Редовна неделна колумна на професорот Оливер Андонов: „Право в ѕид“

t

Автобусот наречен Македонија се уште талкајќи низ мрачните балкански сокачиња наместо да излезе на широкиот европски автопат оди право в ѕид. И не само што оди кон ѕидот, туку и возачот на автобусот опиен од „слава“ го забрзува. Тој си мисли дека ќе летне или можеби дека неговиот партнер и претходен недоквакан возач на истиот тој автобус ќе му ги активира воздушните перничиња, ќе му фрли гума за спасување или можеби ќе му активира катапулт со кој сегашниот возач ќе се спаси иако автобусот при полна брзина ќе тресне в ѕид.

Ова би била убава шегобијна колумна за пијаниот возач на стариот автобус издрндан од неговите пијани, будали, дрогирани и незнам какви претходни возачи а наречен Македонија кој веќе триесет и повеќе години талка низ мрачните балкански сокаци и никако да излезе на широкиот европски автопат, но за жал ова е колумна за нашата грда реалност во која се обидуваме да живееме. Да, се обидуваме да живееме, да преживееме, колку и „мудро“ да констатира една од патничките во првиот ред дека младите забрзано се симнуваат од автобусот. Можам јавно да и порачам дека констатацијата не и е точна. Младите не се симнуваат од автобусот, тие скокаат од него гледајќи дека возачот го носи право в ѕид. И не само младите и оние од средната генерација, од мојата генерација, започнуваат да скокаат од автобусот. Ова е порака која мора да допре до сите нас, бидејќи до возачот на автобусот не допира, тој поднапиен со розеви очила е во филм дека вози формула на Хунгароринг. А овие „неговите“ од првиот ред го поттикнуваат да забрза уште повеќе.

И зошто тврдам дека се движиме со голема брзина низ тесните и темни балкански сокаци што може да резултира само со тресок в ѕид? Затоа што сегашниот возач не само што непотребно ја акцелерира иднината за која не сме подготвени, бидејќи и не вози кон иднина туку назад во мрачната нејасна историја. Неговата, на возачот, иднина не не води на европскиот автопат туку токму во слепа балканска улица која завршува со ѕид.

Еве драги мои Македонци, сограѓани, пријатели, непријатели, сопартијци, сеирџии, незаинтересирани, оние што не се занимавате со политика, обидете се да се сетите дали сегашниот возач на автобусот во изминатите седум полни години од 2017 година па се до денес, учествуваше како иден возач на автобусот во било кој процес важен за Македонија? Каков му беше ставот и активностите во врска со Договорот за добрососедство со Бугарија, што направи во врска со промената на името (никогаш Северна само Македонија), каков му беше ставот и активностите во врска со референдумот за промена на името, како се однесуваше и што се направи во врска со пописот на кој на крајот испаднавме едвај нешто над 50% Македонци во Македонија, или што правеше  кога се расправаше за Францускиот предлог (протестираше глумејќи жртва на атентати на Кока – кој е другарче со сегашниот му кондуктер во автобусот). Многу прашања кои никако да си ги поставите пред себе, а не пак да се обидете да добиете логичен или здраво разумски одговор, а за конкретно делување, дури и во нашата партија ВМРО-ДПМНЕ не станува збор. Е тоа е македонЧЕ, чорба, се плашиш од сопствената сенка, а треба сопствената држава да ја сочуваш.

Да се обидеме да се сетиме во кој процес овој лик – шофериште на векот, учествуваше како прв опозиционер или барем како министер за опозиција. Нема такво нешто, ликот ги промаши, ги избегна сите процеси. Едно време го молеа го кумеа, ама ништо, си остана доследен дека нема да учествува во ниеден процес значаен за македонскиот народ и државата Македонија. Тие, процесите не му се важни, само и само да седне зад воланот, да му дозволи неговиот соборец, помагач и тој да повози малку, затоа што тоа е многу важно за него, особено кога ќе треба еднаш годишно да го танкира автобусот.

И повторно, и како возач на автобусот Македонија се надева дека нема да мора да учествува а не пак да води клучни процеси за Македонија, и автобусот да го изведе на широкиот, безбеден и стабилен европски пат на кој нема разни преградни ѕидови. Процес во кој автобусот Македонија ќе биде според европски стандарди ремонтиран, обновен, реновиран, зацврстен, со нови седишта каде што секој ќе има свое сигурно место, но и предвидливост и сигурност на животниот пат. Токму овој клучен процес, оваа шофериште се обидува со разни остри и ненадејни вртења, кочења, спуштања во лер наудолница, по излоканиот и темен балкански сокак да го избегне, дури и со 100% ризик дека одиме право в ѕид. Сето тоа го прави во надеж дека никој од автобусот нема да забележи, да реагира, да промрмори а не пак да го отстрани од возачкото седиште. И не реагираат дури и оние кои формално се од неговата работилница, како замаени се и се нешто чекаат – се надеваат, а оние посвесните веќе бараат начин како да го напуштат автобусот. Во меѓувреме сите останати во автобусот се веќе со пожолтени лица со постојана мачнина во стомакот, се блуе на сите страни, но оние од првиот ред му аплаудираат. Првиот ред мисли дека гумата за спасување што му ја ветил оној недокваканиот пред претходен возач, во договор со оној што мисли дека ќе биде иден возач ќе ги спаси сите. И кога автобусот ќе се здроби удирајќи право в ѕид, тие ќе излезат здрави и читави заштитени од гумата за спасување. А сиротите не знаат дека за нив нема воздушни перничиња, катапулти или гуми за спасување. Гумата е наменета само и исклучиво за спасување на возачот, сите други се во мод „и да погинеш-колко можеш ќе се спасиш“. Дури и оној испоставата на пред претходниот возач кој се надева дека ќе стане иден возач не е свесен дека оваа актуелно шофериште така бесно вози што по ударот право в ѕид автобусот нема повеќе да биде во возна состојба. Дали некој добар мајстор од Европа или нивен ученик ќе го ремонтира потоа автобусот за тој да го изведе на европскиот современ пат ќе видиме. Тоа зависи од оштетувањата кои дефинитивно ќе ги направи шофериштето кое мисли дека вози на стазата на Хунгароринг, а не низ балкански темни сокаци.

А сите вие посебно оние во првиот ред, зарем претходното искуство со некој други возачи на истиот автобус и нивните постапки не ве освестија, или имате слаба меморија или пак сте толку заслепени од вашите позиции во првите редови? Ризик голем – пари мили па и да удриш в ѕид, нема да боли.

2.Современие

Има ли современ живот во Македонија? Има секако. Ги имаме сите современи алатки со кои и современиот свет се користи. Сепак, ех сепак, да не е тоа сепак, немаше да бидеме македонЧЕ.

Дури и во нашето современие ние како народ а народот го сочинуваат индивидуи кои имаат исто самочувство и самосознание ист јазик и културно наследство итн., не покажуваме виталност и одговорност за нашата држава Македонија. Некој колоквијално би рекле дека немаме м.да, други пак дека немаме г.з. но не е важно, нели, Шија ми га Ѓура или Шија ми га Панче беше. Најкоректно би било да си кажеме дека немаме чувство за државност.

Одамна еден мој многу драг пријател, сомисленик во врска со европските и НАТО тенденции и иднина на Македонија, колега универзитетски професор, сосема случајно Албанец – македонски Албанец, едноставно по Божја промисла така се родил човекот иако со сигурност знам дека кога би можел да бира би сакал да е Американец, ми рече: „Овие моиве сонародници умеат да живеат само во хаос, а твоите сонародници немаат однос кон сопствената држава, тоа е основната причина зошто не можеме да направиме нормална современа европска држава и нација“. Многу вистина во само една реченица.

Токму тоа го видовме на дело минатата недела и оттаму продолжено ехо со денови потоа. Едноставно Мицкоски се најде затечен од настаните на 28ми Ноември вечерта и само Господ не спаси од некој поголем инцидент или некој да настрадаше, Тошковски продолжено си остана во небрано и заради несоодветната реакција на полицијата се обиде да се правда со зборовите: „Имало и ќе има“?, каква будалаштина и неписменост кога нема што да се каже наместо да се одмолчи. А пак оние дустабанлии од ВЛЕН веднаш најдоа плодна почва да се пресметуваат со ДУИ и да се докажуваат кој е поголем Албанец и ги штити традиционалните вредности на албанштината како што се: вандалско однесување, дивеење, палење на знамето на државата во која живеат, пукање од разни видови огнено оружје, примитивизам и вулгарен национализам со навреди кон другите свои сограѓани неалбанци и секако создавање на природниот животен амбиент хаос и владеење на посилниот. На тоа се надоврзаа оние од барата полна со жабокречина кои се нарекуваат СДС под итроманската власт на Заев, преку некакви си соопштенија за јавност, и со тоа ја надополнија сликата за политикантска и нефункционална држава.

А се е толку едноставно, наместо да се прави глупава пропаганда и да се повикуваат на некави си политички платформи „прифатени“ во божем заедничка владина платформа, а всушност се работи за рогови во вреќа кои ги поврзуваат само криминално-лукративните интереси, потребно е само и наједноставно да се почитуваат законите на државата Македонија или Северна Македонија, како сакате.

Во оваа наша современост која ја живуркаме како мкедончиња, се соочуваме со одлуки на партиски централи, креирани од ликови со лажни лица и лажни дипломи за некакво си образование. Дали тоа се нашите во белата палата, или пак оние на Бихаќка, или пак во Мала Речица или во Чаир, нема никакво значење, затоа што на тој начин нема владеење на правото и спроведување на законите заради заштита на граѓанинот и неговата слобода во уставна смисла.

На прагот сме како општество да поединци поради политички несогласувања бидеме подложени на општествена маргинализација до степен да ни се забранува (каде се може, а можеби и насекаде, и да бидеме обележани со посебни знаци на ракавот или градите) да посетуваме јавни угостителски објекти, а можеби во иднина и здравствени установи, образовни установи или други јавни места. Замислете, на директорот на Јасен му се „сугерира“ (убав еуфемизам) да не дозволи да појдам со пријатели на ручек во ресторантот во Јасен, поради што сирот директор пелтечеше и задткуваше обидувајќи се да ми објасни зошто јас како лојален граѓанин на Македонија, редовен плаќач на данок и други обврски кон државата (од кои приходи се финансираат оние со фалсификувани дипломи – сугерирачи), универзитетски професор на Воената академија, поранешен министер за внатрешни работи и поранешен директор на истиот тој Јасен несмеам да одам таму. Во исто време низ Јасен, посебно во ресторантот и хотелот престојуваат ловџии од разни земји кои не се задржуваат само во ресторантот – хотелот, туку во придружба на ловочуварите се движат низ ловиштето во потрага по ловен трофеј, за што се разбира си плаќаат исто како што и јас ќе си го платев ручекот. И сега ајде разберете им ја логиката на однесување, доколку таа не е само и исклучиво недемократска – тоталитарна во својата суштина и тоа во нашата ВМРО-ДПМНЕ. Очигледно добронамерните дошепнувачи во нашата партија незнаат што значи акронимот ДПМНЕ. Но сосема е логично и разбирливо, непријатното чувство и збунетото однесување на директорот при што неможеше да најде оправдување за да го спроведе тоа што некоја букова глава од нашата партија (можеби владата) му го наложила, а тој како добар послушник мора да го спроведе. Освен зборовите: „Ама професоре знаете како е…“ нема друго објаснување, доколку воопшто има потреба од некакво објаснување. Е вашиот проблем драги мои збунети и збркани сопартијци и полтронски божем владини служители е токму во тоа што јас многу добро знам, како функционира Јасен кој за шест месеци го кренав на нозе, а кадрите на жабокречината наречена СДС го урнисаа потоа, така што не беа во состојба дури и да го постават трансформаторот кој претпријатието тогаш под мое раководство го купи и обезбеди дозвола за негово поставување од ЕВН, Знам како функционира (сега не функционира веќе седум години) МВР и што се случува во Министерството за одбрана и какви будалаштини му се подметнуваат на Мисајловски за да потоа тој биде одговорен за последиците кои не се само македонски туку и пошироки, бидејќи сме земја членка на НАТО. Како што знам и каква треба да биде улогата на Македонија во НАТО, како треба брзо да се пристапи на патот кон ЕУ. Како што знам и не само јас туку и сите поддржувачи на Внатрепартиската фракција за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ (иако на некој малку им недостига храброст за јавно да проговорат), што треба да се направи во нашата партија ВМРО-ДПМНЕ како неопходност да се демократизира за да се демократизира државата, бидејќи вака како што се движиме со сигурност одиме право в ѕид.

И секако, знам дека ќе се обидете повторно да пуштате спинови дека САД и ЕУ ни се виновни за дивеењето на 28ми Ноември бидејќи ги поддржувале Албанците, односно не реагирале. Како тоа го замислува Мицкоски дека некој овде ќе влијае и реагира а тоа да не се институциите на државата Македонија кои мора да реагираат според законите и уставот. А сакам да знаете дека САД и ЕУ ја поддржуваат Македонија и нејзините граѓани да излезе на европскиот автопат, при тоа реагираат и тоа многу реагираат за да не удриме право в ѕид. Многу лицемерно и нефкусно е да најпрво покажуваш божем мускули кон ЕУ, САД и НАТО зборувајќи за тоа дека треба да се дигне рачна и да се биде горд, да се каже историското НЕ, а потоа да се цимоли и бара ЕУ и САД да гледаат кој и како ја дестабилизира Македонија, за да на крајот се пласираат поговарања за тоа како САД и ЕУ ги поддржуваат Албанците. Чист безобразлук од страна на Мицкоски суптилно пред граѓаните на Македонија, особено пред македонскиот народ да ја префрла вината за сопствената неспособност врз нашите стратешки партнери и ЕУ. На крајот, многу смешно изгледа кога Мицкоски откако се и сешто ќе зборува со години и месеци против судството и обвинителството (кои патем не се баш за машала), одеднаш ќе почне да дава изјави дека не сака да коментира работа на судии и обвинители. Премногу дури и за оваа вакво современие.

Оливер Андонов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Оливер Спасовски ќе биде координатор на опозициската…

Оливер Спасовски ќе биде координатор на опозициската…