Објавено на:

Поранешен пратеник на ЕУ во Косово: Бањска е предупредување, Западен Балкан може да стане Нагорно-Карабах

t

Поранешниот пратеник на Европската унија за Косово, Волфганг Петриќ, во интервју за Косово онлајн вели дека Бањска треба да биде големо предупредување за сите, бидејќи секој конфликт во кој има мртви ја влошува ситуацијата, поради што, додава тој, безбедносната ситуација сега мора да биде приоритет и КФОР мора да се зајакне.
Петриќ предупредува и дека она што се случи во Нагорно Карабах, што несомнено е етничко чистење, мора по секоја цена да се спречи на Западен Балкан.

Како ја оценувате актуелната состојба на Косово по настаните во Бањска?

Сегашната ситуација, по настаните во Бањска, е најдраматична од 2004 година или од 2008 година, кога Косово еднострано прогласи независност. Причината е што дијалогот, со посредство на ЕУ, долго време е закочен. Мора да се земе предвид дека процесот на дијалог трае веќе 10 години. На почетокот имаше напредок, што придонесе за подобрување на животот на луѓето на северот на Косово и во другите области каде што живеат Срби. Безбедносната ситуација тогаш се подобри. Имаше надеж дека дијалогот ќе доведе до нормализирање на односите, но тоа не се случи. Затоа сега мора да се обидеме да ги анализираме причините и да дејствуваме брзо. Сега тоа е суштината, она што е најважно.

Дали мислите дека се оправдани обвинувањата кон Белград, кои деновиве пристигнуваат од косовските власти, но и од одредени регионални и западни кругови?

Не сум за префрлување на вината. Мислам дека имаме ситуација која е толку испреплетена, што често е тешко да се одреди кој почнал нешто, бидејќи конфликтот трае предолго и една провокација следи друга. Во политиката очигледно нема волја да се сретне едната со другата страна. За време на преговорите во Рамбује, рускиот преговарач Борис Мајурски изјави дека „за танго се потребни двајца“. Така е и во преговорите. Треба да се разговара, но се плашам дека во наредните месеци нема да има идеални услови, а тоа е затоа што наскоро ќе има избори, во декември во Србија, следната година во Косово, потоа во ЕУ, а исто така и во САД. Тоа, според моето искуство, значи дека сите суштински разговори, па и напредокот, застануваат во време на изборна кампања. По изборите ќе треба да се наместат на нов начин во ЕУ. Можеби ова е време за размислување за двете страни, да сфатат дека е неопходно да се покаже поголема флексибилност, пред сè, во однос на животот на луѓето на теренот.

Откако Србите ја напуштија полицијата и администрацијата во Косово, имаме област без владеење на правото. Исто така, ниту изборот на градоначалник не беше демократски сигнал. И за тоа прашање треба да се направи нешто, а тоа да се реши со посредство на ЕУ во наредните недели и месеци. Ова ќе придонесе за зголемување на довербата или повторно градење доверба во дијалогот. Но, тоа може да биде само средно решение. Во суштина, сега треба да размислиме колку е сериозна ситуацијата на теренот. Има зголемување на иселувањето, бидејќи младите Срби не сакаат да живеат во ситуација да не гледаат иднина за себе. Економската состојба на пазарот на труд не е таква што може да понуди добар живот. А воспоставувањето добар живот е всушност нормализација. Нормалните луѓе сакаат да водат нормален живот, безбеден живот.

Бидејќи не може да се смета на фактот дека ќе има поголем напредок во преговорите, во насока на нормализација, сметам дека безбедносната состојба сега мора да биде приоритет. Мора да се направи обид за зајакнување на Кфор. Истовремено, неопходно е зајакнување на безбедносната ситуација во БиХ. Еуфор веќе го направи тоа и ги удвои трупите. Однадвор важно е да се види дека има проблеми, но и решенија во триаголникот Белград-Приштина-Сараево. Тука Белград ја има најважната задача, како најголема земја во регионот и затоа мора да се однесува со голема одговорност. Тоа се очекува. Последниве месеци има повеќе разбирање за српските ставови, пред сè во САД, отколку што беше случај претходно. Конструктивниот пристап ќе донесе нешто. Колку подолго трае застојот, тоа не е застој туку е област без владеење на правото во која криминалните елементи стануваат се посилни и животот на граѓаните станува уште потежок.

Дали дијалогот сè уште има смисла, бидејќи пред некој ден изјавивте дека кога медијацијата трае долго – ја губи смислата? Како треба да дејствува ЕУ сега и дали има способност да изнајде решенија?

Сегашниот преговарачки тим, Мирослав Лајчак и Жозеп Борел, претпоставувам дека ќе биде сменет по изборите за ЕУ. По изборите ќе има нова распределба на власта, нов состав на Европската комисија. Претпоставувам дека ќе има и нов тим за дијалог. Дијалогот е важен, но начинот на кој се води во последните две години – покажува дека не функционира. Сега треба да размислиме како е можно да се подобриме, што функционираше, каде имаше грешки, каде треба дополнително да се подобриме. Потребно е да се намалат емоциите, да се укинат заканите и да се каже – сакаме да најдеме решение за луѓето. Секогаш се заборава дека, иако се работи за колективната безбедност на државите, не е неважна етничката страна, но поважно е да се придонесе за нормализирана состојба, за луѓето да имаат подобар живот на економски, социјален и образовен план.

Каков ефект можат да имаат заканите со санкции врз Србија, за кои ќе се разговара на состаноците на ЕУ? Дали мислите дека политиката на условување и притисок може да доведе во позитивна насока?

Секогаш е тешко, бидејќи во вакви ситуации, кога ништо не напредува на преговарачката маса, дипломатијата размислува што друго може да се направи. И таму, санкциите се секогаш опција. Но, гледаме од историјата, а сега и во случајот со Русија, дека санкциите имаат долгорочен ефект, но и спречуваат разговори. Фала богу, на Косово нема војна, како во Украина, но во исто време, поради оваа причина, треба да и пристапиме на начин да и дадеме шанса на дипломатијата, да размислиме што е добро направено, а што не. Одговорноста на политичките елити во Белград и Приштина е огромна. Драматичната ситуација што ја видовме сега не значи ништо добро за иднината на регионот.

Конечно, се работи и за прием на Србија во Европската унија. Мислам дека Србија, како што постојано повторува Вучиќ, гледа иднина во ЕУ. Но, за да се овозможи таа иднина, потребно е да се решат проблемите. Тука Белград игра клучна улога. Доколку таа улога се игра конструктивно и позитивно, Србија во ЕУ има позитивна иднина, бидејќи Брисел секогаш ќе гледа дека поединечните региони ги решаваат проблемите самостојно, а не сите преку ЕУ, како што е сега случајот преку дијалог.

Колку претставниците на ЕУ и САД придонесоа за развојот на ситуацијата на северот на Косово, ако се знае дека со месеци не успеваат да ги убедат властите во Приштина да почнат да ги смируваат тензиите?

Имаме работа со силни личности. Вучиќ и Курти се силни политички фигури. Хемијата меѓу Вучиќ и Тачи беше подобра отколку со Курти. Тие како професионални политичари мора да имаат предвид дека мора да се разговара со оние кои се избрани. Тоа особено се однесува на Курти, бидејќи може да се забележи дека и покрај неговиот принципиелен однос, состојбата во дијалогот не е подобрена. Тоа мора да се промени.

Кој е, според вас, излезот од сегашната тешка криза во односите меѓу Белград и Приштина, која го достигна својот врв по трагичните настани во Бањска?

Бањска треба да биде големо предупредување. Секој конфликт во кој има мртви ја влошува ситуацијата и добива нова негативна димензија. Тоа мора да се земе предвид. Со убиството на еден полицаец и тројца Срби, очигледно од страна на косовската полиција која ги уби напаѓачите, мора да се каже дека ситуацијата дополнително емотивно се влоши. Политички е многу тешко да се реши. Неопходно е да ги оставите емоциите на страна. Треба да се спроведе истрага. Добро е што Белград инсистира дека е неопходно да се обезбеди правна сигурност и да се остави на судството да ги утврди причините, како и да ги уапси оние кои учествувале во тоа. Мислам дека истрагата е многу важна за повторно воспоставување на минимум доверба.

Тоа е предуслов за успешни разговори воопшто. Довербата никогаш не била на високо ниво. Мора да се воспостави минимум доверба и да се врати на преговарачката маса. И двете страни мора да разберат дека се работи за ЕУ, тоа е европско прашање. Во војната меѓу Русија и Украина не можеме да кажеме – тоа е мал регион, ништо не се случува. Но, Западен Балкан мора брзо да се приближи до ЕУ. Украина и Молдавија не можат да бидат први во редот. Но, преговорите траеја предолго и потребен е напредок.

Во исто време, Белград, Сараево и Приштина мора да придонесат. Не може да се оди напред кон милитаризација на конфликтот. Затоа сметам дека е многу важно сега, а така ќе биде и следната година и половина, безбедносната состојба мора да се зајакне. А за тоа се неопходни европски и американски воени сили и тие се единствените кои можат да го обезбедат тоа. Двете страни треба да го прифатат тоа.

Дали случајот со Нагорно Карабах, во кој меѓународната заедница не реагираше многу, може да има негативно влијание врз Косово?

Трагедијата на Нагорно-Карабах покажува во која насока може да се придвижи ситуацијата доколку проблемот остане предолго нерешен. Очигледно, Азербејџан ја искористи ситуацијата и реши да стави крај на прашањето. Очигледно беше извршено етничко чистење – 100.000 луѓе избегаа. Тоа ме потсетува на трагичната судбина на Србите во Хрватска и мислам дека повторувањето на она што се случи во Нагорно-Карабах мора по секоја цена да се спречи на Западен Балкан. Мораме да ги оставиме 1990-тите зад себе и да се погрижиме да се однесуваме едни со други на мирен начин.

Знам дека тоа се големи зборови, можеби наивни во сегашната ситуација, но мора да се воспостави безбедност, да се зајакне КФОР и ЕУФОР да биде проактивен во БиХ, за да се создадат услови да се придвижи кон нормализација на односите. Никогаш не треба да го изгубиме од вид фактот дека визијата на ЕУ е вклучување на сите земји од Западен Балкан.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Вучиќ: Курти се обидува да предизвика војна

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ обвини дека…

Протести ширум Србија: Граѓаните не сакаат ископ…

Во градовите ширум Србија вечерва се одржуваат…

Многу гордо: Мицкоски договорил заедничка седница на…

Косово и Македонија ќе имаат заедничка владина…

В.д. директорот на Поштата на Србија: Продолжен…

В.д. директорот на Поштата на Србија, Зоран…

Заедничка акција на македонското и косовското Обвинителство:…

Поради регистрирани неколку случаи на пуштање во…