Сестрата на загинатата Фросина за утрешниот марш: Тргнуваме од местото каде што заврши сонот на Фросина!

t

Росица Кулакова, сестрата на трагично загинатата Фросина, денеска официјално се приклучи кон иницијативата „Кој е следен?“ како нејзин претставник и гласноговорник за Фросина, вели утрешниот протестен марш е со јасни барања до надлежните институции.

„Да нема забуни, манипулации и политизирање! Ова е граѓански протест, протест на народот, протест на тагата, на револтот и на желбата да се остане тука!“ – стои во соопштението што Кулакова го упати до јавноста.

Протестот ќе започне утре, 16 февруари, во 16:30 часот, пред Универзална сала во Скопје, местото кое стана симбол на борбата против неправдата.

Марш со јасни пораки до институциите

16:30 – Универзална сала

Маршот ќе започне од местото каде што трагично заврши сонот на Фросина – симболична почетна точка која сведочи за системските пропусти. „Ќе им оддадеме почит на сите жртви на корумпираниот и нефункционален систем“, порача Кулакова.

17:00 – Влада (извршна власт)

Иницијативата не протестира против Владата, туку бара континуирана поддршка и активни мерки за подобрување на системот. „Очекуваме Владата, но и опозицијата, да застанат зад оваа иницијатива и да ги сослушаат барањата што произлегуваат од граѓанскиот протест“, нагласува Кулакова.

17:45 – Собрание (законодавна власт)

Демонстрантите ќе упатат порака до пратениците да се вклучат во промените на законите и да обезбедат нивна правилна примена.

18:30 – Апелационен суд (судска власт)

Последната станица од маршот ќе биде пред судот, каде граѓаните ќе побараат правосудните органи да се соочат со одговорноста за нефункционалниот систем. „Бараме судската власт да престане да ги штити нечесните меѓу нив и да застане на страната на правдата“, порачува Кулакова.

„Сите сме Фросина – секој може да биде следен“

Граѓанската иницијатива ги повикува сите луѓе да се приклучат во оваа борба за подобра иднина. „Време е за промени! Време е за правда за Фросина!“, порачува Кулакова.

Протестниот марш ќе заврши со повик за итни реформи во безбедноста, правосудството и законодавството.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ