Реприза: Прва жртва на новиот птичји грип во Кина

Првиот впечаток е дека овој вирус нема способност лесно да се префрли од човек на ловек, поради што ризикот на национално, регионално и светско ниво е низок, објави СЗО.
Педесет и шест годишна жена од Гвангдонг во Кина е првата регистрирана жртва од вирусот на птичјиот грип Х3Н8 кај човек. Овој вирус бил регистриран во 2002 година кај дива патка во Северна Америка, а откриен е и кај коњи, кучиња и фоки, но никогаш досега кај човек.
Жената од Гвангдонг, која починала пред еден месец, се разболела на 22 февруари. На 3 март била примена во болница со тешко воспаление на белите дробови, а починала на 16 март, потврди Светската здравствена организација.
– Пациентката имаше повеќе тешки состојби. Таа била изложена на живина пред да се развие болеста и долго време живеела покрај птици во својот дом. Ниту едно лице со кое жената било во близок контакт не развило симптоми ниту било заразено во времето на известување – објави СЗО.
Долготрајниот престој во директен контакт со птици сигурно е битен фактор за „прескокнувањето“ на разните типови на вирусот на птичјиот грип, но потребни се дополнителни истражувања за да се утврди дали Х3Н8 се разликува од сродните вируси.
Во април и во мај биле регистрирани првите луѓе заразени од Х3Н8, исто така во Кина – едниот пациент лесно заздравел, а другиот бил тешко болен. И тие биле долготрајно во директен допир со птици.
– Првиот впечаток е дека овој вирус нема способност лесно да се префрли од човек на ловек, поради што ризикот на национално, регионално и светско ниво е низок. Сепак, поради природата на постојано развивање на вирусите на грип, СЗО ја истакнува важноста внимателно да се следат сите случаи за да се утврдат виролошки, епидемиолошки и клинички промени поврзани со вирусите на грип што циркулираат и може да ги загрозат здравјето на луѓето или на животните – предупредува Светската здравствена организација.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Просечниот животен век на Кинезите достигна 79…
Шефот на Националниот здравствен комитет на Кина,…
Кина, Канада и Мексико го враќаат ударот…
Откако стана јасно дека американскиот претседател Доналд…
Трамп најави дополнителни царини од 10 отсто…
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска објави дека…
САД воведоа санкции против шест субјекти од…
Соединетите Американски Држави воведоа санкции против шест…
Макрон: Се надевам дека го убедив Трамп…
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека се…