СЕ: Неисполнетото ветување на ЕУ ја поттикна политичка нeстабилност во Македонија
Неисполнетото ветување на ЕУ за отворање на пристапните преговори со Македонија ја поттикна политичка нестабилност во државата, неизвесност и разочарување, но се охрабруваат властите, опозицијата и граѓанското општество да останат посветени на нивните европски цели и да продолжат да работат со Советот на Европа, оценуваат коизвестувачите на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) за пост-мониторинг дијалог со Македонија во нивниот извештај објавен деновиве во Стразбур.
Во ревидираната информативна белешка објавена како дел од пост-мониторинг дијалогот на Собранието со Македонија, Лиз Кристоферсен (Норвешка, СПЦ) и Золт Ченгер-Залан (Унгарија, ЕНП/ЦД) велат дека сè уште постои „цврст консензус“ во земјата кој е во корист на процесот на европска интеграција.
И покрај неколкуте трауматични настани во 2021 година, Македонија покажа издржливост, меѓуетничките односи останаа стабилни, а појавата на нови политички партии покажува жива политичка сцена“, рекоа коизвестувачите, оценувајќи ги притоа последните случувања, јавува МИА од Стразбур.
Според нив, земјата направи „многу напори да ги подобри своите стандарди“ во последниве години, но овој напредок „треба да се консолидира и законите целосно да се применат“, а „изгледите за интеграција во ЕУ може да бидат силен фактор за поттикнување да се направат реформи, да се подобрат нормите и на крајот да се подобрат условите за живот“.
Во последниве години, како што оценуваат, Македонија започна процес на нормализација, и на национално и на меѓународно ниво. ПССЕ претходно ја пофали способноста на политичките партии, и покрај поларизацијата по политички и етнички линии, да постигнат договори (пржинските договори од 2015 и 2016 година), да се договорат за одложување на изборите во време на пандемија (2020 година) и да се врати одредена доверба во изборните процеси (и покрај долготрајните проблеми кои треба да се решат пред следните избори). Изборите во јули 2020 година резултираа со тенко и кревко владино мнозинство – со политички фракции во парламентот осудени на соработка, особено за прашања за кои е потребно гласање со квалификувано мнозинство.
На меѓународно ниво, серија договори потпишани со Бугарија (2017), Грција (2018) и соседните земји Србија и Албанија (за промовирање на иницијативата „Отворен Балкан“) исто така создадоа нови можности, смета ПССЕ.
Земјата доживеа неколку трауматски настани во текот на 2021 година, меѓу кои пандемијата со ковид-19, шумските пожари летото 2021 година, смртоносниот пожар на модуларната ковид-болница во Тетово во септември (кој однесе животи на 14 пациенти), или трагичната сообраќајна несреќа на автопатот Струма во ноември во која животот го загубија 46 граѓани, меѓу кои и деца. Сепак, земјата покажа издржливост, а меѓуетничките односи останаа стабилни. Појавата на нови политички партии, како Левица или Зелените движења, исто така покажува дека има енергична политичка сцена и граѓани подготвени да се занимаваат со политика, продолжува ПССЕ.
Во последниве години, земјата направи многу напори да ги подобри своите стандарди. Овој напредок мора да се консолидира и законите да бидат целосно имплементирани. Сè уште постои силен консензус меѓу политичките партии во Македонија за процесот на европска интеграција заснован на европските вредности. И покрај позитивниот сигнал добиен од Европската унија во 2020 година, разочарувачки е што ЕУ досега не ги исполни ветувањата и сè уште не успеа да ги отвори пристапните преговори со Македонија, се вели во извештајот на мониторинг комисијата на ПССЕ.
Ние, исто така, забележуваме со загриженост дека неисполнетото ветување на ЕУ поттикна политичка нестабилност, несигурност и разочарување во земјата. Од друга страна, перспективата за интеграција во ЕУ може да биде моќен поттик за преземање реформи, за подобрување на стандардите на земјата, кои треба да се засноваат на стандардите на Советот на Европа и конечно за подобрување на условите за живот на населението.
Затоа ние ги охрабруваме властите на Македонија, како и опозицијата и граѓанското општество, да останат посветени на нивните (пан)европски цели и продолжат да работат во соработка со Советот на Европа. И ги охрабруваме соседните земји – и на прво место Бугарија – да ги поддржат европските аспирации на Македонија, во интерес на граѓаните на земјата и на целиот регион. Во таа насока, повторното започнување на политичката и економската соработка меѓу Скопје и Софија во 2022 година го сметаме за охрабрувачки знак за продолжување на преговорите и изнаоѓање на потребниот политички компромис што на крајот може да доведе до отворање на преговорите за членство во ЕУ, се нагласува во извештајот на ПССЕ.
На крајот известувачите се надеваат дека ќе можат наскоро да ја посетат Македонија и да ги оценат реформите и напредокот постигнат од земјата во рамките на пост-мониторинг дијалогот со Парламентарното собрание на Советот на Европа.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Активни се пожарите во Чашка, Велес, на…
РЦУК Велес, известува дека шумски пожар на…
Изгубено 3-годишно девојче во Неа Флогита, се…
Во познатото туристичко место Неа Флогита, Грција…
(Видео) Претседателката ќе чека новата влада да…
Сиљановска ќе почека да се формира новата…
ДУИ му помогна на Мицкоски за двотретинско…
Со 88 гласа “за” пред 3 часот…
Американската амбасада ќе ги подобрува односите помеѓу…
Аташето за култура и образовани на САД…