„Пченицата твоја триж плодна ќе биде и животот твој!” – 33 години слободна, самостојна и суверена Македонија!

t

… О тешкото! Сега по нашите села

во слобода првпат штом ќе opo сретнам,

зар чудно е – солза да потече врела,

зар чудно е – жалба јас в срце да сетам?!

Од вековно ропство, мој народе, идеш

но носиш ти в срце дар златен и пој.

Пченицата твоја триж плодна ќе биде,

И животот твој!

Во плејадата македонски поети кои твореле за Македонија и се инспирирале од неа, не може да се издвои еден човек, автор, една творба, песна, која ќе ја наречеме најубава, но затоа, за денешниот ден и денешниот текст посветен на роденденот на Македонија, веројатно нема посоодветна творба од “Тешкото” на Блаже Конески.

Добро утро Македонци, честит нека ни е Денот на независноста на Македонија, а во продолжение прочитајте каков пат изоде нашата држава до осамостојувањето…

И да не заборавиме, на 8 Септември, не се роди нова држава, на 8 Септември 1991 година се возобнови во обликот на современата Македонска држава, државата и народот кој има вековна, милениумска, херојска историја, традиција, култура, јазик…

Најстарите траги од животот на луѓето во Македонија, како што покажува науката, потекнуваат од неолитот. Што би рекол Паско Кузман, па само Охрид е стар скоро 8.000 години, тука е Кокино, тука се низа остатоци и пронајдоци што сведочат дека оваа наша денешна територија била населена уште во најраните времиња.

Првото Македонско кралство се појавува во периодот на деветтиот век пред нашата ера, историја која е испреплетена со многу митологија (во однос на ликовите), но и со факти и материјални докази дека конкретните луѓе постоеле. Најславните во нашата историја секако се Филип Втори и Александар Трети Македонски, после нив некако следувале само ропства, прво од Римјаните, па од Византијците, па од Османлиите, најпосле од соседите, кои никако да се помират со фактот дека ние сме тука барем еднакво колку и тие, ако не и повеќе…

Нема да се задржуваме предолго на најдалечната историја, ја спомнуваме само колку да потсетиме дека ја има, дека не се појави тука волшебно некоја држава по Втората светска војна.

Конески вели:

О тешкото! Зурли штом диво ќе писнат,

штом тапан ќе грмне со подземен екот –

во градиве зошто жал лута ме стиска,

во очиве зошто ми навирa река

и зошто ми иде да плачам ко дете,

да превијам раце, да прекријам лик

та гризам јас усни, стегам срце клето,

да не пушти вик.

Низ овој текст ќе ги проткајуваме стиховите од “Тешкото”, симболот на судбината на македонскиот народ…

Македонскиот народ не ја доби слободата како подарок, туку како крвав откуп, како што претпоставил уште одамна и пиринскиот цар Јане Сандански. Карпошовото, Негушкото, Разловечкото, Македонското (Кресненско), Илинденското востание се тој крвав откуп, на кој подоцна се додаваат и жртвите на фашистичкиот окупатор, на децата бегалци, на Егејска и Пиринска Македонија, на разделените браќа и сестри, родители и деца кои до ден денес се бараат, но не можат да се најдат…

О тешкото! Старци излегуват еве,

на чело им мисла, во очи им влага

и првиот чекор по меката трева

е мирен и бавен, со здржана тага.

Но ‘рзнува тапан и писок се крева

и молнија светнува во секој глед,

и напред се пушта, се стрелка, се слева

стегнатиот ред.

АСНОМ е искрата надеж и мевлемот на раната наречена Македонија, раната која тогаш, по ослободувањето од фашизмот и нацизмот, почнува да се лекува, за подоцна да се создаде денешната Македонија. Со АСНОМ почнува современиот државно-правен развој на Македонија.

До старците момци се фаќаат скокум;

не издржа срце – сив сокол во клетка,

не издржа пламен жив потулен во око,

не издржа младост што сака да летне!

Се залула оро! Се заврте земја,

и чиниш – се корне стресениот век,

и околу трпнат ридиштата темни

и враќаат ек.

На 31 декември 1946 година е донесен Уставот на Народна Република Македонија, според кој “НРМ е народна држава со републикански облик во која македонскиот народ, врз основа на слободно изрзената волја, ги остварува своите права и слободи”. Првиот устав секако претрпува промена, го наследуваат нови устави кои овозможуваат Македонија еден ден да се одвои од Југословенската Федерација.

И божем се врасло кипнатово оро

со исконска сила за земјава наша

и во него шуми на реките зборот,

и во него рика див ветер и страшен

и во него шепнат узреани житја

и вечерен мирис се разлева тих,

и земјата дише во пролетна ситост

со запален здив.

На 8 јануари 1991 година е конституирано првото повеќепартиско Собрание. Тоа Собрание ги донесува Декларацијата за сувереност на СРМ и подоцна Декларацијата со која се потврдува изразената волја на граѓаните за сувереност и самостојност на референдумот од 8 септември 1991 година.

И душата, чиниш, на родот мој мачен

во тешково оро се уткала сета –

век по век што трупал сè попуст и мрачен

од крвава болка, од робија клета,

век по век што нижел од корава мисла

за радосна челад, за слободен свет,

од песна – за љубов што гине со пискот

ко жерав во лет.

Осми септември е печатот на вековната борба за слобода и самостојност на македонскиот народ, за и ние да имаме сопствена држава, да си бидеме свои на своето. Референдумот на кој реките народ излегоа и одлучно кажаа дека сакаат сопствена држава, сакаат самостојност и слобода.

О тешкото! Кога во молк да те гледам,

на очиве магла ми напаѓа сура,

и одеднаш – в бескрај се растега редот

и ридја се губат в пустелија штура –

и еве кај иде од маглата матна

сè сенка до сенка, сè еден до друг –

во бескрајно оро син оди по татка,

по деда си – внук.

95% од граѓаните што излегле на референдумот, позитивно одговориле на референдумско прашање: Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија?

Времињата мрачни се нивното поле,

и нивната свирка – на прангите ѕвекот,

а главите им се наведени доле,

и покроце врват – сè чекор по чекор.

О времиња, што ве в мрак родот мој минал,

кој збор ќе ми најде за вашата стрв?

Кој збор ќе ми најде за ужасот зинат

над пустош и крв?!

На гласањето, според официјалните податоци, од 1.495.626 гласачи излегле 1.132.981 граѓанин со право на глас или 71,85 отсто, а од вкупниот број граѓани кои гласале на Референдумот позитивно се изјасниле 1.079.308 граѓани односно 95,09 отсто (односно 72,16 % од вкупниот број на граѓани со право на глас). Во официјалниот извештај на Комисијата за спроведување на Референдумот се вели дека за начинот на кој бил спроведен не биле поднесени приговори или жалби поради неправилности или повреди на одредбите на Законот за републички Референдум. Комисијата ја констатирала масовноста на граѓаните со право на глас во Македонија кои се изјасниле за самостојна и суверена Македонија.

Кој број ќе ми каже на лутите рани,

на пламнати ноќи, на пеплишта пусти,

кој на срце болки ќе изреди збрани

,и на очи солзи, и клетви на усти?

О тешкото! Синџир ти беше на робја,

од калеши моми и невести ред.

Со врзани раце во плен што ги погнал

насилникот клет.

О тешкото! Синџир ти беше на робја,

дур не стана народ во листена гора,

сè дури со јадот од векови собран

не поведе бујно, бунтовничко оро!

Се залула танец низ крвје и оган,

и повик се зачу и грмеж во чад –

те разнесе сегде бунтовната нога

по родниот кат.

Таа вечер, пред илјадниот народ, Киро Глигоров да ја соопшти радосната вест: “Да ви честитам, СЛОБОДНА, СУВЕРЕНА И САМОСТОЈНА МАКЕДОНИЈА!”

Современата слободна, самостојна и суверена македонска држава беше родена таа вечер. По вековните премрежја сонот беше исполнет, иако остана болката од дотогашните рани, за дадените жртви, за пролеаната крв, за аманетот и клетвата која ни ја оставија нашите предци… За Гоце, за Даме, за Александров, за Сарафов, за Ѓемиџиите, за незнајните јунаци, за сите кои го подарија животот за најсветлиот идел, за слободата…

О тешкото! Сега по нашите села

во слобода првпат штом ќе opo сретнам,

зар чудно е – солза да потече врела,

зар чудно е – жалба јас в срце да сетам?!

Од вековно ропство, мој народе, идеш

но носиш ти в срце дар златен и пој.

Пченицата твоја триж плодна ќе биде,

И животот твој!

Среќен 33 роденден Македонијо!

Честит ден на независноста на сите македонски граѓани, ви посакува редакцијата на Инфомакс.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Видео) Никакво рационално објаснување зошто се чекаше…

Нема никакво рационално објаснение зошто после полни…

Вајц: Бев мета затоа што одбив да…

Тој се пожали дека бил цел на…

Важно известување: АХВ со нови мерки за…

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) воведе…

Не ги изедначувајте празниците:Задушницата е за спомен…

Граѓаните честопати ги изедначуваат празниците Задушница и…

Дебитантот Деспотовски: Против Белгија мораме да бидеме…

Македонската фудбалска репрезентација в петок на 6…