Објавено на:

Светски икони – мода, филм, музика, стил(10.) Џим Морисон: Уметник согорен од сопствените демони(прв дел)

t

‘’Живееме, умираме, и смртта не донесува крај…
Смртта не претвора во ангели и ни дава крила’’
Џим Морисон

Зошто Џим Морисон и денес се уште ни е битен?

Што тој, всушност, значи денес и овде?

Дали тој е битен поради минатото време, славните 60ти години од минатиот век, во кое ја предводеше американската counter-culture сцена, како најмоќен глас на таа епоха?

Дали денес ни е потребен само поради сеќавање на духот на бунтовништвото од тоа време, бунтовништво кое во касните 80ти години од 20от век го доживеа својот распад?

Или, Морисон ни е битен поради својата трагична аура, брзото согорување, спората капитулација на духот, музиката која ја создаваше, поезијата што ја пишуваше и пееше, или, поради неговиот бенд Doors, легендарна рок група на тоа време?

И уште нешто: вистинското прашање не е дали уметноста на Морисон има добри страни, и покрај упропастениот живот. Вистинското прашање гласи: дали воопшто е возможно да ги раздвоиме тие две работи?

И доколку не е, како тоа тогаш да го сфатиме?

Доколку постои одговор на сите овие прашања тој се наоѓа на другата страна.

Не, навистина нема ниту еден музичар од тоа време кој со своите песни, настапи и со извонредната поезија, на таков начин, бескомпромисно, иронично и дрско му пркосеше на постојниот систем на вредности на општеството кое иташе во социјална ентропија. Него слободно можеме да го наречеме Дионис на рокенролот и genius loci на западната американска обала. Како ученик на Блејк и авантуристички близнак на Рембо, тој за младите беше модерен шаман, и блуден, но истовремено и честит рокенрол пустолов – симбол на една исчезната или убиена рокенрол епоха. Со својот поетски израз и музички крик Џим Морисон го опеа патот до брза слава и среќа, но и патот до уште побрзо самоуништување. Младост и живот во пета брзина. Како таков, e најголем секс симбол на 60те години, рамо до рамо со неговите претходници Џејмс Дин и Марлон Брандо.

Кој е Џим Морисон?

Роден на 8 декември 1943 година, на Флорида, САД, од мајка Клара и татко Џорџ. Привлечен млад човек со светлозелени очи и со фризура на ренесансен принц.

Музички гуру на тинејџерите од 60те години со амалгам на сензуалност и грубост, мистицизам и моќна енергија. Вистински бунтовник од Калифорнија, хедонист и моќен идол на младите генерации. Харизматичен лидер на легендарниот состав The Doors, пеач со заводлив баритон, поет, писател, бесмртно рок божество. Џим Морисон претставува се што рокенролот подразбира: видно бунтовен, неодоливо привлечен, со опојно секси изглед, непоправливо скандалозен и порочен до последниот здив. Бог на сексот на новото време. Така го доживуваше публиката, особено нејзиниот женски дел.

Изгледаше како Давид на Микеланѓело, со фризура на Александар Македонски.

Убав и моќен, со кожени панталони, и кошула која повеќе открива, отколку што покрива. Завидниот хистроински талент и личната харизма му овозможуваа да владее со аудиториумот и со леснина од бог на сексот да се претвора во бог на смртта. Неговата поезија и музиката што ја изведуваше почиваа на премисата дека се почнува со секс, а завршува со смрт. И секако, тој е еден од највозбудливите мистерии, бидејќи почина многу млад под чудни и неразјаснети околности, и така се придружи на легендарните уметници кои својот живот го завршија во 27мата година.

Митот за него е вистинска платформа за музиката што ја создаваше и песните кои ги изведуваше. Тој како вистински музички уметник во својата глава секогаш до последен детал го имаше замислено настапот пред публиката и свирењето и пеењето на неговиот бенд. Тоа се музика и живот како перформанс. Со таков извонреден перформанс тој си создаде аура на квалитетен поет и музички пророк. Својата инспирација ја црпеше од поезијата на Вилијам Блејк и Бертолд Брехт, а со внимание ги читаше Џек Керуак и Ниче. Исто така, беше фасциниран од француските симболисти Шарл Бодлер и Артур Рембо, а се интересираше и за современите стихови на Ален Гинзбурк.

Иако легендата за Морисон за некого би можела да биде претерување, таа сепак никогаш не ја доведе во прашање и неговата музика. Врската помеѓу многубројните негови фанови и музиката што ја создаваше беше лична. Во неа, есенцијата беше во внатрешната моќ, а не во надворешниот изглед и однесувањето. Како легенда, Морисон за своите фанови секогаш ќе има 27 години, и секогаш ќе го говори тоа што тие би сакале да го чујат. За нив нема посигурен идол од Морисон. Тој никогаш нема да се промени, и тоа, всушност, е најмоќната приказна за него.

Звукот на Doors беше значајна иновација во која доминираше длабокиот и звучен баритон на Морис. Овој рок состав разви нова основа за музика со стиховите на Морисон преку кои тој ги истражуваше темите за секс, мистицизам, дрога, лудило, убиство, смрт. Импресивната нумера Crystal Ship, дијаболичната The end и големите хитови Light My Fire(1967), Riders on the Storm(1969) и When the Music’s Over(1967), направија бендот Doors да биде најпопуларен и најатрактивен рокенрол состав во САД. Истовремено, еротската привлечност на Морисон помогна тој да стане најголема музичка ѕвезда во САД и пошироко и најголем секс симбол во тоа време.

Постојат композиции кои своето вистинско значење го добиваат дури во директното претставување на публиката. Такви се музичките нумери на Дорси и Џим Морисон. Станува збор за композиции, во кои атмосферата која ја носат со себе е исто важна како и самата музика. Тие како да се создадени во комуникацијата со слушателот да предизвикаат посебни чувства, желба за понирање во себе, во сопствената душа, создаваат потреба да се поставуваат прашања кои немаат многу допир со реалноста.

Тоа се композиции кои се на самата ивица на халуцинации и предизвикуваат транс. Во нив авторот, како да повикува на небеско патување, на согледување на конечноста на верба во надземското. Една таква композиција е “Кога ќе стивне музиката“ (When the Music’s Over) на легендарниот бенд Doors, објавена во далечната 1967 година. Тема на композицијата е постоење на животниот пламен. Морисон пееше дека кога тој(пламенот) ќе згасне, ќе згасне и самиот живот. Кога Doors со својот харизматичен лидер Џим Морисон ја изведуваше оваа композиција на бината, тоа беше вистински концертен перформанс. Имаше светлосни ефекти, говор на телото, мимики на сите изведувачи, а особено на предводникот на бендот Џим Морисон.

(продолжува)

Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Рускиот милијардер жестоко го критикуваше Путин: Најхрабра…

Рускиот олигарх Олег Дерипаска ја нарече војната…

Тројца германски пливачи на отворени води се…

Тројца германски пливачи на отворени води се…

Неверојатна приказна: Влезе како замена, освои злато…

Етиопјанецот Тамират Тола ја освои титулата олимписки…

(Видео) Илјадници луѓе на улиците во Белград…

Протестот против ископот на литиум од проектот…

Осум и шестгодишно дете исчезнаа во Грција

Грчката полиција трага по две деца кои…