Сиљановска-Давкова: Ништо не може да ја намали болката на семејствата, но мораме да направиме се што е во наша моќ ваквите трагедии никогаш да не ни се повторат
Ништо не може да ја намали болката на семејствата што ги загубија своите најмили или се соочуваат со последиците од трагедијата, но можеме и мораме да направиме се што е во наша моќ ваквите трагедии никогаш повеќе да не ни се повторат – изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на завршната сесија на „Меѓународната конференција за институционалните и клиничките аспекти и решенија по пожарот во Кочани“, што се одржува денеска во Скопје.
Трагедијата во Кочани не останува само доживотно болен спомен, туку останува обврска и постојан потсетник, а фактот за што денеска зборуваме, според Сиљановска-Давкова, е доказ дека сме решени ваквите трагедии да не нè затекнат никогаш неподготвени и притоа потсети на Вацлав Хавел:
– Вистинската мерка на една држава не се гледа во моментите на стабилност, туку во начинот на кој се соочува со своите кризи. Демократските системи се поотпорни на кризи и полесно се справуваат со нив. Кризата е лакмус за демократијата оти се проверуваат и институциите и професионалната етика и човечката солидарност, изјави Сиљановска-Давкова.
Според неа, зад статистиките стои нечие име, семејство и живот. Преживеаните и нивните семејства, како што рече, ќе ја носат траумата доживотно, а ние имаме обврска да бидеме со нив, и покрај нив, поддржувајќи ги.
– Ништо не може да ја намали болката на семејствата што ги загубија своите најмили или се соочуваат со последиците од трагедијата, но можеме и мораме да направиме се што е во наша моќ ваквите трагедии никогаш повеќе да не ни се повторат. Кочанската апокалипса ни остави длабока рана, предочувајќи ни дека без стандарди, правила и одговорност, ниту една дејност не може безбедно да функционира и ништо ама апсолутно ништо не смее да биде поважно од правото на живот, тоа им го должиме на починатите, на преживеаните, но и на сите граѓани – порача Сиљановска Давкова.
Трагедијата во Кочани, според Сиљановска-Давкова, беше момент на национален шок, длабока човечка болка, ерупција на сочувство и солидарност, но и момент на политичка и општествена катарза – пред огледалото на совеста и одговорноста се најдовме сите и сè уште сме, посочувајќи дека „со крајот на животот ќе ја помнам сликата од утрото по трагедијата“.
– Сите посакувавме лекарите да го направат не само нужното и можното, туку и неможното. Јас верував во знаењето, искуството и пожртвуваноста на лекарите и медицинскиот персонал. Една година потоа мислам дека донесовме вистинска политичка и медицинска одлука кога решивме да побараме помош однадвор. Брзо воспоставената и интензивна координација меѓу македонските институции и здравствениот систем и меѓународните партнери овозможија спасување на многу млади животи. Ме восхитија хуманоста и солидарноста на нашите соседи, брзината на активирањето на европскиот механизам за цивилна заштита, но и солидарноста на сиот свет, изјави Сиљановска-Давкова.
Трагедијата во Кочани, нагласи, покажа дека здравствениот одговор на вакви настани не е само медицинско прашање, туку и политичко, финансиско, етичко и морално, како и дека соодветниот одговор на него зависи од демократскиот капацитет и одговорноста.
– Во конференцијата препознавам важен чекор во процесот на експертска евалуација на стореното и научени лекции низ постапувањето како бенефит за зајакнување на нашата подготвеност за иден соодветен одговор на можни слични состојби – изјави Сиљановска-Давкова.
Претседателката, исто така, потсети на старото медицинско правило „подобро е да се превенира, отколку да се лекува“ и во таа насока нагласи дека е важно што веќе имаме конкретни системски мерки како усвојување на Национален план за справување со масовни жртви, воспоставување нови медицински протоколи и зајакнување на институционалната координација во кризни ситуации.
– Тие се доказ дека македонскиот здравствен систем и државата целат трагичното искуство да го претворат во поголема подготвеност, подобра организација и поефикасен одговор на идни предизвици, кога секоја минута и преземен чекор може да спаси еден живот – нагласи Сиљановска Давкова.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Сиљановска-Давкова: Ништо не може да ја намали…
Ништо не може да ја намали болката…
Трамп ги повика Кина, Франција и другите…
Американскиот претседател Доналд Трамп денес изрази очекување…
САД испратија „стелт“ бомбардери кон Иран
Вашингтон активираше најмоќни стратешки бомбардери со технологија…
Револуционерната гарда: Иран нема да го отвори…
Иран нема да дозволи пловидба низ Ормускиот…
Тошковски: Македонија и институциите покажаa исклучителна професионална…
Според министерот за внатрешни Панче Тошковски, Македонија…