Светски икони – мода, филм, музика, стил(12.1) Фреди и Квин како успешна музичка приказна (втор дел)

t

Светски икони – мода, филм, музика, стил(12.1)

Фреди и Квин како успешна музичка приказна(втор дел)

Не сакам во рајот, таму и така е досадно. Пеколот е подобар,
погледајте колку интересни луѓе завршија таму
Фреди Меркјури

Групата Квин по многу нешта е специфичен и посебен музички бенд. Единствена група се што никогаш немала персонални промени. Понатаму, сите членови се со високо образование, дури Брајан Меј е и научник со докторска титула. Исто така, Квин е група со фронтмен и пејач, кој е толку харизматичен, квалитетен и со неверојатни јавно-сценски перформанси, што е незаменлив и ненадоместлив. По прераната смрт на Фреди, Брајан и дружината никогаш не одржаа концерт со друг пејач, туку, со познати пејачи, кои на јубилејни години од смртта на нивниот колега ги пееја неговите/нивните песни. И секако, оваа група, според продадени ЛП-плочи, ленти (аудио, видео) це-диња, е една од најтиражните во музичката индустрија, група со најспектакуларни концерти и освоени музички награди.

Во 2001 година примени се во Рокенрол куќата на славните, а во 2009 година списанието Класик рок, Фреди Меркјури го прогласи за најдобар рок пејач на сите времиња. Нумерата пак Боемска рапсодија, која прв пат во 1975 година беше 9 недели на прво место на британската топ-листа, и втор пат, по смртта на Фреди, во 1991 година, беше пет недели на врвот на светските топ-листи, е меѓу трите најпродавани сингл плочи во историјата на рок музиката. Во повеќе наврати, прогласувана е за песна на деценијата и на векот.

Многу интересна е приказната како е создадена и снимена оваа легендарна музичка нумера. Фреди очигледно не се задоволувал со обично компонирање и изведување на музичките нумери. Тој посакал на публиката да и ги пренесе емоциите, па неговата креативност трагаше по нешто ново, нешто непознато, нешто многу повозвишено од обична мелодија. Најпрвин ги информирал членовите на групата дека работи на нешто невообичаено, на ново дело во кое ќе има многу манипулирање со нотите, повеќе од вообичаено хармонија, оркестрација до максимум, свирачки вештини. Со еден збор трагал по концептуален албум со необични музички нумери. Добил поддршка од останатите членови на Квин, и така е создаден албумот ‘’A night At The Opera’’ и највозвишената, неповторлива нумерата ‘’Bohemian Rapsody’’ во него. Идеја на Фреди била заедно со Брајан Меј и Роџер Тејлор да снимат по три линии на вокали, а потоа сето тоа да го мултиплицираат. Го направиле тоа, и на музичката подлога, и ги додале највпечатливото хорско пеење во историјата на рок музиката, вокалните бравури на Фреди, Меј и Тејлор.

Ефектот бил вистинско уметничко дело. Мистериозен е и текстот на оваа нумера, за кој музичките критичари мислеле дека во него се зборува за траумите од детството на Меркјури. Тоа музичкиот генијалец никогаш не го потврди, туку даде објаснување дека станува збор за односи помеѓу луѓето. Јас би додал дека во оваа музичка нумера се крие целиот светоглед и личниот однос кон животот на Фреди Меркјури (‘’Дали тоа е вистинскиот живот, или е тоа само фантазија…без излез од реалноста, отвори ги очите и погледни го патот до небото, и ќе видиш, јас сум сиромав, и не ми треба милост…мене ми е сеедно… мамо штотуку убив човек…мамо животот штотуку почна, а јас еве заминувам и се отфрлам… премногу е касно моето време истече, морници ми лазат низ грбот, телото ме боли, цело време, довидување на сите, морам да одам, морам да ве оставам и да се соочам со вистината, оф мамо не сакам да умрам, понекогаш жалам што сум се родил, гледам мала силуета на човек, Скарамуш, Скарамуш дали танцуваш Фанданго? …молњата блешти, а ти многу ме плашиш (Галилејо, Галилејо, Галилејо, Фигаро)… фантастично… дали ќе ме пуштете, во име на Бога? Не нема да те пуштиме, о, мама миа, пуштете ме Белзебуб одбра ѓавол за мене…. и така мислиш дека можеш да ме каменуваш… ништо не е важно, секој може да сфати… ништо не ме допира, било како ветерот да дува… ‘’).

Во овие стихови можеме да го насетиме и немирот во душата на Меркјури, првата рок ѕвезда од азиско потекло – првиот персиски музички суперстар. Во неа има прашања за животот, бегање од реалноста, но и очај, каење, асоцијација на Библијата, повикување на Бога, страв од нечестивиот, и што ли уште не. Вистинска рапсодија за се и сешто. Но, во реалноста животот не секогаш е рапсодија. Напротив. Тој некој пат знае да биде и многу горчлив, а таа горчина неподнослива. Претерувањето од нивната музика и перформансот на сцената се прелеало во приватниот живот. Фреди некое време е целосно надвор од контрола, и животот почнал повеќе да му се одвива позади сцената, отколку на сцената. А таму, се одвива мрачниот дел од животот, во кој има само многу оргии и раскалашен живот, конзумирана дрога, испиени тони шампањ. Тоа е период кога славата удира во глава, и почнува распадот на системот. Меркјури почнал често да посетува геј-клубови во Лондон и Њујорк, имал краткотрајни врски со многу машки лица, а во 1985 година стапил во долга хомосексуална врска со својот фризер Џим Хатон. Во 1987 година дознал дека е заразен од ХИВ-вирусот, но болеста ја криел од јавноста, фановите, медиумите, семејството и членовите на групата, се до еден ден пред да почине. На 23 ноември 1991 година преку неговиот менаџер дал изјава за јавноста дека е ХИВ-позитивен и дека има сида. Утредента починал од бронхијална пневмонија, како резултат на ослабениот имунитет од сидата. Никогаш не се женеше и деца немаше. Со тестамент половина од неговиот имот(8 милиони фунти) оставил на својата поранешна вереница и голема и искрена пријателка Мери Остин, а другата половина ја поделил на членовите на неговото семејство, шоферот, телохранителот, куварот и животниот партнер. Плашејќи се гробот да не му биде вандализиран од фановите, ја овластил Мери Остин, неговата урна да ја чува на непознато место, и да ја закопа или расфрли на место каде што само таа ќе знае. Церемонијата по повод неговата смрт ја водел зороастички свештеник, а присуствувале само членовите на семејството, Дејвид Бови, сер Елтон Џон и членовите на Квин.

Фреди Меркјури, исто така, имаше и успешна соло кариера. Издаде два албуми: Првиот Mr. Bad Guy(1985), а вториот Barcelona(1988), кој го снимаше заедно со оперската пејачка Монсерат Кабаје, која многу ја почитувал и му била голема творечка и музичка инспирација. Инаку, беше многу почитуван, не само од бројните фанови, туку и од колегите музичари. За него Дејвид Бови ќе каже дека ‘’Од сите рок изведувачи, Фреди отиде подалеку од останатите… отиде надвор од границите’’, а Брајан Меј само ќе потврди дека на светот има многу добри пејачи, но само еден е Фреди.
Тие и милионите негови фанови знаеја дека Фреди на сцената пленеше со огромната енергија, со талентот шармираше и воодушевуваше, а со перформансот шокираше. Фановите и денес се уште жалат што суверениот владетел на Пантеонот на рок спектаклите, Фреди Меркјури, прерано беше оттргнат од животот. Музиката на Квин и понатаму привлекува нова армија на обожаватели, кои ја откриваат неодоливата моќ на музичко-сценската визија на срамежливото дете од Занзибар.

Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(ВИДЕО) Украинските сили напредуваат во руската област…

Украинските сили постигнуваат незапирлив напредок во областа…

Падна Gmail, корисниците пријавуваат повеќе проблеми со…

Корисниците ширум светот пријавуваат проблеми со апликацијата…

Руското разузнавање знаело за украинскиот напад две…

Руското разузнавање знаело за претстојната инвазија на…

Македонскиот борач Владимир Егоров го заврши настапот…

Македонскиот борач Владимир Егоров го заврши настапот…

Русија предупредува на обид за дестабилизација на…

Министерството за надворешни работи на Русија издаде…