Светски икони – мода, филм, музика, стил(16.): Марлен Дитрих – божица на сексуалноста
Годинава навршуваат 121 година од раѓањето на Марлен Дитрих(27 декември 1901г.) и 30 години од нејзината смрт(6 мај 1992г.). Во таа чест и оддавам почит на оваа голема актерка, вамп-жена и икона на стлот. Безмалку сè, за и околу Марлен Дитрих беше загадочно, добро скриено и на еден начин мистериозно. И денес, по толку години состојбата не е многу променета. Божествената Марлен е олицетворение на грешната страст и бизарниот шарм, кои од неа направија божица на сексуалноста. Најголемиот виновник е големиот режисер Јозеф фон Штернберг, кој од неа, преку нејзиното актерско остварување во филмот Синиот ангел, ќе создаде мит. Тој за неа во своите мемоари ќе напише дека таа е и софистицирана и инфантилна, наивна и итра во исто време, многу посветена и лојална, но и опасна. За да ја познавате мора да сте запознаени со амбиентот од кој доаѓа.
Израснала во прилично сурови околности, и да не ја поседувала нејзината неверојатна виталност, сигурно не би преживеала. Можеби токму затоа, кога помислуваме на жената како вамп – кобна заводничка, без исклучок, во нашата свест прва се појавува сликата на Марлен Дитрих. И не само тоа, нејзината атрактивна појава и талент блеснаа со сјај, од чие зрачење се формира симболот на fame fatale. На филмското платно глумеше царица, беше куртизана, па шпионка, но и авантуристка и циганка. Всушност секогаш се глумеше самата себе, осветлена со вистинско светло: голема заводница и уште поголема загонетка, почнувајќи од името, кое започнува со милување, а завршува со удар на камшикот – како што кажува познатиот мадригал кој ѝ го посвети Жан Кокто.
Слободното однесување за неа беше безмалку задолжително, отфрлувањето на комформизмот закон, а бисексуализмот нескандалозен. На филмското платно, но и во приватниот живот, таа проектираше лик на женска убавина проткаен со моќ и сексуална двосмисленост. Безмалку на сите нејзини фотографии, лелеавата игра на светлоста и сенките го осветлуваат нејзиниот лик, при што е нагласена структурата на коските на лицето, длабочината на очите и продорноста на погледот, така што се создава ефект на ореол, поради кој нејзината коса секогаш сјае. На овој начин е постигнат ефект на нешто нејасно и заводливо.
Така, светот ја доби Марлен Дитрих како најголем и најпосакуван фетиш. Токму поради тоа имаше харизма и беше повеќе од мистериозна, и привлечна и на едниот и на другиот пол. Дефинитивно беше оформена како маестрален модел на фатална заводничка на новото време кое надоаѓаше. Така како жена вамп, но и “фам фатал”,таа е поим за женственост, сензуалност, занесност и мистериозност. Уште повеќе, таа е симбол на декаденцијата во 20-тите години од минатиот век, антифашизмот и на сексуалната слобода. Една од најгламурозните филмски диви на сите времиња.
Имаше таинствен и двосмислен еротизам во ликовите што ги интерпретираше, а со прекриена страст и ранливост ги обезоружуваше и најарогантните заводници. Со својата спонтана и неодолива глума внесе нови критериуми за моќта на кревката убавица која ве довикува да ѝ погледнете в очи. А од нејзините очи зрачеше ветување, среќа, страв и радост. Таква беше во Синиот ангел, Мароко, Обесчестената, Експресот за Шангај, Русокосата Венера, Ѓаволот и жената, Гримизната царица, Трема, Сведокот обвинува, Допирот на злото, Ранч на проколнатите, Меѓународен скандал, Судењето во Нинбург. Беше достојна партнерка на најпривлечните мажи во Холувуд, како што беа Гари Купер, Кери Грант, Џејмс Стјуард и други.
Како филмска дива ја создаде Ј. Фон Штернберг, а соработуваше и со големите режисери како А.Хичкок, Б. Вајдлер, О.Велс, С.Крамер идруги. Секогаш беше убаво и во стил облечена, а својата класична, силна женска фигура ја нагласуваше со строги костими со машки крој, и вечната цигара во раката. Изгледаше волшебно, како во бундите и крзната, така и во строгите, но елегантни костими. Два костима се нераздвојно врзани со неа: црн корсет со чорапи и машки костум. Со тој стил таа истовремено се здоби со екстремно секси и екстремно машки look. Со зачудувачка, женствена убавина неизмерно ги фасцинираше припадниците на машкиот пол.
Денес некој ќе праша што е тоа што остана по Марлен Дитрих?
Пред сè, тоа се стилот и модата, кои извршија големо влијание врз модните креатори и времето. Тука пред сè мислам на лежерноста, најелегантното носење панталони, зачудувачка едноставност, машката фантазма за нозете, и секако ликот на икона за самостојна, одлучна, мудра жена на која не ѝ е потребен тим на експерти за да ги развие своите можности. Таа и денес инспирира многу жени од светот на модата и уметноста, од кои најистакнати се Дијана Китон и Кејт Мос. Познато е дека со својот стил од триесеттите години на минатиот век, го инспирирала Ив Сен Лорен да креира линија на костуми, специјално кроени и струкирани за жени. Генерации и генерации машки ќе ја паметат како олицетворение на таинствената и заводлива женственост и самодоверба, како дрска и решителна заводница, која поттикнуваше еротски фантазии и со напукнатиот глас, бледото лице и совршениот облик на нозете, умееше да ги покори и мажите и жените.
Сотир Костов
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(ВИДЕО) Украинските сили напредуваат во руската област…
Украинските сили постигнуваат незапирлив напредок во областа…
Падна Gmail, корисниците пријавуваат повеќе проблеми со…
Корисниците ширум светот пријавуваат проблеми со апликацијата…
Руското разузнавање знаело за украинскиот напад две…
Руското разузнавање знаело за претстојната инвазија на…
Македонскиот борач Владимир Егоров го заврши настапот…
Македонскиот борач Владимир Егоров го заврши настапот…
Русија предупредува на обид за дестабилизација на…
Министерството за надворешни работи на Русија издаде…