Софијанова: Не можев сама да си пишувам дежурства – Си дадов оставка од морал
Социјалните мрежи плетеа мрежа што се случувало и како. Од друга страна, јас имам морал во себе и сметав дека подобро е да дадам оставка. Ова што го направив ќе покаже времето дали е добро или лошо, меѓутоа чувствував внатрешна морална одговорност да го направам тоа, изјави синоќа поранешната директорка на Клиниката за детските болести, д-р Аспазија Софијанова.
Таа информира дека двапати била на чело на Клиниката.
-Ниту една директорска функција не може да биде посилна од онаа што се вика лекар. Ако вие останете лекар и ја имате довербата кај пациентите и родителите, мислам дека посилно од тоа нема. Треба да создаваме здрава нација во оваа држава, каде дефицитот на педијатри е се поголем, рече Софијанова во емисијата „Топ тема“.
Сега веќе поранешната директорка истакна дека имала најмногу до четири дежурства на Клиниката во текот на еден месец.
-Шест луѓе се менувавме и „24-ки“ дежуравме. Сите колеги кои беа инволвирани имаат посебни вештини. Не можам да пишувам повеќе дежурства, бидејќи внатре во системот тоа го прави административна служба. Има човек кој ги води тие работи. Тие дежурства се внесуваат во ИТ-систем кој што е во благајна и само благајникот го контролира, рече меѓу другото докторката.