Светски икони – мода, филм, музика, стил: Мадона – поп икона, симбол на артизам и сексуалност
Мадона е мега музички и филмски бренд зачинет со сексуалност. Бренд приказната за неа е класичен пример за успешно брендирање на личност. Откако ја започна својата кариера, продавајќи над 250 милиони албуми, таа правеше сè што е потребно еден бренд да биде глобален и успешен: беше јасна, доследна и едноставна. Јасна во тоа за што се залагаше, доследна во начинот на кој тоа го соопштуваше и едноставна во пораката што ја испраќаше на своите фанови и на целата светска јавност. Сето тоа беше одлучувачко Мадона да стане голем, јак и моќен музички бренд. Но, таа не е само тоа. Мултидимензионалниот карактер на брендот, најдобро се објаснува со неа. Таа е поп-икона, икона на стилот, симбол на артизам и сексуалност, извонредна бренд-идеја и невидена провокација. Одиме со ред.
Како млада била добра ученичка, привлечна мажоретка и популарна и интересна “фалбаџика”. По завршувањето на средното училиште со голема амбиција и невидена упорност изгради успешна кариера. Поседува рафиниран глас, смисла за сценографија и кореографија и извонреден сценски перформанс. Со овие способности и одлики и со умешност на голем маркетинг-стручњак, таа создаде бренд-карактер кој е секси, сексуален, сензуален, стилски, енергичен, понекогаш скандалозен, постојано провокативен и вообичаено контроверзен. Тоа е вистинската Мадона. Дива на светската музичка сцена. Една единствена, автентична и неповторлива.
Звукот е нејзиното оружје, ритамот е постојано во неа, а темпото ја прави динамична, свежа и мобилна. Нејзиниот танцувачки перформанс на сцената е автентичен, секогаш модерен и впечатлив. Никого не го остава рамнодушен. Нејзината блескава музичка ѕвезда блесна во 1983 година со првиот албум, наречен едноставно “Мадона”. Прв голем хит број еден на светските музички листи и е песната “Like a Virgin”. Со овој хит таа се етаблираше како заводлива жена со венчален фустан, отелотворение на спротивностите “девственост” и “развратност” – фантазија која секоја девојка сака да ја оствари, а секое момче сака да ја има. Уште тогаш фановите почнаа да лудуваат по неа, што и помогна својот бренд да го изгради врз слобода на изразување, прекршување на правилата и страсно врескање за секс.
Мадона како моќен бренд се дефинираше и етаблираше 1989 година со албумот “Like a Prayer”, албум кој предизвика голем “џагор” кај обожавателите и маркетарите. Тоа беше албум на силен маркетинг и брендинг-иновации. Мадона направи сојуз со Пепси, па така, на тој начин ја освои и пепси-генерацијата. Останатото веќе е историја, музичка бајка и отсонуван и реализиран неверојатен сон.
Основни одлики на долговечноста на брендот Мадона се моќта и умешноста за неверојатни трансформации. Дури и нејзината турнеја во 2004 беше насловена турнеја на трансформацијата (Reinvention Tour). Таа кариерата ја започна со став кој можеме да го дефинираме како “сега ништо не може да ме спречи…”, кој им одговараше на младите девојки во тоа време. Кон крајот на осумдесеттите нагласокот беше на слободата и независноста во самоизразувањето (период на Vogye), а на почетокот на деведесеттите го шокираше светот со истакнување на сексуалноста и фантазијата (период Erotica). Во доцните деведесетти веќе беше сосредоточена на својата спиритуална страна, при што изразуваше ставови за мудроста, суетата и самоисполнувањето (период на Kabala).
Без разлика на тоа за кој период се работи, таа секогаш беше конкретна: испраќаше јасни и впечатливи пораки. Доколку и денес ја погледнеме Мадона и ја слушнеме нејзината музика, ќе констатираме дека таа е сè уште секси, и одново и одново ги редефинира музичките стилови и вкусови на публиката. Публиката и понатаму ѝ се восхитува и вреска по неа, нејзината музика, перформанс и по изгледот. Без разлика дали Мадона ја дефинираме како материјална девојка, девица, жена вамп или духовна личност, таа е музичка суперѕвезда со силен карактер, препознатлив идентитет, имиџ што плени и перформанс што воодушевува. Мадона и понатаму го менува својот изглед толку често колку и бојата на косата: од валкано плава преку платинасто руса, преземајќи го ликот на Мерлин Монро, до црна како сензуална и заводлива бринета. Штом обожавателите ќе помислат дека ја разбрале, таа одново се трансформира и предизвикува интерес и размислување на фановите за неа до ниво на опседнатост. Кога ќе помислиш дека е чесна сестра, таа веќе е секси-грешница.
(продолжува)
Сотир Костов
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Кривични пријави за тројца од Подградец кои…
Албанската полиција поднела кривични пријави против тројца…
(Видео) Гори кај Богданци, се слушаат детонации…
На социјалната мрежа Х се појавија видеа…
Вучиќ: Курти се обидува да предизвика војна
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ обвини дека…
Таравари постави за директорка докторка која има…
Докторката Севдије Коџа добила решение од министерот за здравство Арбен…
(Видео) Меџити: Иван Стоилковиќ не е важен…
Иван Стоилковиќ не е важен и не…