Премиерот ја обвини опозицијата за тајни планови за хаос на изборите – СДСМ и ДУИ реагираат за конструкции и клеветење

t

Тајни договори помеѓу поранешните владини коалициски партнери, смислени сценарија за хаос и манипулации. Вакви обвинувања изнесе премиерот Мицкоски од говорница, пред функционери и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ.

Осврнувајќи се на локалните избори на есен, Мицкоски повторно зборуваше за кандидатурите на независните со два потписи според одлуката на Државната изборна комисија. Овојпат, изрази сомнеж дека целата работа е подготвена во „партиските кујни“ на опозициските СДСМ и ДУИ.

„Тоа е сценарио мислено и координирано помеѓу овие две партии. Сценарио за хаос, за политичка магла и за манипулација. Со инфлација од независни кандидатури и фантомски листи сакаат намерно да го урнат изборниот процес, да го збунат гласачот и да ја изиграат демократијата. Во таа намера, длабоката држава на СДСМ и ДУИ, нивните луѓе распределени во судството, во изборната комисија, во институциите – денес се во коалиција“, вели премиерот Мицкоски.

И двете партии реагираа на обвинувањата. Социјалдемократите се на став дека изјавата на премиерот е потврда дека власта е во паника поради падот на поддршката.

А, од Демократската унија за интеграција со контра-обвинување – велат, кој соработува со СДСM граѓаните видоа и вчера, кога со ВМРО-ДПМНЕ здружено гласаа во ДИК, за да го дискриминираат претставувањето на дијаспората во општините.

„Со истата стара реторика на поделби по политичка и етничка линија, Мицкоски повторно се обидува да ја излаже јавноста. Бидејќи нема резултати, посегнува по измислени сценарија и конструкции околу локалните избори. Дали токму Мицкоски е тој што подготвува хаос на изборите?“, се вели во реакцијата на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.

„Денешните изјави на премиерот Мицкоски не се само чисти клевети и неуспешен обид да се сокрие кризата на легитимитет на неговата моноетничка влада, туку и опасни, бидејќи претставуваат поттик за етнички судири“, велат од Демократската унија за интеграција.

Во денешното обраќање, премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ порача и дека веднаш по локалните избори ќе има промени во партијата, како и реконструкција и подобрување на капацитетите на Владата. Инаку, продолжуваат да течат подготовките за локалната изборна трка на 19 октомври. Од денеска започна јавниот увид во Избирачкиот список.

„Јавниот увид се спроведува секој ден во наведениот период од 23 август до 11 септември, со почеток од 08:00 часот наутро до 20:00 часот навечер. Ќе обезбедиме работа на нашите подрачни одделенија во две смени, вклучувајќи ги и деновите за викенд и празници. Изборните дејствија траат непрекинато“, кажа Борис Кондарко, претседател на Државната изборна комисија, на вчерашната седница.

Барањата за запишување, дополнување или бришење на податоци во Избирачкиот список се поднесуваат во периодот од 23 август до 11 септември.

Барањето за доставување на избирачкиот список до политичките партии, се поднесува по електронски пат до Државната изборна комисија, исто така до 11 септември.

Државната изборна комисија вчера со пет гласа „за“ и еден „против“ го усвои Упатството за бројот на советници во советите на општините и во Градот Скопје. Намалување на бројот на советници има во четиринаесет општини, откако Владата претходно донесе одлука, со оглед на тоа што Пописот во 2021 година покажа дека има намалување на бројот на жители.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Премиерот ја обвини опозицијата за тајни планови…

Тајни договори помеѓу поранешните владини коалициски партнери,…

Марш на ангелите: Корупцијата ни го одреди…

Во Кочани повторно се одржа марш на…

Украина со беспилотни летала ги нападна Москва…

Украина изврши нови напади со беспилотни летала…

Пекинг: Кина е подготвена да испрати војници…

Германскиот весникк „Велт ам Зонтаг“ (Welt am…

Трагедија во Стокхолм: Со автомобил влетал во…

Две лица се повредени денес откако автомобил…