Повредените во Кочани останаа без единствената докторка која се грижеше за нивните рани
По трагичниот пожар што избувна на 16 март 2025 година во дискотеката „Пулс“ во Кочани, неколкумина повредени граѓани се соочуваат со долготраен процес на физичко и психолошко закрепнување. Токму во тие најтешки моменти, здравствената поддршка што ја добиваа во ЈЗУ Општата болница – Кочани беше од суштинско значење. Меѓу медицинскиот персонал, клучна улога одигра докторката Катерина Паниќ – препознатлива по својот професионален, но и човечки пристап. Сепак, од понеделник, 1 јуни 2025 година, докторката Паниќ повеќе нема да биде дел од болницата, што кај повредените предизвикува сериозна загриженост за континуитетот и квалитетот на нивната здравствена нега. Во продолжение го пренесуваме нивното јавно обраќање, во кое ги истакнуваат причините за својата вознемиреност и апелираат до надлежните институции за итна реакција:
„Ние, повредените лица од пожарот што се случи на 16 март 2025 година во дискотеката „Пулс“ во Кочани, чувствуваме должност и потреба да се обратиме јавно поради сериозна и загрижувачка промена во нашата здравствена нега.
Ја информираме јавноста дека од овој понеделник, 1 јуни 2025, докторката Катерина Паниќ (позната како докторката Кате), која беше наш главен доктор и поддршка во целиот период на опоравување, повеќе нема да биде дел од ЈЗУ Општата болница – Кочани. Таа заминува во друга болница, и иако никој нема да може да ја замени, ние сè уште немаме информации кој ќе дојде на нејзино место и каков ќе биде понатамошниот пристап кон нашето лекување.
Вистината е – не знаеме што нè чека утре. Никој не ни кажува кој ќе дојде после неа, или како ќе изгледа нашата понатамошна грижа. А ние веќе се прашуваме – дали пак ќе останеме сами? Повеќе не веруваме и сакаме да знаете дека не е исто. Не е исто кога некој само ја пополнува смената, и кога некој навистина се грижи. Ние тоа го чувствуваме – секој ден, на секој преглед, во секој здив од болка.
Докторката Кате не беше само лекар – таа беше наша надеж, сила и стабилност. Начинот на кој ни пристапуваше – со човечност, посветеност и разбирање – не може да се замени. Во неа стекнавме длабока доверба – доверба што не доаѓа лесно кога се поминува низ период на траума и неизвесност.
Апелиравме, зборувавме, информиравме. Нè игнориравте. Наместо да добиеме подобри услови – ги изгубивме единствените што вредеа. Наместо поддршка – добиваме молк. Наместо стабилност – неизвесност. И покрај бројните јавни апели директно од нас за субстандардните условите во болницата и хроничниот недостаток на медицински персонал – нашите гласови не беа слушнати. Наместо дополнителна нега и зголемување на медицински персонал ние остануваме без единствената докторка која 24/7 се грижи за нас. Наместо итно решавање на санитарните проблеми во болницата, ние сè уште ги третираме нашите рани во мијалници од пред 50 години. Ќе имаме ли институционален одговор на тие апели? Дали некој реално се справува со овој проблем? Дали некој ќе го слушне нашиот глас?
Нашата намера не е да критикуваме, туку да апелираме. Ова не е личен, туку општествен проблем. Заминувањето на докторката Кате остава сериозен вакуум, а ние – директно засегнатите – ја носиме целата тежина од тоа. Со оваа изјава сакаме да испратиме силна порака – не сме невидливи. Имаме право на континуирана и квалитетна здравствена грижа. Бараме институциите итно да реагираат, да понудат одржливо решение и да ѝ овозможат на докторката Кате, да продолжи со прегледите – дури и на волонтерска основа, како што самата изрази подготвеност.
Ние не бараме сочувство – бараме одговорност. Ние не сме статистика. Не сме тивко минато. Заслужуваме подобро, заслужуваме вистинска грижа, не половична. Заслужуваме сигурност, не само надеж. Заслужуваме иднина. Немојте повторно да нè оставите“, велат повредените лица од пожарот во Кочани
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Повеќе од 40.000 туристи се заглавени во…
Будење со звукот на сирените за воздушен…
Левица Градско: Итна еколошка контрола поради загадувањето…
Во центарот на Општина Градско, под плаштот…
Трамп никогаш поостар: Ако го нападне САД,…
Американскиот претседател Доналд Трамп порача дека Иран…
(Видео) Аеродромот во Тел Авив во пламен,…
Израелските одбранбени сили (ИДФ) денес објавија дека…
ДУИ: Злоупотреби на средства од буџетот на…
УИ изразува длабока загриженост за најновиот скандал…