Рашковски тврди дека го местат: Децата имале заштедени пари од родендени
Поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, седнува во обвинителна клупа за софтверот за МВР и за перење пари. Името на Рашковски изминатите години се врзуваше за уште неколку афери.
Започнува судењето против поранешниот генерален секретар на Владата, во време на СДСМ, Драги Рашковски. На него му се суди за злоупотреби при набавка на софтвер и за перење пари. Во случајот се обвинети уште шест лица. Рашковски беше генерален секретар во Владата на Зоран Заев од јуни 2017 до ноември 2020, а потоа до април 2021 извршуваше друга функција во Владата. Опозицијата, антикорупционери и медиуми името на Рашковски го поврзуваа со уште неколку афери.
За случајот за којшто му судат, Рашковски е првообвинет за набавка на софтвер за сообраќајни прекршоци преку фирмата „Инвока груп“, којшто софтвер Министерството за внатрешни работи со месеци не го користело, како и за оштетување на буџетот за 100 илјади евра со незаконито спроведување на јавна набавка. Патентот за софтверот е на Рашковски. Во случајот осомничен е и Даниел Станчески од Друштвото за инженеринг, информатика и дигитален дизајн „Инвока груп“, од кое Генералниот секретаријат на Владата го купил софтверот за определување на брзина на возила во сообраќај и изрекување казни.
Владата ,во меѓувреме, ги раскина договорите со друштвото „Инвока груп“. Едниот е за групна набавка од 28.2.2020 година и Договорот за набавка на услуги – одржување на софтвер за полагање испити на државните институции од 11.8.2020.
Рашковски лани помина во притвор неполни два месеци, но понуди гаранција од околу половина милион евра и беше пуштен во домашен притвор.
Според обвинението, Рашковски и уште шест лица ја злоупотребиле службената положба при спроведување на четири постапки за јавна набавка за Систем за биометриска идентификација, Софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и јавни набавки на камери и опрема за препознавање на регистарски таблички, се наведува во соопштението од Основното јавно обвинителство.
Во обвинението стои и дека Рашковски од јуни 2017 до мај 2021 пуштил во оптек пари, околу 87 илјади евра, за кои знаел дека се од кривично дело и тие пари ги распределувал на сопствените сметки и банкарски картички, како и на сметките на своето семејство, а исто така предвреме си ги исплатил и претходно земените кредити. Обвинетите го оштетиле буџетот за над 300 илјади евра.
Во обвинението се наведува и дека Рашковски склучувал авторски договори со физички лица, кои сега се дел од обвинетите, иако знаел дека воопшто не ги извршувале своите работни задачи согласно склучените договори, сепак им исплаќал месечни хонорари, а тие потоа му враќале дел од хонорарите во кеш.
Името на Рашковски се споменуваше во уште неколку случаи за можни злоупотреби.
„Доџ“ за сопругата, хациенда за децата
Пред Нова година, државната Актикорупциска комисија посочи дека ќе поведе иницијатива до Обвинителството за утврдување одговорност за Рашковски за незаконито постапување со цел примање награда – возило.
Според ДКСК, Рашковски во анкетниот лист од 05.03.2021 година навел дека со договор за подарок неговата сопруга се стекнала со автомобил марка „доџ“, произведен 2005 година во вредност од околу пет илјади евра, без да наведе дополнителни карактеристики за возилото.
По извршената проверка на пазарот, од Антикорупциска велат дека оваа марка на возило иако е произведена 2005 година, чини од околу 50 илјади евра па нагоре, што е, како што рекоа, десеткратно повисока вредност од наведената цена во договорот.
Според ДКСК, сопругата на Рашковски го добила возилото на подарок од Игор Христов, советник во претходната влада и еден од обвинетите во случајот со Рашковски за набавка на софтвер. Христов, пак, возилото го купил за невообичаено ниска цена од гостиварската фирма, која пак имала поднесено барање за спроведување постапка за склучување преддоговор за пренесување на правата за градење објекти што се сопственост на државата, доставено до Владата.
Потоа Рашковски преку неговите адвокати реагираше дека сознанијата на ДКСК се невистинити.
Рашковски беше генерален секретар на Владата на премиерот Зоран Заев, а потоа беше поставен во Владата за Секретар за мониторинг и поддршка на институциите. Од таа функција си поднесе оставка во април лани, откако Алсат-М претходно објави дека Рашковски гради супер-хациенда од 800 квадратни метри во скопско Побожје, во која ќе има и базен, фитнес-сала, соба за билјард и разни други погодности. Како што објави Алсат, инвеститори на објектот се двете малолетни деца на Рашковски. Набрзо потоа тој заврши во притвор за набавката на софтверот и за перење пари. Рашковски во оставката се бранеше дека е жртва на лажни вести. Пред тоа, пак, емисијата „360 степени“ објави дека Рашковски се подновил со џип Волво од 74 илјади евра, кој го нема пријавено во анкетниот лист.
Одмор во Мексико
Рашковски беше главна тема на социјалните мрежи и во март лани кога со семејството замина на одмор во Мексико, додека државата се справуваше со третиот бран од ковид пандемијата и граѓаните седеа затворени дома и додека медиумите обелоденуваа за набавката на софтверот. Тој тогаш рече дека во Мексико ќе остане две недели, оти три години не бил на одмор, а ѝ било и роденден на неговата сопруга.
Воздушна амбуланта, Леонардо, докторат…
За Рашковски, Антикорупциската комисија досега отвори неколку предмети, меѓу кои и за набавка за радарските системи од италијанската фирма Леонардо, за набавка на нов софтвер за М-НАВ. Според опозицијата, Рашковски бил инволвиран во местење на тендер.
Во 2019 година во јавноста и во медиумите беше отворен случајот поврзан со формирањето на хеликоптерски итен медицински тим, откако опозицијата обвини дека „во него се крие криминал“. Тогашниот Генерален секретар на Владата, Рашковски, го бранеше проектот и жестоко ја критикуваше опозицијата, тврдејќи дека проектот е ремек дело на владата и дека државата нема да потроши ниту денар. Од проектот за воздушна амбуланта не бидна ништо. Од владата изјавија дека поради пандемијата договорот со фирмата Срхемс се раскинува, но дека по завршувањето на пандемијата Владата повторно ќе распише јавен оглас за воспоставување на хеликоптерски итен медицински систем.
Рашковски во биографијата пред да стане генерален секретар на Владата тврдеше и дека има два доктората, но едниот го одбрани две години откако стани генсек.
Поранешниот премиер Зоран Заев во многу наврати изјави дека Рашковски не ја злоупотребил функцијата во случајот со набавката на софтвер. Тој рече и дека не му верува на обвинителство, ниту на обвинителката од Обвинителството за организиран криминал Вилма Русковска. Иако за други случаи Заев тврдеше дека властите не смеат да се мешаат во судството и обвинителството, кога се работи за Рашковски тој ја коментира истрагата против него. Заев стана премиер во мај 2017 година, откако претходно објавуваше таканаречени опозициски бомби со кои се покажуваше начинот на владеење на тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Никола Груевски. Заев кога дојде на власт меѓу другото ветуваше чесно владеење, борба со криминалот и одговорна влада. Една од причините за заминувањето на Заев во власт аналитичарите го посочуваа и во изневерените очекувања. Заев си замина од премиерската, а претходно и од лидерската функција во СДСМ по поразот на локалните избори кои се одржаа пред неколку месеци. – Пишува Пелагија Стојанчова за Радио Слободна Европа.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Владата го усвои ребалансот на Буџетот
Владата го усвои ребалнсот, поточно дополнетиот предлог…
Именувани се в.д директори на Царинската управа…
Владата на денешната седница донесе повеќе кадровски…
(Видео) Меџити: Иван Стоилковиќ не е важен…
Иван Стоилковиќ не е важен и не…
Многу гордо: Мицкоски договорил заедничка седница на…
Косово и Македонија ќе имаат заедничка владина…
Влада во Влада: Владините функционери од ВЛЕН…
Продолжува паралелното функционирање на членовите на Владата…