Сотировски: Касами нема право да прогласува почесни граѓани – Ќе предложам за таков да се прогласи Тодор Скаловски, авторот на музиката за нашата химна!

t

Откако денеска тетовскиот градоначалник Биљал Касами донесе одлука да го прогласи Рифат Јашари, братот на загинатиот водач на косовската ОВК, Адем Јашари, за почесен граѓанин. Касами таквиот чин го нарече „празник за Тетово“ и по тој повод градот вриеше од албански знамиња.

На ваквата одлука реагира директорот на Комисијата за односи со верски заедници, Даријан Сотировски.

Сотировски, кој по професија е правник, аргументира дека Касами нема право да прогласува почесни граѓани во ситуација како актуелната, кога е распуштен општинскиот совет.

„Прогласувањето на човек за почесен граѓанин на некој град треба да биде ден за радост на сите негови жители, вистинско оддавање на почит за немерливите и трајни заслуги, да ја одразува неговата кохезивна компонента, особено во општества како нашето. Тоа не значи дека тој не може да произлегува и биде гордост на само една култура, туку дека мора да ужива почит и од сите други“, напиша Сотировски на Фејсбук.

„Општина Тетово барем досега не се води по овие критериуми и прогласува почесни граѓани не како одлика на највисока чест, туку како политички инструмент. Како правник, ги разгледав јавно достапната Одлука и законските одредби и утврдив дека градоначалникот нема законско право да донесе ваква Одлука, бидејќи истата ја донел согласно чл.77, ст.1, а во врска со чл. 36, ст.1, т.15 од Законот за локална самоуправа. Но, токму чл.77 изрично му го иззема од надлежност одлучувањето по чл.36 во услови кога Советот на Општината е распуштен“, вели тој.

Сотировски најави дека како граѓанин ќе поднесе предлог за почесен граѓанин да биде прогласен академик Тодор Скаловски, авторот на музиката за химната, „Денес над Македонија се раѓа“.

„Доколку општината тврди дека постапила основано, јас уште следната недела сум подготвен како граѓанин да доставам писмен предлог до градоначалникот за почесен граѓанин на Општина Тетово постхумно да го прогласи академик проф. д-р Тодор Скаловски-Тетоец, композиторот на македонската химна ,,Денес над Македонија”, основоположникот на Македонската филхармонија, Македонската опера и балет, Македонското радио, првиот професионален хор, автор на голем број композиции, патриот и активен учесник во НОБ, со немерлив придонес за Македонија и Тетово, личност која ќе даде вистинска тежина на честа да се биде почесен граѓанин“, напиша Сотировски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ