Редовна неделна колумна на Оливер Андонов: Разбирање
Разбирање
Овој поим има повеќе значења. Можеме да се запрашаме дали се однесува на тоа, ние да разбереме нешто, некого, некаква состојба, процес или настан. А може да се запрашаме дали некој друг не разбрал нас, за што сме му говореле, укажувале, советувале, предлагале. Можеби означува меѓусебни односи дали со некого се разбираме со малку зборови, дали сме добри соработници, дали имаме исти животни, работни, професионални или пак политички цели околу кои се разбираме. Како и да е поимот разбирање и изведенките од него, како разбран или пак неразбран исто така може да се толкуваат повеќезначно и зависат од контекстот на општественото случување во кое учествуваме. Сепак, разбирањето во никој случај не означува полтронство, клиентелизам, слепа послушност, или пак не размислување во врска со насоките, препораките, упатствата или наредбите кои треба да се извршат.
Скоро секогаш разбирањето на состојбите, особено процесите зависат од нашите цели и интереси. Особено во политиката ова е изразена состојба како на однесувањето, уште повеќе на умот, а за која е потребно знаење (акумулирано знаење од повеќе области), храброст за соочување со предизвиците, особено со самиот себеси и сопствените слабости, но на прво место способност за разбирање или поточно согледување (антиципација) на иднината. Најмалку од се е потребно да се забрзува времето, мислејќи дека на тој начин ќе се стигне до целта според нашето разбирање.
Еве на пример земете го случајот со последните пациенти на црната листа на САД. Сите се израдуваа од тоа што на крајот САД во определено разбирлив термин за нив, но пред се од разбирливи причини, ги ставија Артан Груби и Енвер Беџети на црната листа. Но, се прашувам дали сите разбраа зошто се ставени на таа листа, со која цел и како тоа може да и помогне на Македонија. Токму последното е и најважно да се разбере, а едноставно може да го пренасочиме во авто прашање кое секој од нас треба да си го одговори: „Како тоа преку последното ставање на црна листа, нашите пријатели, стратешки партнери САД, сакаат да ни помогнат?“ И секако ќе се обидам наједноставно за да бидам разбран да ви дадам одговор на прашањето.
Неколку факти кои ќе ви помогнат полесно да разберете или да се разбереме или пак да бидам разбран. Не се само овие последните двајца на црна листа. Понатаму, причината за ставање на овие двајца (Груби и Беџети) на црна листа е учество во корупција во однос на судски процес. Потоа, тоа е попречување на правдата преку застарување на пресуда кое е направено за потребите на еден човек (Сашо Мијалков). Реализирањето на обвинителен акт против Груби и Беџети го вклучува и Мијалков. Покрај обвинителниот акт и стек на повеќе кривични дела сторени од Груби, Беџети и Мијалков што се смета за организирана криминална група, ова ќе значи задолжително повторување на кривичните дела за кои била попречена правдата преку сторување на други кривични дела. Прогонот на Груби, Беџети и Мијалков поттикнат од нашите стратешки партнери преку нивно ставање на црна листа заради конкретни злодела, несомнено ќе мора да поттикне кривичен прогон и на други пациенти од црната листа на САД. Тоа ќе значи и прогон на Анѓушев и Камчев во прв ред. Оттука натаму само Господ знае какви се корупциско – криминални крокодили нема да излезат при овие истраги и најинтересно од се е тоа што белким конечно ќе разбереме кој се е вмешан во организираниот криминал и корупција во Македонија. При тоа, не исклучуваме можност трагите да стигнат и до актуелниот како и до поранешни премиери и функционери од сите политички партии. И на крајот ама буквално на крајот, да мора да се расчисти со сиот криминално-коруптивен отпад во Македонија и државата да се ресетира во европски мод дури и без оваа раководство на нашата ВМРО-ДПМНЕ.
Ете токму така треба да ја разбереме помошта што САД ни ја даваат, и никако на друг начин. Тие едноставно му ги отворија сите врати на Мицкоски и му ги тргнаа сите оние од кои се жалеше дека неможе да работи, за да му дадат можност да ја сработи првата клучна работа за Македонија – уништувањето на организираниот криминал и корупција.
Доколку Мицкоски не сработи (преку МВР) ништо, или започне да се оправдува со обвинителството или пак сите заедно со судството ја расплетат и развлечат работата до недоглед за да не ја биде, тогаш сите треба да разбереме. Мицкоски и оваа влада не сакаат борба против корупција и организиран криминал длабински на сите ниво и тотално. Едноставно ќе се потрудат, повторно сите заедно (владата, обвинителството и судството) да не залажуваат со божем акции од типот на „Адитив“ каде што главно осомничениот го оставија да избега од државата и уште го обезбедија со друго државјанство. Во спротивно ќе се доведеа во состојба да прозбори и да излезат многу факти и докази за кривичен прогон на поранешни и актуелни високи функционери. Така ќе не лажат како граѓани за да не разбереме, но тешко дека токму ова не го разбираат САД и ЕУ поради што и му ги отворија вратите на Мицкоски. Доколку пак Мицкоски навистина сака да води борба против организираниот криминал и корупција во кои нели не е вмешан, тогаш не само што МВР ќе собира докази, за почеток за Груби, Беџети и Мијалков, туку ќе започне со собирање докази за сите пациенти на црната листа на САД, и доколку утре ќе се обрати до министерството за правда на САД за доставување на нивните сознанија како пријателска помош на нашите истражни органи. Нема потреба Мицкоски да го чека јавното обвинителство да ги собира доказите. Ова му е одлична можност да ги провери менаџерските, организациони и оперативни способности на неговите „лојални“ луѓе на чело на МВР, АНБ и АР. Сигурен сум дека ова многу добро го разбира, а дали сака да го сработи – ќе видиме, јас сум песимист или не верувам дека сака да го сработи, да си кажам на време за да се разбереме, да не бидам неразбран. Дај Боже да грешам, ама… разбирате.
Разбирајќи го сето ова што ви го напишав драги мои сограѓани, сопартијци, не очекувам од вас ништо конкретно, во тоа одамна се уверив, бидејќи постојано зборувавте дека САД и ЕУ не сакаат да ни помогнат и не разбирајќи колку многу ни помагаа и ни помагаат. Еве сега конкретно и поексплицитно неможат да ни помогнат. Прашањето е дали политичките лидерства во Македонија, раководството на нашата ВМРО-ДПМНЕ ќе разберат и потоа дали од нас, од вас ќе бараат да ги разбереме или да бидеме разбрани зошто не разбрале дека помошта за справување со организиран криминал и корупција им била дадена на тацна. Ова е многу неразбирливо и се граничи со имбецилно однесување, колку и да сакаат да бидеме разбрани заради нивните интереси, односни да ни помогнат.
Затоа драги мои сограѓани, а особено вие драги мои сопартијци, нема никаква потреба да бидете „разбрани“ во односот кон политичките лидерства. Тие денес се тука, утре ги нема, а доколку повеќе, веднаш може да се најдат на некоја црна листа со потполно разбирлива заслуга за таа укажана чест. Нема потреба ниту вашата разбраност да ја поистоветувате со слепа послушност побудена од ваши лукративни цели. Едноставно нема да ви помогнат во остварувањето на вашите цели, бидејќи колку што вие се трудите да бидете разбрани во нивните очи, толку повеќе тие сметаат дека не треба да ги разберат вашите егзистенцијални потреби, бидејќи јасно разбираат дека нивните лукративни потреби се живото важни, но само за нив. А вие тоа треба да го разберете, инаку ќе бидете неразбрани. Патем, во овој контекст, се надевам дека ја разбравте Дафина Стојановска кај Ландов, или поточно дека таа беше разбрана што се ви порача.
Така и јас и поддржувачите на Внатрепартиската фракција за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ разбираме што ни се случува во државата и партијата и во која насока одиме (не стоиме како што би рекле некои, сепак одиме – во погрешна насока), но Мицкоски не сака да признае дека одлично разбира за што говориме, и покрај тоа, сите вас ве убедува дека ние сме неразбрани. Ова последното, без сомнение не го кажува во полза на Внатрепартиската фракција која во својот наслов му кажува што треба да разбере, туку ви го претставува во негативен облик на наша „неразбраност“ затоа што не се согласуваме со неговите политики и недемократизацијата на нашата партија ВМРО-ДПМНЕ и во исто време не сме слепи послушници и клиентелисти. Токму затоа и сме скептични – неверуваме дека разбрано и одлучно ќе дејствува против организираниот криминал и корупција кои преку црната листа САД му ги ставија на тацна. Впрочем, убаво е да го кажам ова јавно за да сите разберете: „Ние не сме во ВМРО-ДПМНЕ за да се изгребеме кај Мицкоски за државни функции, и да бидеме послушно разбрани. Ние во партијата сме од идеолошки причини и за тоа и се бориме, ВМРО-ДПМНЕ да биде идеолошки десна современа европска партија. Но тоа е тешко да се разбере, затоа што во раководството, а тоа се пренесува и низ членовите (особено клиентелистите) не може да биде разбрано, на таа група луѓе кои ја узурпираа партијата мозокот им разбира само имагинација на личен лукративен интерес, поради кои се подготвени да бидат и повеќе отколку што треба РАЗБРАНИ.
Разбирањето е двостран процес или процес на комуникација со една единствена цел, да се разбереме околу нашите (тука мислам политички) идеи, цели и потреби. Од тука, преиспитајте ги вашите и согледајте ги нивните политички идеи, цели и потреби пред да бидете „разбрани“, бидејќи вашата разбраност денес, тешко дека идните генерации ќе можат да ја разберат.
За сите вас драги мои сопартијци кои сте разбрани, за да разберете.
Оливер Андонов
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Оливер Спасовски ќе биде координатор на опозициската…
Оливер Спасовски ќе биде координатор на опозициската…