Русија евакуира цивили по навлегувањето на украинските сили на руска територија
Русија денеска евакуираше цивили од делови на регион близу Украина, откако Киев ги зголеми воените активности во близина на границата, само неколку дена по најголемата инвазија на руска територија од почетокот на војната во 2022 година, кога го нападна регионот Курск..
Минатиот вторник, украинските сили ја пробија руската граница и влегоа во западни делови од руската област Курск.
Во соседната погранична Белгородска област, на југ, гувернерот Вјачеслав Гладков изјави дека започнала евакуација од регионот Краснаја Јаруга поради „непријателска активност на границата“.
ТАСС објави дека само од регионот Краснаја Јаруга се евакуирани 11.000 лица, додека руската државна телевизија прикажа снимки од доброволци кои помагаат на цивилите да го напуштат регионот и носат залихи од целата земја.
Претходно денеска, рускиот претседател Владимир Путин учествуваше на видеоконференција со високи безбедносни службеници и гувернери на региони, при што изјави дека Украина, „со помош на своите западни покровители“, се обидува да ја подобри својата преговарачка позиција пред можни преговори за прекин на огнот и да го поткопа рускиот напредок. Путин истакна дека украинските сили претрпуваат големи загуби при нивното навлегување на руска територија.
– Непријателот сигурно ќе добие достоен одговор и сите цели што ги поставивме без сомнение ќе бидат постигнати, додаде тој.
На средбата со Путин, вршителот на должноста гувернер на областа Курск Алексеј Смирнов изјави дека Украина контролира 28 населени места во регионот и дека украинските сили навлегле околу 12 километри внатре во областa.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека руските трупи одбиле повеќе напади на украинските сили на најмалку осум различни локации во оваа област.
Министерството исто така соопшти за интензивни борби во пограничната област со употреба на авијација, артилерија, беспилотни летала и копнени сили, вклучувајќи резервисти, против 22-та, 61-та и 115-та одделна механизирана бригада на украинската армија. Украинските сили изгубиле 32 тенка во регионот, тврди Министерството.
Русија воведе строги безбедносни мерки во Курската, Брјанската и Белгородската област, додека нејзиниот близок сојузник Белорусија објави дека го зголемува бројот на војници на границата, откако Минск забележа дека Украина го нарушила воздушниот простор на земјата со беспилотни летала.
Руските официјални претставници тврдат дека нападите на Украина врз руска суверена територија имаат за цел да покажат на западните поддржувачи дека Киев сè уште може да спроведе големи воени операции, додека истовремено се обидува да обезбеди подобра позиција за евентуални мировни преговори со Русија.
Украинскиот напад ги натера некои во Москва да се запрашаат зошто Украина успеа толку лесно да пробие во областа Курск по повеќе од две години од најинтензивната копнена војна во Европа по Втората светска војна, пишуваат локални медиуми.
Руски воени блогери тврдат дека украинските сили во Курск се обидуваат да го опколат градот Суџа, каде што поминува рускиот природен гас кон Украина, а големи битки се водат околу градот Коренево, на околу 22 километри од границата, како и во селото Мартиновка.
„Ситуацијата на границите на западната Белгородска област е загрижувачка“, изјави Јуриј Подољака, влијателен проруски воен блогер, кој додаде дека Украина пробала да ја премине границата на неколку места. „Непријателот има три доста големи групи овде“, изјави тој.
По нападот на областа Курск на 6 август, руската рубља ослабе, губејќи 6 проценти од вредноста во однос на американскиот долар. Руската компанија „Газпром“ соопшти дека денеска ќе испрати 39,6 милиони кубни метри гас за Европа преку Украина.
САД тврдат дека не биле информирани за украинската операција пред нејзиното започнување, но Москва јасно стави до знаење дека нападот ќе предизвика одговор од Русија.
– Не се сомневаме дека организаторите и извршителите на овие злосторства, вклучително и нивните странски куратори, ќе сносат одговорност за нив, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова. „На цврстиот одговор од руските вооружени сили нема да треба да се чека долго“, додаде таа.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера изјави дека Русија мора да биде принудена да постигне мир бидејќи претседателот Владимир Путин сака конфликт и дека војната се враќа во Русија откако Москва ја донесе во други земји.
Во своето ноќно обраќање, украинскиот лидер рече дека големиот прекуграничен напад на Киев врз западниот регион Курск е прашање на безбедноста на Украина и дека Киев ги зазел областите од каде Русија ги започнала своите напади, пренесе Ројтерс.
„Русија мора да биде принудена да склучи мир бидејќи Путин сака да се бори толку жестоко“, рече Зеленски.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Русија евакуира цивили по навлегувањето на украинските…
Русија денеска евакуираше цивили од делови на…
Украинските војници заробија нов руски тенк во…
Украинските војници успешно заробија најсовремен руски тенк…
(Видео) Украински командант: Освоивме 1.000 квадратни километри…
Главниот воен командант на Украина рече дека…
Украинскиот напад во Курск предизвика пад на…
Нападот на украинската армија на руска територија…
Вулин: Србија нема да ѝ воведе санкции…
Заменик претседателот на Владата на Република Србија,…