Савески се пожали – пресудата е одамна донесена: После 6 години влечење по судови само двајца ќе бидат осудени за Шарената револуција

t

Професорот Здравко Савески тврди дека утре Апелација ќе донесе пресуда со која ќе го осуди него и Владимир Куновски за учество во „Шарената револуција“, откако претходно добија две ослободителни пресуди од Кривичниот суд.

-Од целата одамна заборавена Шарена очигледно ќе настрадаме само јас и Владимир Куновски! Откако не влечкаа по судови цели 6 години (со намерен бојкот од медиумите), на само неполн месец пред застарувањето на предметот, нас ќе не осудат како да сме некои тешки криминалци. Иако имаше 2 ослободителни пресуди од Основниот суд, Апелациониот суд доби напатствија од власта да ја промени пресудата, напиша Савески на фејсбук.

Тој истакнува и дека им биле прекршени многу права во судската постапка.

-Не сакаа да ги сослушаат следоците што ги предложивме. Не сакаа да ни дадат право да дадеме исказ. Не сакаа да ги гледаат снимките од настанот. Веќе се си знаеја. Не сакаа да земат предвид дека државата веќе ја наплати штетата. Не дозволија ниту завршни зборови на адвокатите и обвинетите. На одбраната ѝ дозволија само едно рочиште во цели 6 години (онака, да не биде без ич), а сето останато време се занимаваа со „доказите“ на обвинителството, вели Савески.

Тој додава и дека, како шлаг на тортата, пресудата ќе ја донеле по само ден и пол по нецелосните завршни зборови, односно утре во 9 часот.

-Да кажи човек дека сето ова е шокантно газење на правото од страна на лица што се платени да го штитат правото и што треба да бидат неутрални – значи да се третира ова како исклучок, а не како правило. Нема ниту демократија, ниту правна држава, ниту правда. Има злоупотреба на судството и институциите, при што може криминални дела да поминат неказниво, а може и да те осудат за ништо, без докази и без право да се браниш.
Пресудата не мора да ја носат во петок. Таа одамна е донесена од страна на вонсудски органи, заклучува Савески.

Извор: Фокус

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Пocледната шарена peволуција

Тоа што се случи во Казахстан се…