Скандал – “Кој сака нека им врти”: Телефонските броеви на Лиз Трас и британските министри се продаваат на интернет!
Броевите на мобилните телефони на британската премиерка Лиз Трас и 25 нејзини министри се продаваат на Интернет, открива весникот „Мејл он Сандеј“. До нив може да се пристапи на сомнителна американска веб-страница која наплаќа само 6,49 фунти за пристап до информациите, за кои сајбер експерти предупредуваат дека Кина и Русија би можеле да ги користат за шпионирање на високи владини фигури.
Телефонските броеви и другите лични податоци на Лиз Трас, министерот за финансии Кваси Квартенг, министерот за одбрана Бен Валас, министерот за надворешни работи Џејмс Клеверли и министерот за внатрешни работи Суела Брејвман се меѓу оние наведени на страницата.
Телефонскиот број на лидерот на лабуристите Сер Кир Стармер е исто така на страницата. Пред конференцијата на Конзервативната партија, министрите синоќа ја проценуваа заканата со советниците за национална безбедност, откако Министерството за одбрана ги предупреди дека се откриени и нивните е-пошта и лозинки.
Од владината канцеларија велат дека истрагата е во тек и дека дел од информациите се стари. Сепак, Министерството за безбедност потврди дека меѓу нив има податоци за 26 тековни телефонски броеви на членовите на кабинетот, вклучувајќи го и бројот на премиерот Трас.
Синоќа, поранешен британски разузнавач ја опиша ситуацијата како шокантна и предупреди дека приватните информации може да се добијат со помош на софтвер кој вбризгува вирус во телефонот преку СМС-порака.
Претплатниците на американскиот сајт, кои „Мејл он сандеј“ не сака да го открие, едноставно можат да бараат каква било информација со впишување нечие име.
Потребни се само неколку секунди за страницата да ги прелие податоците украдени во сајбер нападите кои датираат од пред повеќе од една деценија.
Веб-страницата тврди дека има повеќе од 14 милијарди датотеки со „компромитирана содржина“ во својата база на податоци што може да се пребарува. Луѓето кои стојат зад страницата остануваат мистерија. На веб-страницата е наведен телефонски број кој ѕвони, но никој не одговара, додека канцеларијата се наоѓа во Лас Вегас.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Трас: Важно е да се фокусираме на…
Британската министерка за надворешни работи Лиз Трас…