Професор со математички прецизен одговор за Мицкоски… Aмериканскиот гас чини најмалку дупло повеќе од рускиот – до кога ќе задоволуваме нечии геополитички хирови

t

Сите извори за снабдување на Европа со природен гас се обична шега во споредба со Русија
На вчерашната конференција на конзервативците во САД нашиот премиер меѓу другото изјавил: „Го градиме нашиот јужен интерконектор со Грција. Ќе започнеме да го градиме северниот интерконектор со Србија, практично користејќи го терминалот Александрополи. Американскиот гас ќе биде голема конкуренција за постојниот гасовод „Јужен тек“.“

Мора да се работи за некакво недоразбирање, бидејќи подолу ќе видиме дека американскиот гас не може да му биде никаква конкуренција на рускиот гас од гасоводот „Турски тек“.

На страна што не постои „Јужен тек“ туку „Турски тек“, но според овие зборови, испаѓа дека ние ќе ја снабдуваме Европа, иако во стварност нема да ја снабдуваме ниту Србија со гас од Азербејџан или пак со американски гас добиен од ЛНГ (втечнет природен гас) од новиот ЛНГ терминал во Александруполи.

На картата на првата слика ја гледаме трасата на Трансјадранскиот гасовод (TAP – Trans Adriatic Pipeline), којшто ќе транспортира природен гас од Грција, преку Албанија за Италија, добиен преку Трансанадолскиот гасовод (TANAP) низ Турција од гасното поле Шах Дениз II во Азербејџан. Постои можност, односно речиси е сигурно, регасифицираниот ЛНГ од терминалот во Александруполи да се транспортира преку Трансјадранскиот гасовод.

Од Александруполи веќе постои гасна интерконекција кон Бугарија, преку гасоводот за трансфер на природен гас од Турција (Turkish-Bulgarian Interconnector). Овој гасовод, кој е дел од Јужниот гасен коридор, има за цел да овозможи директен транспорт на природен гас од Турција преку Грција до Бугарија, а исто така ќе обезбеди и можности за пренос на гас од терминалот за ЛНГ во Александруполи.

Понатаму, Бугарија има гасна интерконекција со Србија преку гасоводот за поврзување на Бугарија и Србија, кој ја поврзува бугарската и српската гасна мрежа. Оваа интерконекција е клучна за трансфер на природен гас од Бугарија кон Србија.

Во однос на ТАП, кракот кон Македонија ќе биде само една споредна гранка, односно слепо црево, што во најдобар случај може само да помогне во снабдувањето на Македонија и Јужна Србија , иако тоа за Србија не е неопходно, поради постоечкиот интерконектор со Бугарија. Нашиот крак нема да и значи ништо ниту на Албанија, бидејќи гасоводот од северна Грција директно ќе влегува во Албанија, а понатаму по дното на Јадранско Море кон Италија.

Дали се работи за неинформираност или само за желба да се импресионираат Американците на конференцијата, но од нашиот крак на ТАП, Европа речиси нема никаква потреба, а за некаква конкуренција од американскиот гас не може да стане ни збор.

Да разгледаме сега две други прашања. Првото прашање е дали и колку азербејџанскиот природен гас е значаен за Европа, спореден со рускиот. Второто прашање е дали се исплати американскиот гас од ЛНГ и дали има потреба од инвестиции во уште еден гасовод на наша територија, покрај постоечкиот интерконектор со Бугарија.

Како прво, резервите и производните капацитети на Азербејџан се минорни во споредба со руските. Резервите на природен гас на најголемите светски производители се дадени подолу:

Русија: приближно 38 трилиони кубни метри (Tcm)
Катар: околу 24,7 Tcm.
САД: приближно 13,2 Tcm
Алжир: приближно 4,5 Tcm
Азербејџан: околу 2,8 Tcm.

Аргентина: иако точните бројки варираат, Аргентина е на второ место во светот по обемот на резерви на неконвенционален гас (од шкрилци). Но, таа е и најдалеку од Европа и најмалку конкурентна.

Кратко и јасно кажано, Азербејџан не е во состојба да ја снабдува Европа со природен гас во посериозни количини. Дури и дел од гасот што моментално го продаваат е – препродаден руски гас. Едноставно, нема ништо од гасната енергетика во Европа без Русија. Тоа што од политички причини решиле да си ја пробаат среќата со американски ЛНГ (и да плаќаат двојно поскапо) е друга работа, но нема врска со реалната економија.

Оној момент кога ќе престанат воените операции во Украина, Европа и ние ќе се вратиме на рускиот природен гас, „Турскиот тек“ за руски гас низ Турција и Бугарија повторно ќе проработи со полн капацитет, а нашиот интерконектор со Грција ќе остане тоа што е – обично слепо црево за скап гас од ЛНГ, што никому нема да му биде потребен. Ќе можеме да го користиме за добивање на азербејџански гас, но ние секако можеме да го добиеме преку Турција и Бугарија.
Да го разгледаме второто прашање, за (не)исплатливоста на американскиот втечнет природен гас (LNG – liquefied natural gas) транспортиран со брод, во споредба со рускиот компримиран природен гас (CNG – compressed natural gas), транспортиран низ цевковод.

На дијаграмот на втората слика се гледа дека природнот гас во Америка е прилично поевтин отколку во Европа. Цените се изразени во американски долари за милион Btu (британски топлински единици), $/MMBtu. Треба да помножиме со 3,41 за да ја добиеме цената во американски долари за мегаватчас $/MWh), што најдобро одговара на единицата мерка што кај нас се користи за изразување на цената, т.е. евра/MWh.

Цената прикажана со розова боја важи за Америка. За да се транспортира гасот надвор од Америка, потребно е истиот најпрво да се исуши од водената пареа, да се втечни со ладење, а потоа да се транспортира со специјални бродови-танкери за ЛНГ на други континенти. Таму ЛНГ се регасифицира (на пример во терминалот во Александруполи во Грција), се компримира и се пушта во гасовод. Трошоците за втечнување, транспорт, регасифицирање и цевен транспорт ја креваат цената на природниот гас за два до три пати, што е прикажано со жолтата линија на дијаграмот.

Цената бргу се „ѕида“ нагоре. Да ги разгледаме трошоците.

Цена на природниот гас во САД:

Во Мексиканскиот (по ново: Американскиот) Залив (Henry Hub), цената на природниот гас обично се движи меѓу $2 – $4/MMBtu

Трошок за втечнување:

Процесот на ладење на гасот до -162°C за да се претвори во LNG чини околу $3 – $5/MMBtu.
Трошок за транспорт со брод:

Превозот на LNG со танкери од САД до Европа варира помеѓу $1 – $2/MMBtu, зависно од растојанието и пазарните услови.
Трошок за регасификација:

Враќањето на LNG во гасовита состојба во Европа и негово внесување во цевоводната мрежа додава уште $0.5 – $1.5/MMBtu.
Цевоводен транспорт во Европа:

Транспортот преку локалните гасоводи во Европа чини околу $0.5 – $2/MMBtu, во зависност од оддалеченоста на потрошувачот.

Финална цена во Европа:

Ако цената на природниот гас во Мексиканскиот Залив е $3/MMBtu, додавањето на сите горенаведени трошоци (минимум ~$5 и максимум ~$10) може да ја зголеми цената до $8 – $13/MMBtu кога ќе пристигне до европските потрошувачи. Ова значи дека трошоците за обработка и транспорт можат најмалку да ја удвојат или дури да ја утростручат и учетворостручат почетната цена на гасот.

Изразено во евра/MWh, американскиот гас нас ќе не чини до 40 евра/MWh, додека рускиот гас во нормален пазар чини околу 20 евра/MWh, односно приближно двојно поевтино.

Ова објаснува зошто LNG од САД вообичаено е поскап од рускиот природен гас доставен преку цевководи, којшто нема потреба од втечнување и прекуокеански транспорт. Кому тогаш му е потребен и зошто е „измислен“ ЛНГ? Потребен им е само на тие што немаат друг избор, пред сé земјите од азиско-пацифичкиот регион, на пример Јапонија. Ние за среќа ја имаме и поевтината опција, со гасовод.

Но, под притисок на САД, нивните западни сојузници, меѓу кои и Македонија, мораа да се откажат од евтиниот руски гас од цевковод (кој патем речено ја крена на нозе нивната економија), па преминаа на двојно поскап американски гас.

Резултатот го гледаме – зголемување на трошоците, намалување на производството, па и банкротирање на западноевропските индустриски концерни, особено автомобилските.

Македонија без никаква потреба и без економска оправданост мора да гради втор цевковод, интерконекторот со Грција, преку кој што ќе може да добива компримиран гас од Азербејџан, но и регасифициран американски ЛНГ од терминалот во Александруполи. Тоа нас ќе не чини скапо, како на краток, така и на долг рок заради инвестициските трошоци. Многу веројатно е дека новиот интерконектор нема да ги врати инвестираните пари до 2050 година, кога целиот свет ќе мора да го напушти и природниот гас поради Зелената агенда.

Инаетот има навистина превисока цена и порано или подоцна ние ќе мораме да се вратиме на рускиот гас. Па зошто тогаш, при сета немаштија би се задолжувале и би инвестирале во интерконекција со Грција, кога се знае дека најкраткиот и најлогичниот пат за снабдување води преку Бугарија, со која што ние веќе имаме интерконекција?

Со интерконекторот со Грција постигнуваме само обична диверсификација (добиваме уште еден извор на гас), но бидејќи веќе имаме еден извор, подобро би било ако тие пари се вложат во обновливи извори на енергија на наша територија, отколку за задоволување на нечии геополитички хирови. Крајот на војната не е далеку, па стабилизирањето на пазарот ќе го видиме за кратко време, а тогаш ќе излезе на виделина неисплатливоста, особено на опцијата со ЛНГ.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Видео) Крмов: Имаме скржава власт која одвои…

Пратеникот Борислав Крмов од Левица на седницата…

Сите на одмор: На „Табановце“ и „Богородица“…

На граничните премини „Табановце” и „Богородица”, времето…

Иран со ново предупредување: Следуваат уште поостри…

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан испрати силна порака…

Прекината истрагата за Панчо од ДНК

Обвинение за 34 физички и три правни…

„На здравје за молкот“

Кратка тажна приказна од нашето секојдневие… Летото…