Профеосорот Трајковски со нова лекција по економија за Владата: Продолжуваат со празно фалење и создавање илузии пред граѓаните

t

Владата продолжува со празно фалење и создавање илузии пред граѓаните. Најновата „успешна приказна“ што се промовира е дека Македонија наводно била шеста земја во светот според висината на странските директни инвестиции (СДИ) во однос на бруто-домашниот производ (БДП). Овој навод се претставува како резултат на економските политики на ВМРО-ДПМНЕ.
Сепак, ваквата интерпретација е крајно проблематична. Количникот СДИ/БДП, изразен во проценти, сам по себе не кажува речиси ништо. Тој зависи и од деленикот (СДИ) и од делителот (БДП). Тврдењето дека високиот процент е доказ за силни инвестиции е подеднакво важечко со тврдењето дека истиот произлегува од слабата економска основа, односно малиот БДП, факт добро познат во случајот со Македонија. Со други зборови, дури и релативно скромни апсолутни износи на СДИ можат да изгледаат впечатливо кога се споредуваат со низок БДП. Освен тоа, ваквиот процент, иако повисок од просечниот сепак претставува само случајна варијација околу благиот нагорен тренд низ годините, како што се гледа и на графикот.
Многу попрецизна слика се добива ако се анализираат апсолутните инвестиции по жител. Но и тоа не е доволно, доколку не се земе предвид нивната структура – дали се насочени кон производство, услуги, енергетика или финансиски активности – и какво е нивното влијание врз извозот, продуктивноста и платите.

Во 2024 година, СДИ изнесуваа 7,03 % од БДП, што е значително над македонскиот историски просек (3,94 %) и над светскиот просек (4,56 %). Сепак, кварталната динамика ја открива вистинската слика: во последното тримесечје од 2024, кога новата влада веќе беше стабилизирана, СДИ паднаа на само 1,2 % од номиналниот БДП, наспроти 7,4 % во претходниот квартал. Притоа, треба да се има предвид дека голем дел од приливот во првата половина на годината се случи во време на претходната влада.

Останува нејасно дали во овие бројки е вклучена најавената инвестиција од 500 милиони евра на „Алказар Енерџи“ во ветерниот парк. За штетноста на овој ветерен парк за енергетската самостојност на државата доволно сме зборувале, односно оваа инвестиција подобро и да не се случела.

За илустрација: највисокиот сооднос СДИ/БДП воопшто е регистриран во март 2001 година, кога достигна 41,3 % (на графикот). Тоа не беше резултат на продуктивни инвестиции, туку на еднократната продажба на Телеком и падот на БДП во воената 2001 година, што уште појасно ја потенцира статистичката илузија околу овој показател.
Високиот процент СДИ/БДП не открива ништо за карактерот на инвестициите. Можеме да имаме формално високи бројки, но ако тие се должат на отворање рудник што извезува суровини со минимална додадена вредност, ефектот врз домашната економија е занемарлив, а врз животната средина може да биде негативен.

Во овој контекст повторно можеме да го споменеме ветерниот парк на „Алказар Енерџи“, исто така СДИ, од кој што државата нема да има речиси никаква корист, туку огромна штета со тоа што се лишува од можноста самата да изгради профитабилен обновлив извор на енергија, од што и граѓаните би имале корист поради ниските и предвидливи цени на електричната енергија.

Македонскиот модел на СДИ е класичен пример на т.н. „enclave economy“. Инвестициите се физички лоцирани во земјата, но економските ефекти во голема мера се излеваат надвор. Сите поголеми странски вложувања се ориентирани кон извоз, но профитот најчесто се репатрира во матичните земји. Законски тоа е дозволено, но во практика значи дека приливот на девизи веднаш се пренасочува назад.

Локалните ефекти се ограничени, односно минимални. Се создаваат работни места, но со плати што најчесто се ниски или умерени. Енергијата и мал дел од репроматеријалите се набавуваат од домашниот пазар, но најголемиот дел од интермедиерите и опремата се увезуваат. На тоа се надоврзува и даночната политика: извозот е ослободен од ДДВ, влезниот ДДВ се враќа, данокот на добивка е минимизиран преку амортизација, лиценцни трошоци кон матичните компании или преку практики познати како трансферни цени (transfer pricing – набавка по високи цени од поврзани компании во даночни раеви и продажба по ниски цени исто така кон поврзани компании).

На хартија, БДП и извозот изгледаат повисоки. Во реалност, нето-ефектот врз платниот биланс е многу скромен, бидејќи девизниот прилив се користи за увозни репроматеријали и репатријација на профит. Единствениот траен придонес е во сферата на вработувањата – но и тие претежно во сегменти што не бараат високи знаења, со што ефектите врз пренос на технологии и знаења се ограничени.

Затоа, иако формално може да се прикажува висок сооднос СДИ/БДП, тоа не претставува доказ за вистинска економска добивка. Без интеграција со локални компании и без развој на синџири со домашна додадена вредност, странските инвестиции остануваат изолирани острови во македонската економија – со домашна работна сила, но со придобивки што главно завршуваат во странство.

——————-

На графиконот е прикажана еволуцијата на СДИ како процент од БДП во Северна Македонија. Јасно е видлива големата променливост на овој сооднос низ годините, што го прави овој показател крајно непостојан и несигурен за оценка на вистинскиот економски развој.

Извор: Светска банка https://www.theglobaleconomy.com/…/foreign_direct…

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Профеосорот Трајковски со нова лекција по економија…

Владата продолжува со празно фалење и создавање…

Костова: Паѓа поддршката на ВМРО-ДПМНЕ и тоа…

Сите сондажи коишто ги имаме ние, меѓутоа…

Преку 11 илјади работодавачи за јули не…

Управата за јавни приходи (УЈП) во следните…

Уапсен маж од Македонски Брод кој неовластено…

Од полицијата информираат дека вчеравечер во 21:30…

Од државниот буџет се обезбедуваат 65 милиони…

Обезбедени инвестиции од државниот буџет во износ…