ПРОТЕКОА ТАЈНИ ДОКУМЕНТИ – Кои европски држави се мети на руски напад со нуклеарно оружје?
Русија ја обучила својата морнарица да гаѓа локации длабоко во Европа со проектили способни да носат нуклеарни боеви глави во потенцијален конфликт со НАТО, според тајните документи што ги виделе новинарите на Финаншал тајмс.
Мапите на цели длабоко во Европа, како што се западниот брег на Франција и пристанишниот град Бароу-ин-Фернес во Обединетото Кралство, беа детално прикажани во презентацијата пред офицерите, направена пред руската инвазија на Украина.
Финаншал тајмс претходно пишуваше за податоци од 29 тајни руски воени досиеја, од кои се чини дека руските сили практикувале употреба на тактичко нуклеарно оружје во раните фази на конфликтот со голема светска сила.
Најновите протекувања од истиот пакет документи покажуваат дека Русија предвидува конфликт со Западот кој ќе се прошири многу подалеку од нејзината непосредна граница на НАТО и планира серија насилни напади низ Западна Европа.
Западни извори наводно ги покажале документите на весникот Финаншал тајмс.
Руските документи изработени меѓу 2008 и 2014 година вклучуваат листа на цели за ракети кои можат да носат или конвенционални боеви глави или тактичко нуклеарно оружје. Руските офицери ги нагласуваат предностите од користењето нуклеарни боеви глави во рана фаза.
Презентацијата, исто така, укажува дека Русија ја задржала способноста да лансира нуклеарно оружје од бродови, што според експертите носи значителни дополнителни ризици од ескалација или несреќи.
Во документот се наведува дека „високата способност за маневрирање“ на морнарицата ѝ овозможува да изведува „изненадувачки и превентивни напади“ и „масивни ракетни напади од различни правци“.
Се додава дека нуклеарното оружје „по правило“ е наменето за употреба во комбинација со други средства за уништување за постигнување на руските цели.
Кои се руските цели?
Аналитичарите кои ги прегледаа документите рекоа дека тие се во согласност со проценката на НАТО за заканата од ракетни напади со долг дострел од страна на руската морнарица, но и со брзината со која Русија најверојатно ќе прибегне кон нуклеарната опција.
Мапите, кои беа направени за презентација, а не за оперативни цели, илустрираат примерок од 32 цели на НАТО во Европа за руската поморска флота. Еве неколку примери.
Целите на руската балтичка флота се главно во Норвешка и во Германија – вклучувајќи ја поморската база во Берген, како и радарските локации и објектите на специјалните сили.
Руската Северна флота треба да цели на одбранбено-индустриски цели, како што е бродоградилиштето за подморници во Бароу-ин-Фернес во северозападна Англија.
Презентацијата исто така илустрира како руската доктрина би можела да се примени во можни војни во Црното Море, Каспиското Езеро и Пацификот. Сценаријата вклучуваат војни со сегашните сојузници, како што се Кина, Иран, Азербејџан и Северна Кореја.
Поранешниот функционер на НАТО, Вилијам Алберк, кој сега работи за тинк-тенк центарот Стимсон, рече дека примерокот е мал дел од „стотици, ако не и илјадници цели мапирани низ Европа… вклучувајќи воени и критични инфраструктурни цели“.
„Нивниот концепт за војна е тотална војна“
Капацитетот на Русија да напаѓа низ Европа значи дека цели ширум континентот ќе бидат загрозени доколку нејзината војска се судри со силите на НАТО во земјите од фронтот, како што се балтичките држави и Полска, велат аналитичарите и поранешните официјални лица.
– Нивниот концепт за војна е тотална војна. Тие ги гледаат овие работи (тактички нуклеарни боеви глави) како потенцијално оружје за војна – вели професорот на Институтот за меѓународни студии Мидлбери во Монтереј, Џефри Луис, кој ја проучува контролата на оружјето.
Тактичкото нуклеарно оружје, кое може да се испорача со проектили од копно, море или од авион, има помал дострел и е помалку деструктивно од поголемите „стратешки“ оружја дизајнирани да ги таргетираат САД. Сепак, оружјето сè уште може да ослободи значително повеќе енергија од бомбите фрлени во Хирошима и Нагасаки во 1945 година.
Путин упорно ѝ се заканува на Европа
Рускиот претседател, Владимир Путин, постојано им се закануваше на европските сојузници на Украина дека ќе ја спречат западната воена поддршка за Киев.
– Тие треба да запомнат дека тие се мали, густо населени држави – рече тој во мај.
Презентацијата, исто така, ја споменува опцијата за таканаречен демонстративен напад – активирање на нуклеарно оружје во оддалечена област „за време на период на непосредна закана од агресивна војна“, пред вистински конфликт, за да се заплашат западните земји. Русија никогаш не призна дека таквите напади се дел од нејзината доктрина.
Таквиот удар, се вели во досието, ќе ги покаже „достапноста и подготвеноста за употреба на прецизно нестратешко нуклеарно оружје“ и „намерата за употреба на нуклеарно оружје“.
Според пресметките на НАТО, земјите во алијансата имаат помалку од 5% од капацитетот за воздушна одбрана потребен за заштита на источното крило на алијансата од сеопфатен напад од Русија.
Путин во јуни рече дека Европа ќе биде „повеќе или помалку беспомошна“ против руските ракетни напади.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
ПРОТЕКОА ТАЈНИ ДОКУМЕНТИ – Кои европски држави…
Русија ја обучила својата морнарица да гаѓа…
Сериозна порака: Трудо ги повика Канаѓаните веднаш…
„Постои реален ризик од ескалација на конфликтот…
(Видео) Унгарските пожарникари објавија драматична снимка од…
Унгарските пожарникари во саботата си заминаа од…
Мисајловски со честитка до новите припадници на…
Честитки до новата дополнителна сила на македонската…
Зеленски побара од Британија да му дозволи…
Украинскиот претседател Володимир Зеленски побара од Велика…