Објавено на:

Поранешен бугарски премиер: Македонија и Бугарија ќе се договорат ако разговараат како рамноправни страни

t

Бившиот бугарски премиер Димитров, кој ја извршуваше оваа функција меѓу 1991 и 1992 година, во интервју зборува за тоа како се одвивало признавањето на Македонија од страна на Бугарија во 1992 година
За сегашната ситуација, како што вели, решение постои ако барем едната страна, можеби посилната, дава позитивни сигнали и додава дека решение ќе се постигне ако двете страни разговараат како рамноправни
Историјата е важна. Отсекогаш имало искривувања, но на крајот во светот опстојуваат поубедливите аргументи. Различните остануваат регионално затворени. Во нашиот регион, изгледа не сите разбираат дека политиката не е само пазарење. Прво треба да докажете кој сте и што сте, па дури потоа да барате поддршка, изјави за БГНЕС поранешниот премиер на Бугарија (8.11.1991 – 31.12.1992) и актуелниот уставен судија, Филип Димитров.

На 15 јануари 1992 година на Народното собрание му ја соопштил одлуката за безусловно признавање на Република Македонија од Бугарија. Запрашан која е водечката причина за признавањето на независноста на земјава пред 30 години, тој објасни дека прашањето не било дали да се признае Македонија, туку кога и како.

„Војната во Хрватска продолжи и покрај прекинот на огнот на почетокот на јануари и опасноста од напад на непризнаената Македонија беше опиплива. Можете ли да замислите колкава маса бегалци ќе се упатеше кон Бугарија и колку би била неконтролирана ситуацијата кога би требало да се справиме со тоа? Знаевме дека Турција разговара за брзо признавање, но таа не би била директно засегната и само со решително однесување можевме да сметаме на привлекување меѓународна поддршка во таква ситуација. Нѐ знаеја како најверниот комунистички сателит. Набљудувајќи ги националистичките изблици во Грција, западните земји не знаеја што да очекуваат од нас и без наша јасна акција ќе заземеа став на чекање. Немаше време за двоумење. Во тоа време бригадирот Аспарухов нѐ плашеше со разузнавачки информации дека ако ја признаеме Македонија, ЈНА ќе ја нападне Бугарија, но јас сфатив дека ако нѐ спомнат нас, а не Македонија, тоа е само предизвикување страв“, објасни тој.

Другата причина, не помалку важна за брзање, вели поранешниот бугарски премер, било тоа што не сакал да ја разгори националистичката реторика во Бугарија.

„Постоеја шанси за националистичка интоксикација. Тогаш последиците би биле погубни. А се работеше за иднината на Бугарија како западна земја. Грција веќе беше во семејството, додека ние сакавме да влеземе во Европа и НАТО, со ужасна репутација како најсоветскиот сателит на веќе распаднатиот Советски Сојуз. Не можевме да си дозволиме да ја пропуштиме можноста да се декларираме како една од земјите кои навистина се стремат кон европските и евроатлантските интеграции“, нагласува Димитров.

Запрашан кој бил предводник во оваа историска одлука, актуелниот бугарски уставен судија вели дека според Уставот, само владата можела да одлучува за признавањето – а парламентот и претседателот немале такви овластувања.

„Во оваа ситуација, претседателот Желев, иако начелно се согласи со признавањето, беше претпазлив, како што беше и на изборите меѓу првиот и вториот круг. Откако ја донесовме одлуката, некои од министрите почнаа да се двоумат. Се разбира, многумина ме поддржаа, но тоа беше единствена одговорност на премиерот“, рече тој.

Во однос на меѓународната реакција и онаа на соседните земји, Димитров потсети дека Германија веќе ги признале Словенија и Хрватска, а Турција и САД, веднаш по Бугарија, ја признале Македонија. Потсетува дека Европа не можела да ја признае Македонија поради Грција, но сепак британското претседателство испратило набљудувачка мисија на границата, на што, како што вели, најмногу инсистирале бугарските власти

„Би сакал да го цитирам британскиот амбасадор Ричард Томас. Кога сè уште ја истражувавме позицијата на нашите главни партнери во очекување на одлуката на Бадентеровата комисија, тој рече: ‘Ако ја признаете, ние, се разбира, нема да ве поддржиме. Ако не ја признаете, ние едноставно нема да ве разбереме.’ Се чини дека не сите во нашите краишта разбираат дека политиката не е само пазарење. Прво треба да докажете кој сте и што сте, па дури потоа да барате поддршка“, додава Димитров.

Според него, во проблемите меѓу Бугарија и Македонија не е продуктивно да се бараат паралели со Австрија и Германија или со Англија и САД.

„Македонија е сложена земја, како што се гледа од Охридскиот рамковен договор. Но, има и други примери. И покрај историските врски, Валонците не се нарекуваат Французи. Повеќето Фламанци се лутат ако им кажете дека зборуваат холандски. Никој не прашува зошто во центарот на Брисел има споменик на Егмонт и Хорн, а уште помалку која е нивната националност. Но, претпоставувам дека има и злобни и вулгарни објави на Фејсбук“, коментира Димитров.

Во врска со историјата Димитров вели дека таа е многу важна, но нагласува дека разбирањето за неа се избиструва со текот на времето.

Запрашан за неговото решение за излез од сегашната ситуација, Димитров истакна дека не е во позиција да „ѝ дава памет на власта“. Лично, пак, е убеден дека не може да се постигне договор ако двете страни не разговараат како рамноправни, без снисходливост.

„Проблемите и напрегања не можат да нема, но тие се измазнуваат со текот на времето, ако само еден, можеби посилниот, дава позитивни сигнали. Но, ако во поделено семејство некој удира со нога и вика: ‘Како не ме сакаш. Како ме сакаше пред десет години!’ Звучи прилично смешно, нели? Љубов и почит не се бараат на суд“, вели на крајот на интервјуто Димитров.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Траги-комедија во Бугарија: Огромен крокодил живее меѓу…

Двометарски нилски крокодил живее во јама на…

Земјотрес во Бугарија

Слаб земјотрес со јачина од 2,3 степени…

Се крчкаат нови предвремени избори во Бугарија

Бугарската партија „Има таков народ“ (ИТН) утре…

Македонија ја прегази Бугарија за финале на…

Македонската кошарка има нови јунаци! Јуниорската репрезентација на Македонија на…