Смилев: Уште еден планинарски дом (од малкуте кои останаа) отиде курбан во Македонија
Почитувана планинарска и македонска јавност, ве информирам дека од месец ноември престанува да постои Планинарскиот Дом во село Папрадиште.
Она старо, ограбено, заборавено, уништено и повеќе од четири децении напуштено( од сите) поранешно училиште, кое во 2004 година со проект на Светска Банка и со несебично залагање на неколку вљубеници и ентизијасти во планината, блесна во прекрасен ПЛАНИНАРСКИ ДОМ – кој низ децениите стана прибежиште на илјадници планинари од четири континенти.
Тоа е тој планинарски дом кој на почетокот со лупа го бараа низ географските карти, за денес да стане поголем од најмоќното сочиво и без него е незамислива ниту една планинарска и топографска карта.
После 20 години макотрпна работа , нашиот концесиски договор со Општината Чашка истече.
И покрај сите разумни обиди да продолжиме да ја раскажуваме една од најубавите автентични македонска приказни, Општина Чашка преку нејзиниот суверен – градоначалникот во заминување Горан Стојановски еднострано го раскина договорот и ни испорача ОПОМЕНА ПРЕД ТУЖБА пред општината да започне било каква нова процедура за идно концесионерство.
Му се можеше – Согласно устав и закон нели, и согласно неговата позиција, сила и моќ која извира од многу мрачни одаи и сомнителни квази авторитети.
Ретко која убава приказна во МАКЕДОНИЈА доживеала среќен крај. Оти душмански и злонамерно ја уништуваат оние погрешните на кои во континуитет им ја даваме моќта да одлучучуваат за теми кои воопшто и не ги разбираат.
Не е за секое дете џоистик или „даљинско„( читај власт) во рака.
Ти им зборуваш за визија , благоглаголиш за волонтеризам како најмоќна сила во едно општество, а они сироти – само со очињата немоќно трепкаат мачејќи се да те разберат, и го чекаат фрустрирани денот Д за да те избркаат.
Ви звучи познато, нели ?
Нејсе, И тука законски и правно нема никаков прашалник или дилема. Се е чисто. Престојуваш во нечиј дом додека не те избркаат, и не ти кажат дека не те сакаат. Особено ако ти истекол договорот.
Едноставно е, станете од масата каде повеќе не се сервира љубов и заминете си, а оставете ги алчните лешинари, ништовни и трошка карактери меѓусебно да се изедат и да си поплукаат троа во уста додека не ги искинат и оние малку страници кои останаа од оваа прекрасна македонска приказна.
ЕГ ГРИН ПАУЕР како досегашни концесионери и закоравени легалисти кои од мали нозе сонуваме за живот во праведно општество ревносно почитувајќи ги дури и лошите закони , нерадо го примаме овој неправеден закон кој со фаталните измени изгласани од Владата на Груевски во 2014 година, сите објекти во државна сопственост(вклучително и планинарсите домови) им ги пренесе во владение на Општините и на градоначалниците.
Со тоа им се овозможи и на најнеспособните, недоветните, најкорумпираните, па дури и на оние чија деловна способност е доведена во прашање ДА ИМААТ можност со неподнослива леснотија да ставаат потписи и печати, и на тој начин да располагаат и да приватизираат јавни добра.
Дури и за ваков градоначалник – плиткоумен, без грам визија, тотален аналфабет за моќта на планинарскиот потенцијал, безнадежно оттуѓен од природата и планината, окован во својата потпросечна безидејност, ваквиот закон му дојде како џокер во покер за да си ја изигра докрај однапред планираната партија шах.
Ама, не секоја победа и игра ве носи до тронот …тоа најдобро го знае Кралот Пир кој по секој цена сакал победа и на крај останал сам со победата – осуден, понижен и со куп лешеви позади и околу себе.
И така дојдовме до крајот. Толку од приказната за нашиот дом.
Концесијата ни истече, ни дадоа опомена пред тужба, и иако 20 години како за свој дом се грижевме за општинското добро, сепак не бевме доволно вредни и достојни за да ни дозволат да продолжиме, или барем фер да се бориме со сите институционални инструменти кои ни се на располагање.
Или како што јас знам поетски да се изразам – .горат последните искри, убавите човечки енергии создавани 20 години, со молскавичен блесок ќе разгорат други хоризонти и повторно од пепел ќе создадеме љубов некаде на друго место ,оти само така знаеме ….го живееме најубавиот круг на животот – секој почеток има свој крај за уште поубав почеток !
Зошто не бевме вредни ???
– Почнавме од НУЛА следејќи ја глупаво и храбро сопсвената визија за развој на најголемиот планински масив во Македонија – МОКРА.
– За 20 години ИСЦИЦАВМЕ НУЛА ДЕНАРИ општински и државни пари !!!
– Ниту еден денар не е добиен од Општина Чашка за 20 години !!!
– Го создадовме најголемиот волонтерски потенцијал кој направи чуда на падините на Јакупица, Даутица, Голешница и Поречието. Го направивме најубавиот планинарски автопат од Папрадиште кон врв Даутица, кон село Белица Македонски Брод , И кон селата Нежилово и Ореше.
-Вложивме илјадници волонтерски часови со поставени над 130 ориентациони маркациски столбови , стотици флуоросцентни и саморефлекриачки патокази и маркации за ноќно движење, -откривме два извори на вода, -создадовме една планинарска трансверзала ,,
– маркиравме над 50 км планианрски патеки, изградивме од сопствени средства канализација за селото Папрадиште и мини плоштад насред село.
– Ја востановивме во 2005 година и една од најстарите ликовни колонии „Папрадишки Мајстори„
Го (со)чувавме Папрадиште најдобро како што знаеме и умеме, иако многумина дојдоа и се обидоа да му ја ампутираат душата, крвотокот и белите дробови.
Реонот На Даутица денес е еден од најбезбедните и најпосетени региони за планинарење низ која лесно и брзо преку планинарски патеки и трансверзали се стигнува до Скопска Караџица, Македонски Брод, Прилеп, Долнени.
Оној кој барем еднаш престојувал во планина, знае каков животен благослов се маркирани патеки.
И сето тоа отиде курбан со еден потпис, оти ниту еден, повторувам – ниту еден нема да ја продолжи Сизифовската работа да маркира или( пак уште потешко) да ги одржува планинарските патеки. Се ќе биде за неколку години поттурено со пепелот на заборавот.
Им ги оставаме патеките како траен аманет на идните генерации и на некои други идни локални авторитети кои ќе имаат грам повеќе визија од сите досегашни кои досега ги интересираше само приватизација, осветољубие, пари и лукративни интереси.
Независно од натамошната судбина на планинарскиот дом( мотел, хостел, туристичко угостителски капацитет, црковни конаци,центар за ментална рехабилитација) , се надеваме дека нема да ја дели судбината на Александар чие кралство во мигновен трепет беше растурено, ограбено, и уништено( исто такво какво што го начекавме) .
Едно е сигурно , верувајте ми – уште еден планинарски дом( од малкуте кои останаа) отиде курбан во Македонија, а од државната утроба излезе уште еден нов гробар на планинарството.
Јакупица како најголеми планианрски масив во Македонија останува верувале или не, само со еден единствен класичен планинарски дом и тоа во приватна сопственост.
Уште една ваквА ПОБЕДА И ГОТОВИ СМЕ !!
Македонија повторно го слави дното !!!
Ќе се вратиме !!
Ќе победиме !!!
Се гледаме на врвот !!!
П.С.Една од сликите подолу е уникатната порака од нашите последни гости пред да замре СЕ’.
*Објава на Фејсбук на Игор Смилев
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Смилев: Уште еден планинарски дом (од малкуте…
Почитувана планинарска и македонска јавност, ве информирам…