Сведоштво на баба Велика, една “обична” Македонка: Го тепаа маж ми оти не сакаше да ги предаде комитите, јас носев писма во чорапите!
ЧЕСТИТ И ВЕКОВИТ ИЛИНДЕН МАКЕДОНЦИ!
Славиме 120 години од македонското Илинденско востание и 79 години од првото заседание на АСНОМ!
По тој повод приложуваме сведоштво од Велика Неданова Гаќеркоска, една „обична“ Македонка којашто по сите животни премрежија доживеала длабока старост и на своја 92 годишна возраст раскажала за нејзиниот удел во борбата на македонскиот народ за слобода и своја држава Македонија!
Преку нејзините кратки но мошне значајни биографски податоци дознаваме дека делувањето на баба Велика и нејзината помош и соработка со некои од најзначајните македонски револуционери како Блаже Крстев – Биринчето, Никола Карев и Питу Гули само го потврдува добро познатиот факт дека во 1903 г. буквално целиот македонски народ т.е. како што се пее во националната химна: „старо, младо, машко и женско“ – било вклучено во борбата за слобода во времето на славното македонско национално Илинденско востание.
Затоа баба Велика е само една од безбројните знајни и незнајни македонски херои и хероини чии коски буквално се наоѓаат во темелите на македонската државност.
Споредете го нејзиниот живот и делување со тоа на оние некадарници и од женски и од машки род што денес Ве убедуваат дека наводно не требало да се „заглавиме во историјата“…
Ви го пренесуваме животописот на оваа Македонка онака како што таа го напишала – на македонски јазик.
„ Биографија
Од Велика Неданова Гаќеркоска родена сум на ден 6 мај 1859 год. во гр. Крушево од татко Коте Спасевски и мајка Калина Спасевска.
Потекнувам од бедна фамилија. Родителите ми од раѓањето биле сточари со туѓа стока во гр. Крушево. Кога бев јас на возрас од 9 год. одев со крушевските говеда се до 16 год. После 16 години се омажив, затова што таткоми неможеше да ме одржава. Се омажив прво во с. Дабјани, по турските чивлизи беше момок мојот маш. После од Дабјани отидовме во Лажани исто пак како момци на турски чивлизи. Мажот ми од Лажани појде во Влашко бидејќи неможеше да живее од Турците и таму умре. А мене ме зеде таткоми пак во Крушево каде живеев скоро три години, од Крушево таткоми ме омажи во с. Св.Митрани за Стевана Тинтоски.
Тука живеев скоро 12 години но Стевана го отепаја на орање Турците заедно со син ми Блаже Тинтоски. После смртта на Стевана Тинта се премажив за Недана Гаќеркоски во истото село Св. Митрани. После извесно време дојдоја Турците го зедоја мажами Недана, го прашуваја за да ги каже комитите и му бараја пушки, арно ама тој не ги кажа затоа што и тој беше во таја организација. Го тепаја падна на постела шест месеци и јас со волна серејлија го завиткав и го ложев со разни крпи и др. Работи. Го ранев како дете мало бидејќи неможеше да јади сам одошто што беше мн. тепан.
После кога оздрави отиде кај комитите, а јас работев за да ги пречекам и испратам и да им барам преноќиште. После падна наредба да Недан го порава оружјето од комитите. Тој неможеше да оди, затова ме праќаше мене заедно со Цвета Мицеска да го носиме оружјето Крушево на поправка кај Каревци. Таму го примаја оружјето Петруш, Ѓорѓија и Никола од Каревци исто и го поправаја. Исто тије нас ни дадоја алишта кумитски за да ги донесиме всело во Св. Митрани и нас ни беше страв да ги носиме со Цвета, немаше како и ги облековме под нашите алишта и ги донесовме во Св. Митрани, му ги предадовме на Недана и Мирче Тотески.
И по фториот пат не пратија пак за Крушево да однесиме писмо и ние немаше како да ги носиме писмата ги собувме чорапите и ги кладовме во стапалата заедно со Цвета. Од Св. Митрани зедовме магаре и 2 вреќи кладовме сено за да земиме отаде опинци од Каревци за комитите и после го извадовме сеното и ги завиткавне со сено комитските опинци и ние со Цвета ги донесовме во Св. Митрани им ги предадовме на Недана и Мирчета Тотески, а тије ги носеја кај кумитските чети им ги предаваја на Блажета Биринчето и Питу Гуле.
После на Питу Гуле му се расипа леворверот и ни го даде нас со Цвета да го однесиме во Крушево кај Каревци за да се направи, исто однесовме и писмо со Цвета која сега е умрена. Комитите дојдоја всело и јас им ги перев алиштата, а четите беја во куќата моја, ноќта им исправ алиштата и нараце ги сушев покрај оган и така луѓето ги променивме и ноќта прележаја мажотми сабајлето рано ги испрати. Јас лично соработував со комитските чети, како што се гледа од мојата биографија, а бев поврзана преку мојот маш и Каревци од Крушево.
За дека е точна и верна биографијата можат да потврдат следните лица: Димитрие Мургов Ѓорѓиески и Петруш Карески — и Мирче Неделков Тотески. —
11. III. 1952 год.
Св. Митрани“
Почивај во мир, баба Велика и нека ти е вечна слава!
Биографијата е објавена во:
„ИЛИНДЕНСКИ СВЕДОШТВА“, Том 2, Дел 1, ДАРМ, Скопје, 2016, стр. 8 – 9.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Втори август е славен датум за нашата…
Република Бугарија останува решена да работи на…
Сиљановска од Пелинце го честита Илинден со…
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска се обрати…
(Видео) „Вмровска“ шота за прослава на Илинден…
Со албански фолклор Собранието го одбележува најголемиот…
(Видео) Државата гори, Мицкоски сам слави Илинден,…
Премиерот Мицкоски и владината делегација меѓу кои…
Груевски: Славењето на хероите ќе создаде нови…
Честитка по повод Илинден објави поранешниот премиер…