Секое деветто новороденче во Македонија умира поради загаден воздух
Во 2021 година над 5.480 доенчиња во 23 земји и територии низ Европа и Централна Азија починале од причини поврзани со аерозагадувањето. Во Македонија, смртните случаи на новороденчиња поврзани со загадениот воздух сочинуваат 11,6 отсто или 1 од 9 смртни случаи на деца на возраст до една година, информираат од Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје.
Извештајот наречен „Почетоци без здив: политики за заштита на децата од загадениот воздух во Европа и Централна Азија“ забележува дека во поголемите градови низ Европа и Централна Азија, загадувањето на воздухот редовно ги надминува безбедните нивоа според СЗО, и станува главен еколошки ризик по здравјето на децата од регионот.
– Во Северна Македонија, ризиците од загадениот воздух се особено високи. Во февруари 2024 година, Скопје повторно се најде меѓу првите 10 најзагадени градови во светот, а просечните нивоа на ПМ10 или ПМ2,5 честички ги надминуваат дозволените граници повеќе од 100 дена во годината. Според новите податоци, освен што претставува сериозна причина за смрт кај новороденчињата, загадувањето на воздухот ни одзема повеќе здрави години од животот во споредба со кој било друг поединечен еколошки фактор, како што се високите температури, нечистата вода и лошите санитарни услови – се вели во соопштението.
Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ додава дека овие податоци се особено загрижувачки, бидејќи раната и честа изложеност на загадениот воздух влијае врз развојот на мозокот, белите дробови и органите на бебињата, што има последици врз здравјето и учењето во текот на целиот живот.
Во документот за политики се посочува дека бебињата и малите деца се најизложени на ризик од смрт и лошо здравје поради загадениот воздух. Раната и честа изложеност на загаден воздух – почнувајќи уште од матката – води кон смалување и реструктурирање на белите дробови и го зголемува ризикот од пневмонија, инфекции на горниот респираторен тракт, инфекции на увото, астма и алергии. Дишењето загаден воздух може да предизвика воспаление на мозокот, да го попречи растот и да влијае врз когнитивниот развој, како и на училишниот успех.
УНИЦЕФ апелира до владите и институциите во земјите од регионот, вклучувајќи ја и Македонија, да посветат повеќе внимание и ресурси во борбата со аерозагадувањето, да ги поддржат енергетската ефикасност, пристапот до чиста енергија и подобрувањето на квалитетот на воздухот и да ги заштитат бремените жени и децата од загаден воздух.
– Конечно, товарот од инфекции со бактериска пневмонија кај доенчињата треба да се намали преку проширување на опфатот со пневмококна конјугирана вакцина (ПЦВ) – кој во Северна Македонија изнесува 56 проценти, што е многу помал опфат од просечните 86 проценти во европскиот регион на СЗО – велат од УНИЦЕФ.
Новиот документ за политики на УНИЦЕФ содржи најнови податоци и препораки за подобрување на квалитетот на воздухот и намалување на смртните случаи и здравствените проблеми кај децата поради аерозагадувањето.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Секое деветто новороденче во Македонија умира поради…
Во 2021 година над 5.480 доенчиња во…
Дали Кина или САД ќе победат во…
Србија во моментов можеби е една од…
Горивата поевтинуваат од половина до два денара
Регулаторната комисија за енергетика ги донесе новите…
(Фото) Директорот на ДЗС фотографиран со криминалец…
Во сооштение до јавноста Владата на Република…
(Видео) Кој лаже – Случај црква Св.…
По случајот кој го привлече вниманието на…