Пумпите пуштија срце – бензинот поевтине за 2, па дури и 3 денари по литар
Бензиските пумпи во земјава ја испочитуваа препораката на Владата и веќе од денеска се точи бензин и дизел по намалени цени од 2 денари по литар, освен на пумпите на „Макоил“, каде што дизелот, бензинот 95 и автоплинот се со намалени цени за 3 денари по литар.
Од сите поголеми („Макпетрол“, „Лукоил“, „Макоил“, „ОКТА-Пуцко Петрол“) бензиски пумпи, но и на помалите на кои се јави весникот ВЕЧЕР, потврдија дека бензинот еуросупер 95 се продава по 84,5 денари од литар, еуросупер 98 чини 86,50 денари од литар, а еуродизелот 90 денари од литар. Нема намалување на цената на екстралесното масло, тоа и натаму се продава по 89,50 денари одлитар.
Некои од компаниите ја објавија веста за намалувањето на своите веб-страници, но и на „Фејсбук“, без да се прецизира до кога ќе важат намалените цени. За разлика од нив, бензиските пумпи „Макоил“ објавија дека попустот на дизелот, бензинот 95 и на автоплинот за 3 денари од литар ќе важи до крајот на овој месец. Исто така, посочуваат дека цената може да се договори ако се купува поголемо количество гориво.
„Макпетрол“, иако претходно се изјасни дека според нив најсоодветно решение е замрзнување на набавните и на малопродажните цени на горивата, по примерот на некои европски земји, со цел да се избегнат дополнителни економски последици, сепак и тие ги намалија цените на горивата за 2 денари од литар. Oд ОКТА соопштија дека претходно најавениот попуст е применет за сите трговци на големо и мало кои набавуваат горива од ОКТА.
– Оваа придобивка е обезбедена преку кредитни одобренија издадени на 13 март 2026 или директно е пресметана во фактурите за продажба издадени на 16 март 2026, со што се овозможува негова целосна практична примена. Иницијативата е доброволна и им овозможува на трговците да ја пренесат придобивката на крајните потрошувачи. Сепак, трговците на големо и мало, имаат целосна слобода самостојно да ги одредат своите продажни цени – велат од ОКТА.
Од 3 до 17 март (за само две недели) бензините поскапеа за вкупно 12 денари за литар, додека дизелот за 21 денар за литар. Според партиската пресметка на ДУИ, во овој период граѓаните платиле повеќе од 10 милиони евра повеќе за нафтени деривати.
– Врз основа на годишната, месечната и дневната потрошувачка во Македонија, произлегува дека потрошувачката на нафтени деривати за транспорт изнесува околу 720.000 тони годишно, односно, месечната потрошувачка изнесува 60.000 тони (60 милиони литри), неделната потрошувачка е 15.000 тони (15 милиони литри) и дневната потрошувачка е околу 2.000 тони (2 милиони литри). Неинтервенирањето на Владата им чини на граѓаните и бизнисите околу 685.000 евра дневно, односно над 5,15 милиони евра неделно – тврди Имране Велиу Алиу од ДУИ.
Таа посочува дека зголемувањето на цените на дизелот од 21 денар по литар директно ги погодило граѓаните кои патуваат кон Скопје.
– Граѓаните на Тетово ќе трошат околу 600 евра повеќе годишно по лице, граѓаните на Гостивар околу 780 евра повеќе годишно по лице и граѓаните на Куманово околу 579 евра повеќе годишно по лице. Овие се алармантни бројки кои директно го оптоваруваат семејниот буџет и го влошуваат животниот стандард на граѓаните. Затоа, бараме итни мерки од Владата за заштита на граѓаните и економијата од овој неподнослив товар – рече таа.
Професорите од економската фела во регионот коментираат дека последиците од покачувањето на дериватите нема да бидат ограничени само на пазарот на нафта и гас, и дека први на удар се индустриите што се директно поврзани со енергентите, транспортот и логистиката, што понатаму би се прелеало врз производството и преработката на храна.
Билјана Муратовска од Асоцијацијата „Макам-транс“ за весникот ВЕЧЕР вели дека поскапувањето на горивата не може да се избегне, но нагласува дека сознанијата од минати вакви кризи покажуваат дека ваквите зголемувања обично со задоцнување влијаат на транспортните цени, па можно е да има реакции од превозниците ако трендот продолжи.
– Превозници кои возат поединечни превози можат да ја качат цената на превозот, но цените не можат да ги сменат оние превозници кои се врзани со годишни договори со компаниите што работат во слободните зони, ако од другата страна нема добра волја – вели Муратовска.
Од „Макам-транс“ доставиле до Владата и Министерството за финансии одредени мерки што би им ги намалиле трошоците на превозниците. Муратовска вели дека како краткотрајна мерка која ја најави и премерот Христијан Мицкоски е намалување на данокот од 18 на 10 проценти или на акцизите за горивата кои изнесуваат 22 денари за бензините и 15,5 денари за дизелот.
– Ние, превозниците, си го враќаме ДДВ-то кога полниме гориво во Македонија. Сега бараме ДДВ-то да ни го враќа и државата кога полниме гориво кај нив и со тоа ќе си ги намалиме трошоците. За таа цел, бараме од Владата да испрати писмо со намери до дваесетина земји од ЕУ, меѓу кои и со Полска, Чешка и Унгарија со кои немаме договори за реципроцитет за враќање на данокот – потенцира Муратовска и вели дека истото барање важи и за враќање на акцизата.
Исто така, во дописот до Владата и до Министерството за финансии, за професионалните возачи бараат повисока дневница и да не се плаќа персонален данок од 10 проценти.
– Возачот е постојано на пат. За да го задржи возачот, превозникот мора да му исплати повисока дневница – вели Муратовска.
Инаку, економските аналитичари, коментирајќи ги предлозите за привремено укинување или намалување на акцизите, велат дека станува збор за мерка која може да се разгледа, но со голема претпазливост. Искуствата на земјите од Европската Унија велат дека таквата мерка покажала дека какво било привремено укинување на фискалните или на парафискалните давачки носи многу краткорочни резултати, кои на долг рок не се покажале доволно ефикасни. Имено, во одредени европски држави најголемиот дел од придобивките од таквите мерки, на крајот, ги задржуваат дистрибутерите и нафтените компании.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Пумпите пуштија срце – бензинот поевтине за…
Бензиските пумпи во земјава ја испочитуваа препораката…
Постои Платформа за рушење на СДСМ од…
Соопштение за јавност Постои Платформа за рушење…
Започна распределбата на ваучерите за инвертер клими
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини…
Уставен суд: Изјавите на Пендаровски за Законот…
Изјавите на поранешниот претседател на државата Стево…
Генералниот Секретар на Меѓународната Конфедерација на Синдикати…
Денеска во просториите на Министерството за економија…