ПРОДОЛЖУВА АКТИВНАТА ПОДДРШКА НА ГРЦИЈА ЗА ЕВРОПСКАТА ИНТЕГРАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА

t

Грција ќе продолжи со активната поддршка за европската интеграција на Македонија и ангажманот за формалниот почеток на пристапните преговори со ЕУ, рече претседателот на грчкиот Парламент, Константинос Тасулас на средбата со својот македонски колега, претседателот на Собранието, Талат Џафери што се одржа во Атина, во рамки на 9. Пленарна сесија на Парламентарното собрание на Процесот на соработка во Југоисточна Европа.

Како што соопшти прес-конференцијата на Собранието на Република Македонија, Џафери ја нагласи потребата од итно отворање на преговорите со ЕУ и одржување на првата меѓу-владина конференција, изразувајќи благодарност за грчката поддршка на овој план.

Џафери истакна и дека Македонија е фокусирана на зајакнувањето на стратешкото партнерство меѓу двете земји, со силна посветеност за исполнување на обврските кои произлегуваат од Преспанскиот договор. Истовремено, потсети дека во грчкиот Парламент има ратификации кои не се усвоени, а со нив би се унапредила соработката со Република Македонија во повеќе области, вклучително и во делот на евроинтеграциите и затоа побара нивна што поскора ратификација.

Претседателот на Собранието ги нагласи и билатералните придобивки од нашето членство во НАТО, како што е соработката и заемната координација меѓу релевантните институции на двете земји, континуираната соработка на граничните служби за справување со мигрантските текови и техничките аранжмани за одбрана на двете држави за заштита на воздушниот простор.

И Тасулас се осврна на соработката во рамките на НАТО, нагласувајќи дека одличен индикатор за добрите односи меѓу државите од регионот е фактот што Грција го штити воздушниот простор и територијалниот интегритет на Македонија и на Црна Гора.

Џафери во текот на разговорите се осврна и на економската соработка. Последните податоци, рече, покажуваат дека вкупната размена веќе го постигнала предпандемиското ниво, a грчките инвестиции во Македонија се на високо ниво и се очекува да продолжи нагорниот тренд.

Тасулас изрази задоволство од меѓупарламентарната соработка, како во рамките на Процесот на соработка во Југоисточна Европа, така и на билатерален план и оцени дека оваа соработка во голема мера може да придонесе за нашиот пат кон ЕУ.

Двајцата соговорници ги повторија заложбите за интензивирање на билатералната парламентарна соработка, како на ниво на претседатели на парламенти, така и на ниво на групите за пријателство и соработка. Воедно, соговорниците изразија подготвеност за натамошно унапредување на стратешкото партнерство преку конкретни форми на соработка и ангажмани, што ќе обезбедат поблиско поврзување меѓу двете држави и народи.

Деветтата Пленарната сесија на Парламентарното собрание на ПСЈИЕ заврши со усвојување на Финална декларација.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Силен земјотрес во Грција

Земјотрес со јачина од 4,1 степени според…

Ова се најзадолжените држави во ЕУ!

Долгот во еврозоната е во пораст, покажуваат…

Грција потпиша договор за набавка на 20…

Грчката влада официјално ја финализираше својата намера…

(Видео) Страшна несреќа во Грција – 3агинаа…

Тешка несреќа околу пладне се случила во…

Силен земјотрес ја стресе Грција

Земјотрес со јачина од 4,5 степени според…