Ристовски: До крајот на идното лето пет нови базени во Скопје
Скопје до крајот на идното лето ќе добие пет нови базени, најави денеска министерот за спорт Борко Ристовски.
Одлуката за изградба на 14 пливачки базени, од кои пет во скопските општини Аеродром, Кисела Вода, Ѓорче Петров, Чаир и Карпош беше донесена во 2019 година, но градежните работи стагнираа во изминатите четири години.
„Благодарение на заложбата на Министерството за спорт, го забрзавме процесот и ги започнавме работите многу порано од најавеното. Сите пет базени кои беа започнати и оставени запоставени, до крајот на летото ќе бидат целосно завршени“, изјави Ристовски, кој денеска заедно со градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски изврши увид во текот на работите за изградба на затворен базен во Основното улилиште „Невена Георгиева Дуња“ во оваа скопска општина.
„Најдовме заеднички јазик со операторите и решивме долгогодишен проблем што стоеше како ругло четири години“, додаде Ристовски.
Проектот кој беше усвоен на владина седница во април 2019 година предвидува изградба на базени и во Прилеп, Битола, Гостивар, Велес, Неготино, Струмица, Штип, Тетово и Кичево.