Поранешен руски пратеник тврди дека руските партизани се одговорни за смртта на Дарија Дугина
Поранешен руски пратеник тврди дека руските партизани се одговорни за смртта на Дарија Дугина.
Илја Пономарев, говорејќи од Киев, изјавил дека била убиена од група на Националната републиканска армија, пишува „Гардијан“.
Како потсетување, ќерката на Александар Дугин, близок соработник на рускиот претседател Владимир Путин, Дарија Дугина загинала откако автомобилот ѝ експлодирал додека се возела кон својот дом. Наводно, во тој автомобил како цел на нападот требало да биде блискиот соработник на Путин, но тој влегол во друго возило.
Руското Министерство за надворешни работи шпекулира дека Украина може да стои зад нападот, што Киев остро го негира.
Наоди од истрагата
Руските истражители започнаа истрага за убиството на Дугина. Тие ќе направат форензичка анализа за да се обидат да откријат што се случило. Засега, истражната комисија наведува дека се чини дека делото било нарачано и планирано, пишува „РИА Новости“.
Комисијата наведува дека на 20 август околу 21.00 часот во близина на селото Болшије Вјаземи, Одинцовска област, експлодирала експлозивна направа во „Тојота Ленд Крузер“.
„Во моментов е констатирано дека под дното на автомобилот од возачката страна била поставена експлозивна направа. На местото на настанот починала Дарија Дугина која го управувала возилото“, соопштија од комисијата.
Експерт за експлозиви го прегледал изгорениот автомобил, а инспекторите ја анализирале снимката од камерата на возилото.
Според дел од член 105 од рускиот кривичен законик, овој инцидент се третира како „убиство извршено на начин опасен за јавноста“.