туристичка атракција. Еден милион евра се вложија во опрема за вештачки снег: топови, ратрак, моторна санка. Изградена е вештачка акумулација, електроенергетска и водоводна инсталација за пренос на вода и за подготвка на вештачки снег. По малку трагично, но по пауза од дури четири децении, конечно пред две години беа реконструирани и дотраените скилифтови. Скијачките патеки се опремени со рефлектори за ноќно скијање, кое повремено се одвива на двете скијачки патеки од 17 до 20 часот. Сепак, несоодветното чување на опремата доведоа до тоа пред 5 години, непосредно пред стартот на скијачката сезона 5-те топови за вештачки снег да бидат надвор од употреба. Причината – биле исечени и украдени каблите. Пред целосно да се санираат недостатоците, неколку скијачки сезони функционираа само повремено кога ќе се наталожеше снежна покривка…”.
Во фокусот ни беа, и стручни екипи ги посетија и Јабланица во близина на Вевчани и Струга, Беласица кај Струмица, кој беа следни на списокот за инвестирање, Голак кај Делчево каде започнавме со инвестиција најпрвин во средување на патот, но политичките промени не дозволија понатамошен напредок.
Направивме и одредени дополнителни инвестиции на Пелистер во Битола.
Маврово и друг дел од Кожув веќе од претходните влади беа дадени на долгорочна концесија на приватни инвеститори, така што таму немаше оправданост државата да вложува во опрема, бидејќи таа обврска беше на сопственикот на концесијата.
Се посетија и неколку други планини каде се мислеше дека можеби има потенцијал за изградба на ски центри, како на пример Галичица меѓу Охрид и Преспа, Плачковица кај Радовиш, осоговските планини кај Берово и други, а многу големо внимание се посвети и на планината Водно, пред се заради неговата непосредна близина до главниот град.
Потенцирам дека планот не беше буквално на сите овие планини да се изградат скијачки центри, но да се детектира каде има најголем потенцијал и логика за инвестирање и таму да се инвестира.
Скијачката патека на Водно влезе во длабока фаза на подготовка, при што делегација од мојот кабинет и градот Скопје го посети Загреб и тамошниот градоначалник кој срдечно ги пречека. Во Загреб заминаа затоа што таму има многу слична патека во непосредна близина на Загреб, на Медведница. Таму се одржуваат и професионални натпревари на светскиот скијачки куп “Снежна кралица”. Скијалиштето Сљеме е многу популарна дестинација за скијачите од Загреб и околината, овозможувајќи им лесен пристап до зимски спортови во близина на главниот град на Хрватска, која работи одлично и од каде го користевме искуството на тогашниот многу успешен директор на тој многу популарен скијачки центар, кој на наша покана дојде во Скопје и по разгледување на теренот кажа дека Водно има уште подобри природни предиспозиции од нивниот “загрепски Водно” и дека ќе биде многу успешна приказна.
Проектот беше целосно подготвен вклучително и со нивна помош и совети и пред самото отворање тендер за изградба, во време кога започнуваше да беснее хистеријата на т.н. “шарена револуција” дојде до голема и силна пропаганда дека тоа ќе биде еколошка катастрофа за Водно бидејќи требаше да се исечат дрва во широчина од околу 20 метра од двете страни долж патеката, согласно стандардите за изградба на скијачка патека.
Таа предизборна пропаганда доби такви големи димензии, што стана логично дека тој проект треба да се одложи за некое политички помирно време после изборите, а после изборите и покрај победата на ВМРО-ДПМНЕ, под надворешен притисок и интервенција, дојде до ново мнозинство во парламентот кое целосно го заборави овој проект.
И за крај ќе споменам неколку работи околу случувањата со Попова Шапка.
Следејќи ги професионалните совети на повеќе професионалци за природните потенцијали на теренот на Попова Шапка, владата која ја предводев се одлучи на поголема инвестиција во претворање на Попова Шапка во голем и и многу попрофесионален скијачки центар.
Изготвивме проект со кој проценивме дека во ваква состојба тешко дека некој приватен инвеститор би инвестирал толку големи средства и освен огромна нова опрема на жичарници, ратраци, ски лифтови и друга опрема, многу голема инвестиција во огромен паркинг на влезот на ски центрите, планиравме дури изградба со државни пари на некои профитабилни јавни претпријатија во форма на општествена одоговорност, на два луксузни хотели со пет ѕвезди на Попова Шапка, кои ценевме дека би биле замаец за понатамошни инвестиции во такви хотели на приватни инвеститори. Се планираше и комплетно и темелно реконструирање на постојниот хотел сопственост на државно претпријатие таму.
Планиравме дури и жичара од Тетово до скијачките терени на Попова Шапка, се разбира со огромен паркинг или катна гаража на нејзиниот почеток, кој логично е да е некаде на излезот од Тетово или само малку надвор од градот.
Планот за сериозно инвестирање во создавање на сериозен професионален скијачки центар на Шапка, помина на седница на владата, но тоа бараше и значајна промена на урбанистичките планови на општината Тетово, кои валдата ги побара од општината, но општината никогаш не ги направи.
Тогашната градоначалничка Теута Арифи од за мене непознати причини целосно не само што го игнорираше, туку би рекол го бојкотираше овој проект кој требаше тогаш да изнесува над 200 милиони евра (што со инфлацијата во меѓувреме деноминирано сега е веројатно над 300 милиони евра), инвестирани во еден 5-6 годишен период и од кој Попова Шапка и градот Тетово, но и Македонија, многу ќе добиеја, особено што се планираа локаиции на кои и приватни инвеститори ќе можеа да изградат хотели и ресторанти.
Шапка и Тетово ќе станеа многу сериозен туристички центар и место на одржување на врвни европски и светски натпревари во скијање. Тетово е блиску до Скопје како главен град и до аеродромот, што беше додатна предност покрај фактот што има и автопат од Скопје до Тетово.
Се што можев да направам – направив. Точката ја враќав на дневен ред на седница на влада веројатно околу 15 пати во период од 2 години, никој во владата не беше против и сите подржуваа.
Разговарав и на политичко ниво со партијата на градоначалничката и таму не препознав проблем.
Ресорниот министер и други министри ги испратив неколку пати да разговараат со градоначалничката на Тетово. Сепак сите напори останаа без успех, но и без сериозно објаснување зошто го прави тоа, односно зошто го кочи и конечно го запре тој проект.
Како и да е, тие проекти како за ски патеката на Водно, или нови ски патеки на Јабланица, Голак, Беласица и другите, така и за развој на Попова Шапка како врвен скијачки центар за натпреварувања од висок светски ранг и за врвен туризам постојат некаде во државната управа и јавните претпријатија кои требаше да инвестираат, пред се ЕЛЕМ и МЕПСО, и верувам дека некогаш кога ќе се создадат услови, некоја влада ќе ги искористи.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Планиравме дури жичара од Тетово до скијачките…
Екс премиерот Никола Груевски одвреме навреме мна…
Притвор за двајца штипјани: Запалиле возило за…
СВР Штип поднесе кривична пријава против К.А.(38)…
ДУИ ги честиташе божиќните празници „со разочараност…
Демократската унија за интеграција (ДУИ) преку соопштение…
Пример за човештво! Муфтијата кој на Бадник…
На денешен ден, пред 83 години, во…
Драма во Дебрца: 61-годишен маж се обидел…
На 05.01.2025 во 14.25 часот, полициски службеници…