Светски икони – мода, филм, музика, стил (17.) Курт Кобејн гласот на младите генерации(прв дел)
Во тебе постои едно мало чудовиште кое вели:
“Знаеш дека ќе биде подобро“
Изјава на Кобејн, април 1992
Осумдесетите години од 20-от век во САД беше чудно време за културата, уметноста, музиката и најконкретно за рокенролот. Младите генерации беа разочарани и дезориентирани. Изгубени и отфрлени на маргините од животот и социјалното живеење. Очајнички бараа свои лидери, свои идоли. Тоа е времето кога капитализмот го “проголта“ комунизмот и ги растури источните социјалистички општества. Владеењето на Роланд Реган симболично започна со убиството на Џон Ленон, со што беше најавена победата на конзервативниот дух кој жестоко се спротивставуваше на секоја индивидуалност. Влијанието на панкот, слабо и во почетен налет, остана закључено во гаражите и подрумите, далеку од главната сцена. Но, друга револуција, содржана во три букви – МТВ – ја потресе тинејџерската популација од темел. Големите ѕвезди на видео-ерата најдобро се чувствуваа на подиумите за игра, додека рок сцената беше оставена на проверените легенди од минатото и на неверојатниот бран на нашминкани момчиња, кои повеќе се грижеа за изгледот на нивните фризури, отколку за својот музички талент.
Оваа состојба на масовно привлекување на глупости имаше само една добра страна – некаде позади заклучените врати на гаражите и подрумите се спремаше соодветна реакција. Се појави алтернативната музичка група Нирвана, предводена од креативниот и харизматичен лидер Курт Кобејн. Начинот на кој Нирвана го освои музичкиот пазар и шоу-бизнисот во музиката беше единствен. Не личеше ниту на еден друг. Практично непознатата Нирвана за неполна година ги освои сите топ-листи, и тоа благодарејќи на нумерата ‘’Мириса на тинејџерски дух’’(‘’Smells Like Teen Spirit’’) и агресивниот глас на Кобејн, кој стана глас на цела една генерација.
Поточно, Нирвана стана предводник на таканаречената генерација X, а Курт Кобејн, како харизматичен водач на бендот, од медиумите беше прогласен како гласник на генерацијата. Кобејн иако имаше кратка музичка кариера, успеа да создаде армија фанови, која сега е побројна со секоја нова генерација. Дојде од никаде и непознат никому, и веднаш тргна да го промени светот. Во суштина тој беше рок ѕвезда каква порано никогаш не била видена. Повеќе беше антиѕвезда отколку славна личност. Одбиваше да го третираат како ѕвезда, а во се што работеше внесуваше огромен сензибилитет. Беше многу неформален, а многу често и чуден во однесувањето. Беше личност со комплициран карактер. Еден вид контрадикторен мизантроп.
Имаше силна воља за работа и успех, но поседуваше и омраза кон самиот себе. Без разлика на се, беше грижлив, добродушен и мил. Неговата етика за фановите се базираше на панк-рок размислувањето дека ниту еден бенд не е толку посебен, а ниеден музичар не е крал. Доколку имаш гитара и душа, само исфрли нешто од себе и застани позади тоа, и веднаш си суперѕвезда. Тој на тоа ниво им се обраќаше на фановите и така ги освојуваше нивните срца. Само го фаќаше ритамот и оставаше мелодијата сама да истекува од срцето. Публиката знаеше тоа да го препознае.
Роден е на 20 февруари 1969 година, во мало градче во државата Вашингтон, САД, од мајка Венди Елизабет, и татко, Доналд Лиланд Кобејн. Како што самиот подоцна ќе изјави имал среќно детство, но само до деветата година, кога неговите родители се разделиле. Тој најпрвин живее со неговиот татко, потоа со мајка му, но кога со нејзе се скарал, се иселил и престојувал кај роднини, пријатели, а еден период поминал и како скитник бездомник.
Од најрани години покажувал интерес за музика и уметност. Неговиот живот ќе се промени кога од чичко му Чак ќе довие гитара и ќе почне да слуша панк-рок. Станува немирен дух, и бива апсен за цртање на графити со непристојна содржина, и поради опивање и скитање. Разочаран од родителите и животот, ќе најде прибежиште во музиката, на која ќе и биде верен до крајот на својот живот. Во 1987 година се среќава со басистот Крис Новоселиќ, подоцна и со тапанарот Арон Буркхард, со кои го прави бендот Нирвана. Најпрвин го издаваат синглот ‘’Love Buzz’’, а потоа, после две години гаражи, школски приредби и мали клубови, следи и првиот албум ‘’Белило’’(‘’Bleach’’), во јуни 1989 година.
Преку овој албум тие првично се забележани како нов бенд, и со нов тапанар Чад Чанинг. Комерцијалниот успех ќе изостане, но сепак, тој за прв пат го демострираше својот талент за пишување текстови и компонирање, и во иницијална фаза ќе го покаже неговиот карактеристичен звук, на посебен микс од панк и хевиметал. Може да се констатира дека тоа беше борбен албум, кој се занимаваше со половата борба, хомосексуалноста и симпатиите на Кобејн кон панкот. Во поголем дел тоа беше хард рок, со квалитетни поп моменти, како во нумерите ‘’About a Gir’’l и ‘’Sifting’’. Битно да се истакне е што на овој албум се гледа дека Кобејн како главен автор е растрагнат помеѓу влијанието на агресивните алтернативни бендови и сопственото совршено чувство за мелодија, стекнато уште во детството кога ги слушал Битлси.
Кобејн поминува период на созревање во кој е притиснат со чувство на неприлагоденост. Но, музиката дефинитивно му стана свет во кој наоѓаше сигурност и комуникација, каква што му недостасуваше во тинејџерските денови на разочараност. Се на се тоа беше албум после кој за Нирвана се велеше дека е група која ветува. Се насетуваше подоцнежниот звучен идентитет на Нирвана. Тоа се гледаше и од меѓусебната хемија на членовите на групата, кои покажуваа дека се подготвени на светот да му го претстават својот музички хибрид од групите Лед Цепелин, Секс Пистолс и Битлси. Следува албумот ‘’Неврмајнд’’, и останатото е историја. Албумот е издаден во септември 1991 година, постигна голем првичен успех, но тоа не е ништо во споредба на интересирањето што следуваше за таа музика и за Нирвана.
Толку те сакам што имам мачнина
Стих од песна на Нирвана, 1990
(продолжува)
Сотир Костов
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Нобеловецот Мухамед Јунус положи заклетва како шеф…
Јунус (84) беше предложен за лидер на…
Гори Вардариште – противпожарни екипи се на…
Попладневно пожар ја зафати поранешната депонија Вардариште.…
Маж вознемирувал малолетнички на Партизанска во Скопје
– Вчера во 23.45 часот на бул.„Партизански…
Се преврте цистерна во близина на Охрид!
Цистерна излетала од патот во близина на…
Утрово избодено едно лице во Куманово
Утрово во 03.30 часот во Куманово, полициски…