Според Календарот на МПЦ, денес се празнуваат овие светители
Свети Партениј, епископ Лампсакиски
Син на некој ѓакон од градот Мелитопол. Уште како дете добро ги помнеше зборовите на Евангелието и се трудеше да ги исполни. Се насели покрај едно езеро каде што ловеше риба, ја продаваше и им делеше на сиромасите. По Божја Промисла го избраа за епископ Лампсакиски. Го очисти градот од незнабоштвото, ги затвори идолопоклоничките храмови, изгради многу цркви и го утврди благочестието. Со молитва лечеше секаква болест, а особено имаше власт над злите духови. Еднаш кога сакаше да изгони зол дух од некој луд човек, злиот дух го молеше да не го изгонува. „Ќе ти дадам друг човек; во него влези и живеј“, му рече Партениј. „Кој е тој човек?“, праша демонот. „Јас сум“, одговори светителот. „Влези и живеј во мене!“ Кога го слушна тоа демонот побегна како од оган викајќи: „Кај можам да влезам во Божјиот дом?!“ Свети Партениј поживеа долго и својата обилна љубов кон Господ и кон луѓето ја покажа на дело. Во вечниот покој на Христос се пресели во 6 век.
Тропар
Исцелението на немоќните, бедните, ранетите, паднатите, не престанува ни денес по твоите свети молитви, о Партение, пријателу на Бога Живиот, ти кој со благодатта Христова и мртви воскреснуваше, моли се до крајот на времињата, подигнувања да добиваме на патот на нашето преумување.
Преподобен Лука Еладски
Родум од Касторија. Уште како дете никогаш не сакаше да вкуси месо и сиот живот го минуваше во чистота и молитва. Еднаш појде на нива со семе жито за да сее. Но патем поголемиот дел им го раздаде на сиромасите, а помалиот што му преостана го посеа. Даде Бог и од тоа малку семе се собра поголем род одошто порано кога го сееше целото количество. Потоа Лука побегна од својата мајка вдовица во манастир. Нажалена мајка му Го молеше Бога да ѝ ја објави тајната каде ѝ се наоѓа синот. И Бог ја услиши нејзината молитва. Игуменот на оној манастир три ноќи едно по друго ја сонуваше една жена како остро го напаѓа што ѝ го зеде синот единец. Тогаш игуменот му нареди на Лука веднаш да оди кај мајка му. Лука отиде, се виде со мајка му, но пак си замина, овој пат бесповратно. Живееше во покајание на т.н. Јованова Гора. Ноќе Му се молеше на Бога, а дење работеше во градината и на нивата не заради себеси, туку за сиромасите и посетителите. Се хранеше само со леб од јачмен. Бог му даде дар на чудотоворство. Се упокои мирно во Господ во 946 година. Од неговите мошти одвреме навреме течеше миро.
Преподобна Мастридија
Живееше во Ерусалим во строг подвиг. Еден млад човек се загледа во неа и почна да ѝ здодева. За да се спаси и себеси и тоа момче од грев, Мастридија зеде едно лонче со малку наквасен грав и се оддалечи во пустина. Во пустината помина седумнаесет години и за сето тоа време, со Божјата благодат, не ѝ снема грав ниту ѝ оветве фустанот. Се упокои мирно околу 580 година.
Илјада и тројца маченици во Никомидија
Пострадаа во времето на Диоклецијан.
Тропар
Жртва жива благодарна на Бога принесовте, о Христови маченици, за отпуштање на гревовите, за спасение на сите, за смелост пред Него – која Он ја прими, и сега нe милува по вашите молитви. Затоа, пофалби и поклонение од нас примете, кои Бога преку вас Го прославуваме.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Британците сакаат да се вратат во ЕУ
Повеќе од половина од граѓаните на Велика…
ЦУК: Во текот на вчерашниот ден имало…
Центарот за управување со кризи објави дека…
Земјотрес во Македонија
Земјотрес со јачина 2,4 степени по Рихтер,…
Врховниот судија Наќе Георгиев признал вина
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран…
Стејт департментот е запознат со апсењето на…
Властите во САД се запознаени со извештаите…