Современите демографски политики се стремат кон олеснување на родителството, а не кон казнување на немањето деца

t

Во пет години истражување пронаталитетски политики во Европа, не наидов на даноци за невенчани. За такви политики треба да се копа подлабоко, во некои неубави времиња и уште понеубави режими.

Имањето потомство носи позитивни екстерналии за економијата и општеството и затоа треба да биде олеснето од државата, а идеално и стимулирано. НО, сите современи демографски политики (дури и најдесничарските) се стремат кон олеснување на родителството, а не кон казнување на немањето деца.

Секој даночен обврзник (родител или не) на среден до долг рок има ќар ако наталитетот се зголеми, или ако неговото намалување барем се забави. Оттука, *сите* треба – во разумна мера – да придонесуваме финансиски кон таа цел, а не да го фрламе товарот на грбот на една општествена група.

Патем, иако бракот е институцијата која резултира со најмногу деца, но и (генерално) со најдобри животни исходи за нив, врската меѓу неа и наталитетот е малку посложена. Класичниот исклучок е источна Германија, која пред падот на Берлинскиот ѕид, има помалку бракови, повеќе абортуси и *повисок наталитет* од западна Германија. По реобединувањето, бројот на браковите кај „источњаците“ се зголемува, но наталитетот им паѓа не само под оној на „западњаците“, туку и под едно дете по глава на жител (понизок од денес).

Не е сосема аналогно, секако, но поентата е дека општествените трендови, вклучително и одложувањето или избегнувањето брак, се тие што се. Наталитетот е малку поинтересен, бидејќи луѓето во Европа сакаат повеќе деца отколку што имаат – секој втор човек вели дека, во идеални услови, би имал едно дете повеќе. Задачата на политичарите е тоа да им го овозможат *во рамките на постоечките општествени трендови*, а не да се обидуваат – бадијала – да го враќаат времето наназад, или во ним подобна идеолошка насока.

Поддржувам пронаталитетска политика во Македонија и се надевам дека денешната изјава е пробен балон, а не најава за мерка. Но, ако изборот е меѓу ништо и некоја ваква монструозност наспрема која дури и фијаското со „трето дете“ би било мала беба (pun intended), подобро е да си седиме мирни.

Кристијан Фидановски

Автор на докторска дисертација “Пронаталистички ориентации и импликации – Големината и формата на детските бенефиции во Европа” на универзитетот Оксфорд

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Современите демографски политики се стремат кон олеснување…

Во пет години истражување пронаталитетски политики во…

Лукаревска: СДСМ предлага 934 милиони денари поддршка…

Пратеничката на СДСМ Сања Лукаревска во рамките…

Не сакам да бидам маша во сценарио…

Актуелниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов нема…

Сопругата на Апасиев: Кога ќе заебеш дебело…

Обично, кога ќе за**реш дебело ко бришење…

Словенија одлучува: Или остануваме и ја плаќаме…

Откако денес загуби на парламентарното гласање на…