Проф.д-р Никола Жежов: Историското значење на Првото заседание на АСНОМ!

t

Проф.д-р Никола Жежов

ИСТОРИСКОТО ЗНАЧЕЊЕ НА ПРВОТО ЗАСЕДАНИЕ НА АСНОМ

Секој народ во современата човечка цивилизација ги бара своите корени во историјата. Македонскиот народ несомнено и неспорно има длабоки историски корени и своето постоење во семејството на народите го има оформено врз основа на сплет на општествено- политички процеси назад низ вековите. Децениските борби на македонскиот народ го достигнале својот врв преку втемелувањето на неговата државност на 2 август 1944 година, на Вториот македонски Илинден кој се случил како континуиитет на првата илинденска генерација на борци за слободата на Македонија и идеалите на Илинденското востание во 1903 година. Одржувањето на Првото заседание на Антифашистичкото Собрание на Народното Ослободување на Македонија (АСНОМ) било подготвувано околу една година, уште со формирањето на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ на чело со Методија Андонов- Ченто, тело кое ги извршило сите неопходни организациски работи за чинот на конституирањето на современата македонска држава. АСНОМ својата активност ја засновувал на одлуките на Второто заседание на АВНОЈ од ноември 1943 година каде македонскиот народ бил признаен како посебен народ, а Македонија била оформена како федеративна единица во рамките на новосоздадената југословенска федерација. Целиот овој историски процес не бил случаен или вештачки наметнат, туку се должел на учеството на македонскиот народ во Народно Ослободителната Војна (НОВ), со свои посебни воени единици, со македонски Главен Штаб кој формално се наоѓал под раководство на Врховниот Штаб на НОВЈ на чело со Јосип Броз Тито. И покрај формалното раководење од страна на НОВ на Југославија, македонското народно ослободително движење, самостојно ги водело борбите за ослободување на делот од Македонија што се конституирал како рамноправна република во рамките на авнојска Југославија. Напоредно со борбата на Македонците во федеративна Југославија, организирана антифашистичка и ослободителна војна воделе и Македонците во Егејскиот и Пиринскиот дел на Македонија со конечна цел за присоединување кон федерална Македонија или создавање на обединета македонска држава во федерација на држави на балканските народи. Идејата за создавање на обединета Македонија во нејзините етнички и географски граници, заради констелацијата на односите помеѓу големите сили по Втората светска војна, не успеала и македонскиот народ своја државност извојувал само како федеративен статус во рамките на Демократска Федерална Југославија и таквиот чин бил остварен согласно одлуките на Првото заседание на АСНОМ.

Првото заседание на АСНОМ започнало и било отворено на 2 август 1944 година во манастирот „Св. Прохор Пчински“ од страна на најстариот делегат Панко Брашнаров со емотивни зборови во кои го поздравувал создавањето на македонската држава, истакнувајќи ги границите на етногеографска Македонија, онака како што ги замислувале и се бореле македонските револуционери од илинденската генерација борци во македонското револуционерно движење. На заседанието биле поканети 116 делегати од сите делови на Македонија, а пристигнале и учествувале мнозинство од избраните членови на заседанието со што на настанот му бил даден целосен легитимитет. Одлуките што делегатите на Првото заседание на АСНОМ ги изгласале имале државотворен карактер и Македонија ја дефинирале како рамноправна република во рамките на новата југословенска држава. Македонија ги добила сите елементи на државност што како чин било прифатено со огромен ентузијазам како од делегатите, така и од присутниот насобран народ кој со радост ја поздравувал секоја одлука и решение на заседанието. Неколку донесени решенија, одлуки и документи ги поставиле основите на државноста на Македонија. Решението за прогласување на АСНОМ за врховно, законодавно и извршно тело на државната власт во Демократска Федерална Македонија бил еден од најважните асномски документи. Ова решение му префрлило такви ингеренции на АСНОМ кои соодветствувале со надлежности на влада се до датумот на формирањето на првата влада на федерална Македонија во април 1945 година. За потребите на функционирање како влада, решението на АСНОМ дефинирало создавање на Президиум со повеќе поверенства кои функционирале како министерства и ги опфаќале сите сфери на општествено- политичкото живеење во Демократска Федерална Македонија. За претседател на Президиумот на АСНОМ бил избран Методија Андонов- Ченто. Декларацијата за основните права на граѓаните во Македонија била изгласана по примерот на Француската боржуаска револуција од 1789 година и таа ги регулирала слободата на говорот, правото на национална припадност, правото на движење, правото на глас, за прв пат и правото на глас на жените, правото на вероисповед и правото на приватна сопственост. Со овој документ, АСНОМ пред македонскиот народ и останатите националности во Македонија ја претставувал новоформираната држава не само како држава со социјалистичко општествено уредување, туку и како држава со примеси на граѓанско политичко уредување. Големо влијание за ова имал и Владимир Полежиновски, доктор по правни науки со западно образование кој бил еден од авторите на поголемиот дел од документите изгласани и усвоени на заседанието на АСНОМ. Решението за воведување на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава бил документ од историско значење за Македонија и македонскиот народ затоа што за прв пат се признавало постоењето на македонскиот јазик, за чиешто кодифицирање и целосно оформување со сите норми работела и посебна комисија избрана на заседанието. Решението за прогласување на 2 август, Илинден за државен празник на Македонија означувало континуитет на борбата на македонскиот народ за создавање на сопствена национална држава и го поврзувало АСНОМ со идеалите и целите на Илинденското востание од 1903 година, за што впрочем, во списокот на делегати на заседанието биле вклучени и македонски револуционери од предилинденскиот и илинденскиот период. Меѓу најзначајните документи на Првото заседание на АСНОМ бил и Манифестот упатен до сите Македонци, до националностите во Македонија во кој се објаснувале целите на АСНОМ и борбата на НОД и документ со кои се објавувало создавањето на Македонија како дел од преуредената југословенска федерација.

Сите овие изгласани и усвоени решенија и документи на Првото заседание на АСНОМ ги поставиле основите, темелот на новосоздадената македонска држава која во тој момент се определила за заеднички соживот со останатите народи и републики во федерална Југославија. Градењето на Македонија како федеративна република во рамките на Југославија, иако било прифатено со големо воодушевување од Македонците и националностите во Македонија, одело споро, тешко, како што впрочем е секаде во светот кога се создаваат нови држави. Во временскиот период од околу 5 децении кога Македонија била членка на југословенската федерација, неколку главни принципи и начела биле водечки за нејзиниот опстој и за нејзиното целосно подготвување за независност во почетокот на 90тите години на XX век. Прво, тогашната генерација на македонски борци, дејци и револуционери, се издигнала високо над самата себеси и идеалот за создавање на држава со името Македонија го ставила над нејзините идеолошки определби и личните интереси. Тоа се покажало како вистинско решение за создавањето и градењето на Македонија. Иако, пред Првото заседание на АСНОМ комунистите биле водечката политичка сила во борбата на македонскиот народ во текот на Втората светска војна, тоа не им пречело да ги поканат и останатите македонски дејци и револуционери кои не биле комунисти, а со друга политичка идеологија- да се вклучат во АСНОМ и во градењето на темелите на државата. Ако на заседанието на АСНОМ како делегати биле избрани комунисти, членови на Комунистичката партија како: Љупчо Арсов, Лилјана Чаловска, Вера Ацева, Страхил Гигов, Цветко Узуновски, за делегати биле избрани и личности од илинденската генерација на борци како: Панко Брашнаров и Димитар Влахов. За една иста цел, создавање на македонска држава, разговарале и биле делегати на АСНОМ и луѓе од различни професии и со различно образование: делегат бил Владимир Полежиновски, доктор по правни науки, но и Александар Петровски, кројач по професија; делегат на АСНОМ бил Иван Раднански, земјоделец, а член на заседанието бил и Венко Марковски, поет и писател. Меѓу делегатите имало студенти, земјоделци, банкари, адвокати, фабрички работници, професори, но сите нив ги обединувала една заедничка цел: создавање на држава со име Македонија. Решенијата на АСНОМ како делегати ги поддржале и изгласале и припадници на националностите во Македонија: Ќемал Аголи, Камбер Асан, Ќемал Сејфула, Исак Сион. И за нив било идеал создавањето на Македонија, иако тогаш како федеративна република во рамките на Југославија. Во работата на АСНОМ се вклучиле и биле избрани како делегати и Македонци од Егејскиот и Пиринскиот дел на Македонија: Васил Василев, Васил Ивановски, Атанас Великов, Димитри Манџовски, Димитар Влахов. Првото заседание на АСНОМ претставувало едно сеопшто македонско собрание кое во своите редови ги обединувало луѓето за една заедничка цел, без разлика на националноста, верата и професијата.

Втората важна придобивка е што со АСНОМ, македонскиот народ и националностите во Македонија СЕ ИЗБОРИЈА, а не добија, држава со името Македонија, без разлика на различните идеолошки одредници кои стоеја во различни форми пред нејзиното име во текот на 46 годишното постоење на државата во таква форма. Решанијата и документите на АСНОМ го верификувале тоа што било скапо платено, со многу загинати и жртви во текот на Втората светска војна. Никој не и ја подарил слободата и државноста на Македонија во рамките на Југославија, туку тие придобивки биле извојувани со учество во НОВ, а доказ за тоа е фактот што последниот непријателски војник ја напуштил македонската територија со завршните борбени операции кои ги водела македонската војска на чело со нејзиниот воен командант Михајло Апостолски.

Третото важно обележје е антифашистичкиот карактер на борбата на македонскиот народ и националностите кои преку народно ослободителното движење се бореле како рамноправни членови на Антихитлеровската коалиција предводена од САД, Велика Британија и Советскиот Сојуз, а признание за тоа било учеството на членовите на американската и англиската воена мисија на Првото заседание на АСНОМ со што дефакто и дејуре се извршило меѓународно признавање на Македонија, иако во тоа време федерална единица на Југославија.

Затоа, на Првото заседание на АСНОМ треба да гледаме како на настан кој ја обликуваше денешната современа реалност на Македонија. АСНОМ ја оформил Македонија како држава, со сите нејзини институции од сите сегменти на општествено- политичкиот, економскиот и културниот живот и без разлика на бројните слабости и проблеми што се составен дел на новоформирани држави, ја подготвил и го обезбедил патот кон нејзиното осамостојување во 1991 година. 80 години државност, погледнато наназад и не е така мал период затоа што Македонија помина низ многу премрежија, тешки ситуации, кризи, економски потешкотии, негирања и обиди за нејзино редефинирање. И покрај сѐ, решенијата и одлуките на Првото заседание на АСНОМ, сеуште се темелот и на денешна Република Македонија. Во името на тоа, АСНОМ треба да биде пример за понатамошниот развој на идните македонски генерации. Македонската историја е исполнета со многу настани, трагични датуми, денови на хероизам и на истрајност, но и на мудрост. Првото заседание на АСНОМ е еден од историските примери на семакедонското национално единство и чин на наднационално обединување, заедништво и на Македонците со останатите националности во Македонија: Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци…АСНОМ е успешната македонска приказна која пред 80 години станала реалност затоа што тогашната генерација го почувствувала историскиот момент за тоа и создала македонска држава која денеска е основата за постоењето на Република Македонија. Да им го пренесеме Асномскиот пример на сегашните македонски генерации и да ги научиме како се гради, но и како се чува една држава која сме ја создале со многу жртви и страдања. Нека Илинден и АСНОМ бидат првите историски лекции за македонските ученици, за да тие создадат поуспешна и подобра иднина за Македонија.

Честит празник Илинден!

Нека е вечен споменот за двата македонски Илиндена!

Нека е вечна Македонија!

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Втори август е славен датум за нашата…

Република Бугарија останува решена да работи на…

Сиљановска од Пелинце го честита Илинден со…

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска се обрати…

(Видео) „Вмровска“ шота за прослава на Илинден…

Со албански фолклор Собранието го одбележува најголемиот…

(Видео) Државата гори, Мицкоски сам слави Илинден,…

Премиерот Мицкоски и владината делегација меѓу кои…

Груевски: Славењето на хероите ќе создаде нови…

Честитка по повод Илинден објави поранешниот премиер…