Служиме за мајтап: “Тепачот” Адеми хит во медиумите од регионот
„Бурно во македонскиот парламент“, „тепачка во македонскиот парламент“ „Летаа филџани за кафе и шишиња со вода“, „филџани, амандмани и Див Запад“…
Ова се дел од насловите во регионалните медиуми кои со големо внимание го проследија вчерашниот инцидент во македонското Собрание, во кој поранешниот министер за образование, Арбер Адеми од ДУИ фрлаше предмети кон колегите од опозицијата.
Видеото од инцидентот го објави пратеникот Миле Лефков: „Понижување, насилство и навреди во парламентот, Македонија наместо Европа стана див запад со каубојци на власт“, напиша Лефков на Фејсбук.
Во известувањето од Србија, Хрватска и од БиХ се посочува и дека тројца пратеници од опозицијата биле повредени за време на инцидентот што се случил за време на расправата за правосудниот систем.
– Еден од повредените се здобил со повреди на главата, а двајца ги повредиле рацете – пренесува хрватски „Индекс“.