Скопскиот аеродром го модернизира ракувањето со багаж, се размислува за нови субвенционирани летови

t

Подобрување и модернизација на инфраструктурата и технологијата што се користи за ракување со регистрираниот багаж на патниците на Меѓународнот аеродром Скопје, најавува концесионерот, ТАВ Македонија. Од 9 октомври таму се врши надградба на системот за ракување со багаж – „baggage handling system“ (BHS), процес што се очекува да заврши до крајот на месецов. И концесионерот и Министерството за транспорт и врски велат дека преземаат активности за што повеќе нови дестинации за патниците и очекуваат да продолжи растот во секторот и покрај глобалната инфлаторната клима и најновите геополитички случувања.

Според ТАВ, општо земено, и со оглед на моменталната геополитичка ситуација на глобално ниво, одредени модели на поврзување можеби се променети, но изгледите за годинава и понатаму, во однос на воздушното поврзување се очекува да се подобрат. Ресорното Министерство, пак, информира дека има интерес од странски авиокомпании да влезат на македонскиот пазар, но се уште се прават анализи дали ќе се објави уште еден повик за субвенционирани летови до крајот на годинава.

Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија, за МИА објасни дека системот што го надградуваат на Скопскиот аеродром, ја вклучува целата опрема, систем и софтвер кои работат за багажот што треба да се провери со рентген и да се сортира според летот и дестинацијата.

Досега го имавме системот за ракување со багаж кој работи со стандардна 2 конфигурација на скенери и систем за рендген. Со активностите кои се во тек, или редизајнирање и реконфигурирање на системот, ќе го надградиме со помоќна технологија која е како компјутерска томографија, односно со машини т.н. „стандард “. Во пракса, тоа значи демонтирање на опремата „стандард 2” и инсталирање на нова, „стандард 3“ опрема и најнова технологија, вели Курт.

Во периодот на демонтирање и инсталирање не се соочиле со никаков прекин во опслугата на багажот, а вработените од одделот за Техника нашле начин како да се ракува со багажот во овој преоден рок.

Надградбата не значи само физичко инсталирање на нови машини, туку целиот процес е проследен и со период на тестирање, кој исто така е од огромно значење. Ова е причината поради која се огласивме во јавноста и ги советувавме патниците да пристигнат на аеродромот 3 часа пред времето на поаѓање на нивниот лет. Ова го направивме со цел да имаме непречен процес на пријавување во случај да се појави некаков проблем со заднинските активности поврзани со процесот на ракување со багаж и да избегнеме доцнење на летовите, на авионите. Согласно планираните активности, а и според завршените фази досега, веруваме дека до крајот на ноември, а можеби и порано, ќе ја завршиме целата надградба, најавува Курт

Во однос на придобивките за патниците, тој посочува дека оваа надградба значи подобрување и модернизација на инфраструктурата и технологијата што се користи за ракување со регистрираниот багаж на патниците, со што, како што вели, се подобрува ефикасноста, сигурноста и безбедноста на процесот на ракување со багажот, како и обезбедување дека тој багаж е прецизно насочен кон правилните летови.

Надградбата на системот за ракување со багаж е еден од најважните проекти што ги имаме оваа година бидејќи ќе ги олесни нашите операции во позадина за проверка и сортирање на багажот, и како што веќе реков, ќе овозможи ефикасен, сигурен и безбеден процес на ракување со багажот, вели Курт.

Тој потсетува дека претходно на аеродромот беше воведена погодност за патниците со попреченост кои патуваат сами и на кои им е потребна помош на аеродромот. Своето пристигнување на аеродромот сега можат да го најават на влезот на паркингот – со јавување преку домофонот, специјално означен и инсталиран за оваа намена, можат да ја контактираат аеродромската Служба за специјална помош, која наскоро по јавувањето на патникот ќе го пречека на паркингот наменет за лица со попреченост и заедно ќе ги завршат сите аеродромски процедури потребни за авионско патување. Од неодамна е реновиран primeclass бизнис-салонот на Скопскиот аеродром, а според Курт работат и на други проекти кои дополнително го подобруваат квалитетот на аеродромското работење и го зголемуваат патничкото искуство на нивните патници.

Променети се одредени модели на поврзување, но во однос на воздушното поврзување очекува да се подобрат

Во однос на генералната состојба во авиосообраќајот и влијанието на најновите геополитички случувања во оваа област, тој нагласува дека воздухопловната индустрија е отпорна индустрија и може да отскокне и да се опорави од кризата, како што беше случај за време на кризата со Ковид-19 и денес, по таа криза.

За авијацијата и воздушниот транспорт да одговорат и да придонесат за економијата и нивниот развој, потребна е поврзаност меѓу градовите и земјите, а капацитетите и фреквенциите на тие рути помеѓу градовите и земјите играат важна улога. Општо земено, и со оглед на моменталната геополитичка ситуација на глобално ниво, одредени модели на поврзување можеби се променети, но изгледите за 2023 година и понатаму, во однос на воздушното поврзување се очекува да се подобрат. Меѓутоа, денес, за среќа, Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, а особено Меѓународниот аеродром Скопје, имаат одлична поврзаност со градовите и широко портфолио на мрежа на дестинации и рути, објаснува генералниот директор на ТАВ Македонија.

Говорејќи за инфлацискиот предизвик, посочува дека како аеродромски оператор не ги одредуваат цените на билетите за летови и оти тие се формираат од инпутите на авиокомпаниите од една страна и побарувачката за патување од друга страна, како и од интензитетот на конкуренцијата на пазарот.

Авионските патувања, вели Курт,  сè уште имаат конкурентска предност во однос на другите средства за патување, особено кога ги споредуваме со цените на различни видови копнен превоз, особено ако се земе предвид дека воздушниот сообраќај е најбезбедниот, најбрзиот и најзгодниот начин да стигнете од точка „А“ до точка „Б“.  Ќе ги вложат, како што најавува, сите напори да обезбедат поголем опсег на дестинации и авиокомпании кои летаат од аеродромите за да има конкурентност и патниците да имаат можност да изберат што најдобро им одговара на нивните потреби, барања и нивниот буџет.

Актуелниот, зимски ред на летање за 2023/2024 година, што стапи во сила, брои 14 авиокомпании од Меѓународниот Аеродром Скопје, кои летаат до 41 дестинација, додека пак, по фрекфентната летна сезона исполнета со сезонски авиолинии на Охридскиот аеродром, сега таму ќе летаат три авиокомпании до четири дестинации до крајот на март следната година.

На Скопскиот аеродром во текот на оваа година отворени се нови авиолинии до Франкфурт, Осло, Сплит, Љубљана и Сараево, до кои летаат Луфтханза, Норвеџиан ерлајнс, Кроација ерлајнс, Виз Ер и Ејџиан ерлајнс.

Санекспрес ќе продолжи со летови до Измир и Анталија во текот на целата година, додека Виз ер ќе го базира својот 6-ти авион во базата на Скопскиот аеродром и ги зголемува своите фреквенции на летови на девет авиолинии, а авиолинијата Скопје – Луксембург најавија дека ќе ја отворат во втората половина на декември.

Од мај следната година, Ер Балтик ќе ја отвори авиолинијата Скопје – Рига, што, според Курт, ќе биде одлична можност за патниците да ги откријат Балтикот и Скандинавија, бидејќи оваа авиокомпанија има одлична поврзаност во овие географски региони.

Сите наведени авиолинии, заедно со извонредноста на нашите аеродромски услуги којашто ја обезбедуваат нашите посветени колеги кои се ориентирани кон клиентите, очекуваме да ја завршиме оваа година со нов рекорд, кој секако треба да биде надминат во 2024 година, со оглед на нашите проекции и прогнози во однос на воздушниот сообраќај, најавува генералниот извршен диретор на ТАВ Македонија.

Анализи за нов повик за субвенционирани летови, интерес за влез на нови авиокомпании    

По пауза од една година во април повторно стартуваше владината финансиска поддршка за нови летови, кога беа склучени договори со германска „Луфтханза“ за авиолинијата Скопје – Франкфурт и со „Визер“ за четири линии од Скопје до Луксембург, Штутгард, Салцбург и до Љубљана. Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски тогаш кажа дека се воведени нови дестинации за кои имало голем интерес од граѓаните, но оти има дополнителни средства да се објави нов повик кон крајот на годината.

На прашање на МИА дали ќе има нов повик, од Министерството за транспорт и врски одговорија дека со сите надлежни институции во овој сектор прават анализи за развој на авиосообраќајот во државава што ќе го покажат начинот и времето кога е потребно да се распише друг јавен повик за субвенционирани летови.  Истакнуваат и дека има интерес за влез на нови авиокомпании на нашиот пазар.

Несомнено авиосообраќајот во земјава има континуирана нагорна линија и тоа ни дава дополнителен стимул да размислуваме дека капацитетите на домашните аеродроми се уште не се искористени и врз основа на тоа очекуваме дека и во следниот период ќе има потреба од нови јавни повици се со цел да  понудиме што поголем број дестинации, изјавија за МИА од ресорното Министерство.

Не можат да кажат колку би изнесувала финансиската поддршка во случај да има нов повик, но критериумите би останале како тие од претходниот повик, кои, како што потенцираат, биле усогласени со правилата на Европската унија.

Врз основа на договорите Луфтханза се согласи да лета од Скопскиот аеродром без надомест, а за субвенциите за Виз Ер се очекуваат првите фактури за да се утврди колкава ќе биде исплатата. Според Договорот, државата има обврска да исплаќа субвенции од седум евра по патник во заминување, информираат од Министерството за транспорт.

Нивните анализи покажуваат дека авиосообраќајот во земјава се уште има можност за континуиран  раст.

Тоа го покажуваат 2,6 милиони превезени патници до средината на октомври годинава, ни преостануваат уште два месеца до крај годината и очекуваме годинава да имаме рекорден број на превезени патници. Тоа е уште еден показател дека авиосообраќајот се уште има простор за развивање постојано и преку преговорите со државните органи има интерес од странски авиокомпании да влезат на македонскиот пазар.  Исто така и ТАВ на комерцијална основа преговара со останати компании да влезат на македонскиот пазар, информираат од ресорното Министерство.

Со зимскиот ред на летање на „Меѓународен аеродром Скопје” ќе се одржува воздушен сообраќај на 39 линии: Виена, Белград Атина, Загреб, Варшава, Франкфурт, Будимпешта, Стокхолм, Сандефјорд, Гетеборг, Малме, Копенхаген, Ајндховен, Брисел, Париз, Дортмунд, Келн, Фридрихсхафен, Меминген, Базел, Нирнберг, Берлин, Милано, Хамбург, Венеција, Бремен,  Братислава, Рим,  Баден Баден, Малта, Болоња, Љубљана, Луксембург, Лондон, Истанбул, Измир, Сараево, Цирих и Женева.  На аеродромот „Св. Апостол Павле-Охрид”, пак, ќе се опслужуваат линиите кон Цирих, Меминген, Дортмунд, и Виена од страна.

Во периодорт јануари-септември годинава има пораст од 30 проценти на бројот на превезенеи патници преку скопскиот и охридскиот аеродром во однос на 2022 година, а а кај летовите порастот изнесува 19 отсто.

Најчести дестинации од Меѓународниот Аеродром Скопје, според статистиката на патничкиот сообраќај на ТАВ Македонија, за периодот јануари – септември годинава се: Истанбул (двата аеродроми, ИГА и Сабиха Гокчен со 10,8 отсто пазарен удел), Базел Мулхаус (6,1 отсто), Цирих (5,5 отсто), Виена (4,7 отсто), Дортмунд (4,5 отсто), потоа Франкфурт (4,2 отсто), Минхен Меминген (4,1 отсто), Анталија (4 отсто), Малме (2,6 отсто) и Келн (2,6 отсто).

Топ пет земји со најмногу летови во периодот јануари – септември 2023 година се: Германија (27,3 отсто пазарен удел); Турција (16,9 отсто); Швајцарија (13,4 отсто); Шведска (6,7 отсто) и Италија (6,5 отсто).

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Поранешниот косовски претседател ја попари Османи: НЕ…

Не постои ниту еден тип на имунитет…

Пронајден починат маж во напуштена куќа во…

На 02.08.2024 во 10.51 часот во СВР…

(Видео) ЕКСКЛУЗИВНИ ДЕТАЛИ ЗА СКАНДАЛОТ НА СКОПСКИОТ…

Во вечерашната вонредна епизода на „Тешки муабети“…

(Фото галерија) Општина Аеродром претворена во змијарник,…

Хаос во населба Мичурин, со месеци никој…

Маж пронајден мртов на клупа во Аеродром

– На 21.07.2024 во 13:34 часот во…