Признавам дека беше грешка, ама ми бараа да бидам директорка, рекла во суд Севдије Коџа за лажниот сертификат по англиски од Пловдив
Признавам дека беше грешка. Не бев свесна за таа грешка затоа што од мене се бараше да бидам шест месеци в.д. директор на Општата Болница Дебар. Се каам за стореното и нема да ми се повтори.
Ова биле завршните зборови на директорката на дебарската болница, Севдије Коџа, кои ги дала во суд кога признала вина дека за да стане директорка приложила фалсификувана диплома за наводно познавање на англиски јазик за TOEFL iBT (Test of English as a foreign language), издадена од правниот субјект Julia Co. LTD од Пловдив, Бугарија. Пресудата дека е виновна за фалсификување исправа е донесена на 4 октомври годинава, но таа уште е директорка на болницата, објави Слободен Печат.