Почина пациентот од комбето на Брзата помош чии доктори пиеја кафе на бензинска
Снимката од бензинската пумпа на автопат, на која се гледа болен човек во комбето на итната помош на кислородна маска, додека медицинската екипа пие кафе и се освежува е всушност последната снимка од пациентот. Тој починал неколку дена по овој неетички транспорт. Бил во терминална фаза на карцином и го транспортирале од Скопје до Струга. Голготата на овој пациент во последните денови од неговиот живот ја потврдува и фактот што семејството со сопствено возило најнапред се обидело да го однесе од Скопје до Струга, ама на излез од градот, во населбата Ѓорче Петров, пациентот им кажува дека не може да продолжи во тоа возило и дека му е лошо.
Така фамилијата неколку часови се обидувала да најде амбулантно возило за да го пренесе од Скопје до Струга во санитетско возило. Прво ѕвонеле во струшката општа болница. Оттаму им кажале дека возило може да добијат утредента. Потоа се јавиле во Здравствен дом Струга од каде им излегле во пресрет и испратиле екипа со комбето кое подоцна застана на бензинската пумпа. Во екипата имало лекар, медицинска сестра и возач. Снимката од бензинската пумпа е направена на денот на транспортот, во понеделникот на 14 август.
Дека пациентот починал неколку денови откако беше транспортиран со возило на Здравствен дом Струга од Скопје за Струга, потврди за „Слободен печат“ директорот на Здравствен дом Струга, доктор Андон Ложанковски. Пациентот бил во терминална фаза на канцер и претходно бил сместен на Клиниката за гастроентерохепатологија во Скопје на Клинички центар „Мајка Тереза“ а се лекувал и на Клиниката за Онкологија.
-Се сретнавме со ќерката и со зетот на пациентот. На нивно барање е застанувањето. Како што излегле од Клинички центар „Мајка Тереза“, тргнале со приватно возило да го враќаат пациентот во Струга. Меѓутоа кога стигнале до Ѓорче, тој рекол дека не може да продолжи со тоа возило, дека не му е добро. Се вратиле назад кај некои роднини во Козле. Во Козле не нашле никој од роднините дома и застанале во дворот под некој орев. Тогаш почнале да бараат санитетски превоз. Не можеле да најдат, а приватна фирма им барала 35 илјади денари за превозот што е многу пари. Потоа се јавиле во болницата во Струга и добиле одговор дека може да дојде болничко возило утре сабајле, а не дента. Па на крај се јавиле во Здравствен дом Струга. Ние им излеговме во пресрет. Дошла наша екипа. Меѓутоа, бидејќи чекале и се обидувале да најдат превоз со часови надвор, а фамилијата се немала напиено вода, ќерката побарала да застанат да се напие вода на бензинска. Но не ги оправдувам од мојата екипа, зашто докторот е тој што одлучува и оваа постапка не е етичка. Луѓето кои го гледаат тоа сфаќаат дека не е етички. Можеле да претрчаат да земат вода за во комбето, но не и да застанат. Пациентот бил навистина во терминална фаза и неколку дена по ова почина. Не е дека сториле нешто што му наштетило на пациентот, туку не доликува ваков настан. Де факто не му наштетиле на пациентот но де јуре – не оди. Се гледа пациентот е внатре, а тие пијат кафе се освежуваат. Најнапред е однесен со нашето возило во струшката општа болница, а потоа пуштен дома каде што починал. Семејството е повеќе незадоволно од третманот на скопски клиники, а нам ни се благодарни за транспортот. Но, јас не ги оправдувам моите вработени и ќе поведам постапка за нив, изјави за „Слободен печат“ директорот на Здравствен дом Струга доктор Ложанковски.
Не е јасно како од Клинички цетар „Мајка Тереза“ во Скопје, каде 60-годишниот пациент бил хоспитализиран, воопшто не му организирале санитетски превоз туку го оставиле со семејството, со приватна кола да биде транспортиран до Струга. Кога дошла екипата на Здравствен дом Струга, тој имал низок притисок и бил дехидриран, веднаш му била дадена инфузија и бил ставен на кислород. Доктор Ложанковски во изјавата за „Слободен печат“ тврди дека застанувањето на бензинската пумпа не било подолго од 10 минути.
-Семејството е повеќе револтирано за постапувањето на Клинички центар во Скопје, што го пуштиле да биде транспортиран без санитетско возило. Ќерката на пациентот вчера разговараше со Министерството за здравство и кажа, дека на нејзино барање е застанувањето. Но јас сепак, ќе поведам постапка за моите вработени. Сепак, не требало да застанат, да не се лажеме. Иако, семејството од нашата екипа е презадоволно, затоа што за два часа стигнале од Скопје до Струга, а екипата беше приправна, дојдоа од дома на работа, само за овој случај, додаде директорот.
Транспортот од Скопје во Струга завршил на одделот за хирургија во Општата болница Струга од каде пациентот бил препратен дома и починал за два-три дена. Директорот Ложанковски ќе формира комисија за да се одлучи за санкциите за медицинската екипа составена од докторот, сестрата и возачот.
Во правилникот за организацијата и начинот на вршење на работите на итната медицинска помош кој важи за сите здравствени домови во државата, им се овозможува континуирано, итно медицинско згрижување на луѓето на кои поради болест, медицинска состојба или повреда непосредно им е загрозен животот или здравјето. Итните медицински мерки се спроведуваат на местото на настанот и за време на транспортот во возилото. Итната помош ги транспортира повредените, односно болните лица по најкраток пат до најблиската здравствена установа каде има можност да биде продолжена постапката на лекување. Според правилникот, докторот по медицина во тимот за приправност е тој што врши преглед, спроведува дијагностички постапки, одредува и применува терапија и ја координира работата на другите членови на тимот.
За случајот се дозна, кога вчера, новинарка на телевизија „Клан“, на министерот за здравство Фатмир Меџити на прес-конференција му покажа снимка од својот мобилен телефон, на која се гледаше дека екипа на брзата помош пие кафе на бензинска, додека пациентот е во комбето и ги чека, со кислородна маска на лицето.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
ОБИД ЗА УБИСТВО НА БЕНЗИНСКА ВО СКОПЈЕ!
СВР Скопје поднесе кривична пријава против А.А.(34)…
Србин избодел со нож едно лице на…
Основното јавно обвинителство Гевгелија поведе постапка против…
Бајден: САД се приближуваат кон крајот на…
Рускиот претседател Владимир Путин „заработува“ со тоа…
Бајден вети 200 милиони долари за Украина…
Американскиот лидер го повика Конгресот да донесе…
Фајненшл Тајмс: Земјите на ЕУ го разгледуваат…
Со оглед на тоа што Унгарија е…